РИСТОВСКИ НА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДИСКАТА КОМИСИЈА НА ЦЕВ, ДИ ЏАКОМО
Министерот за спорт Борко Ристовски оствари средба со претседателот на Судиската комисија на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Артуро ди Џакомо, кој утре во Скопје ќе биде специјален гостин предавач на Семинарот за судии и делегати во организација на Судиската организација (СО) при Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). На средбата присуствуваа и генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски, како и претседателот на СО, Влатко Ристовски, и членот на ПСО, Јосип Христов, пишува во соопштението на Министерството за спорт.
– Европските искуства и знаења се важен придонес за развојот на македонската одбојка и унапредувањето на професионалните стандарди. Континуираната едукација на судиите и делегатите е од големо значење за поквалитетни натпреварувања и усогласување со европските стандарди. Министерството за спорт останува посветено на поддршката на иницијативите што придонесуваат за развој на одбојката, унапредување на стручниот кадар и размена на знаења и искуства со европските спортски институции – изјави министерот Борко Ристовски, пренесе Министерството за спорт.
Како прв човек на Европската судиска комисија, Артуро ди Џакомо утре во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје ќе одржи предавања за новите официјални правила на одбојката, кои беа тестирани во текот на летото, а ќе почнат да се имплементираат во новата натпреварувачка сезона, пишува во соопштението на Министерството за спорт. Г.И.
































