„Градот во мене“ е изложба на дела од најновиот циклус од реномираниот автор м-р Александар Џинго, која е отворена во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Насловот, според Бранче Трајкоски, е потребно да се разбере како метафизичка состојба на уметникот апсорбирана од идејни простори и мисловни процеси, референтни со општочовечката универзална душевна внатрешност, давајќи ѝ на ограничувачката реалност еден возвишен естетски израз на постоење.
– Делата комуницираат со историското во уметноста преку академскиот реализам, а со актуелното, преку современата апстракција – и така создаваат моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам. Разложувањето на класичната композиција до апстрахирана форма и пресоздавањето на формата од хаосот на распрснатите капки и експресивни потези објавуваат емотивни тонови на носталгија и енергична надеж за раѓање нова убавина. Процесот на создавање деконструирани ликови е начин за разоткривање на човечката душа преку пресеците на фигурата врз органски апстрахираната заднина на кадрите – вели Бранче Трајкоски за делата од уметникот.
Александар Џинго завршил ФЛУ во Скопје, каде што и магистрирал ликовна графика. Творечкиот опус на Џинго опфаќа повеќе дисциплини, а покрај графиката како примарна вокација, тој со еднаков авторитет ја истражува и ја негува креативноста преку сликарството, модниот дизајн, костимографијата, градејќи препознатлив уметнички дизајн. Авторски печат има оставено и на театарски и филмски костимографии, дизајн на корици на книги, илустрации, а има реализирано и мурали и други уметнички проекти. Ка.М.