Во „Котур“ е отворена изложбата „Со сите наши чворови“ на Крсто Глигорјадис, чија кураторка е Наде Циева.
– Оваа изложба се надоврзува на делото „Распарчено тело“ на Глигорјадис, со тоа што ја материјализира метафичката и телесна траума преку визуелно и тактично доживување. Овие дела ја отсликуваат релацијата на телото со духот во целост, прикажувајќи ја нивната спона, како и резултатот на нивното отуѓување – велат од „Котур“.
Крсто Глигорјадис е мултидисциплинарен уметник што во својата пракса ги истражува темите за машкост, телесност и идентитет преку темелна анализа на нивната историја од денешна гледна точка. Неговиот истражувачки и креативен процес е интроспективен, чиј производ се анахрони и полисемични дела што се темелат на побивање на општествените норми и очекувања. Делата на Глигорјадис ѝ овозможуваат на публиката да се сретне со сопствените скриени инхибиции преку чин, ритуал на соочување и константно преиспитување на истите тие. Овој ритуал на самооткривање надвор од општествените и временски рамки има цел на ослободување преку одмотување на јазлите.
































