ЗА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО 2028 ГОДИНА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС
- Од Атланта, штафетата ќе помине покрај значајни знаменитости и ќе посети низа културни и спортски настани, при што се планирани посебни прослави во одбрани градови, пишува ИОК
Атланта е потврдена како прва станица во САД за штафетното носење на олимпискиот факел за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, кое ќе ги опфати сите 50 американски сојузни држави, информира Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Атланта е градот домаќин на претходните ЛОИ одржани во САД, пред 30 години, со што ќе се поврзе наследството од Игрите во 1996 година со ентузијазмот за ЛОИ 2028, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Од Атланта, штафетата ќе помине покрај значајни знаменитости и ќе посети низа културни и спортски настани, при што се планирани посебни прослави во одбрани градови, пишува ИОК.
Целосната маршрута ќе биде објавена во 2027 година. Почетокот на штафетата е предвиден за пролетта во 2028 година, а на крајот ќе пристигне на церемонијата на отворање на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Дополнителни детали за градовите, номинациите за носители на факелот и за други активности поврзани со штафетата ќе бидат објавени во наредните месеци.
ЛОИ 2028 треба да се одржат од 14 до 30 јули 2028 година, по што ќе следуваат Параолимписките игри од 15 до 27 август 2028 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Г.И.
































