Јубилејниот 35. „Интерфест“ – Битола ќе биде свечено отворен вечерва, во 20 часот, во Центарот за култура – Битола, со балетската претстава „Шехерезада“ во изведба на Националната опера и балет.
– Извонредниот балетски ансамбл и солистите Наташа Трендафилова-Гицев и балетскиот првенец од Унгарија Балаж Лочеи ќе ја доловат бајковната атмосфера на приказните од „Илјада и една ноќ“. Безвремената музика на рускиот композитор Николај Римски-Корсаков на самиот почеток, со занесното виолинско соло, ја најавува атмосферата на љубов, страст, невера, одмазда. Истата вечер ќе биде отворена изложбата „Современа италијанска графика и цртеж“ – најавува уметничката директорка на фестивалот, Милица Шперовиќ-Рибарски.
Втората вечер, на 3 октомври, пијаното „безендорфер гранд концерт 280“ ќе се огласи во Офицерскиот дом под рацете на легендарниот италијански пијанист Бруно Канино. Волшебникот на пијаното Канино, со традиционалната италијанска елеганција, рафинман и бравура, ќе ни ги пренесе чистотата и едноставноста на италијанската музика, преку делата на Скарлати, Клементи и Петраси, како и фантазмагоричните слики и соништа во Прелудиумите на Клод Дебиси. Под диригентската палка на Клаудио Абадо и Пјер Булез, Бруно Канино настапувал со Берлинската и Њујоршката филхармонија, Филхармонијата на Миланска скала, Францускиот национален оркестар, Оркестарот на Филаделфија. В недела, на 4 октомври, со концерт во Офицерскиот дом, македонскиот виртуоз Кирил Рибарски ќе го одбележи своето 60-годишно уметничко дејствување на концертната сцена придружуван од ансамблот „Макбрас“. Поетот на тромбонот, чиј тромбон според музичката критика „пее, плаче, раскажува, се смее“, настапил во 46 земји на пет континенти и е единствениот инструменталист кому му се посветени 56 композиции од домашни и од странски автори. На Рибарски ќе му се придружат десет брас-музичари со кои преку избрани бисери од класичната музика (Бетовен, Шуберт, Пиацола, Д. Ѓаконовски-Шпато) ќе ги прикаже целата убавина, топлина, сонорност и моќ на лимените инструменти. Дуото „Кларинети“, Рафаеле и Никола Бертолини, ќе настапи во 20 ч. во Офицерскиот дом в понеделник, на 5 октомври. Истата вечер, на 5 октомври, од 21 часот битолската публика ќе може да го проследи концертот „Подиум на млади“, на кој ќе настапат талентирани ученици од различни класи на Државното музичко училиште на Битола. Во вторник, на 6 октомври, публиката е поканета да ја проследи театарската претстава „Чорбаџи Теодос“ во салата „Благој Стефановски“ на Народниот театар Битола.Режисер на претставата е Дамјан Димовски, сценограф Валентин Светозарев. В среда, на 7 октомври, публиката ќе има можност да го проследи концертот на реномираното македонско „Дуо Кировски“, кое веќе долги години со голем успех е присутно на македонските и меѓународни сцени. Извонредните музичари, виолинистот Љубиша Кировски и пијанистката Маја Шутевска–Кировска се посветиле на заедничкото музицирање во импресивно виолинско дуо, кое се усовршувало на академиите во Варшава и во Лозана. Пијанистичкото дуо од Италија „Мел Бонис“ носи несекојдневна програма под наслов „Женски визии“. Пијанистките Вера Лицио и Дијана Нокиеро на својот концерт на 8 октомври во Офицерскиот дом ќе ни ја откријат воодушевувачката музика од Сесил Шаминаде, Мел Бонис, Мари Жаел и од Фани Менделсон. В петок, на 9 октомври, ќе се одржи Концерт на француска музика, на кој ќе настапи Иг Леклер, продуховен толкувач на музиката на Клод Дебиси и Морис Равел. На 10 октомври следува концерт за свечено затворање на 35. „Интерфест“ – Битола. Националниот Камерен оркестар на Битола раководен од диригентот Владимир Димовски ќе изведе едно од најзначајните симфониски дела на Волфганг Амадеус Моцарт: Симфонијата во Г-мол бр. 40. Солист на концертот е реномираниот виолинист Емир Имеров. С.Ј.
































