Анализа
- Полскиот предлог за „одржување воени вежби во близината на Калининград“ открива нешто поважно од само уште едни „воени маневри на источниот крај на Европа“. Варшава и Брисел сакаат „Москва да почувствува дека руските сили не можат неограничено да се концентрираат во Украина“. Но, во исто време, секој дополнителен воен маневар околу руската енклава Калининград го зголемува ризикот од погрешно прочитан сигнал од Москва, што може да биде иницијална каписла за некоја посилна „детонација“…
Идејата што ја пласира полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски за големи воени маневри во близината на Калининград одекна како „бомба“ во политичката јавност на Европа, па и на светот. Неочекувано за јавноста, наместо деескалација во тој регион на Европа, најавата за демонстрација на „мускули“ од Полска, ЕУ и НАТО придонесе за нова можна ескалација што се движи „по работ“.
Логиката на изјавата на полскиот министер Сикорски
Според воените аналитичари со кои се консултиравме, воената логика на полското размислување (и на НАТО, се разбира) е раздвојување на руските сили на два фронта, на украинскиот и на калининградскиот, при што разводнувањето на воените сили и евентуалната концентрација на руската армија во регионот на Калининград ќе придонесат за ослабување на Русија на украинскиот фронт.
– Имено, ако Русија мора да размислува за тоа дека некој му се заканува на Калининград (на пример, со воени маневри), тогаш Москва ќе мора да држи повеќе сили подготвени на Балтикот што гравитираат кон калининградската руска енклава, наместо сите расположливи ресурси да ги насочува кон Украина. Тоа е класичен принцип на воена стратегија, противникот да биде принуден да ја распоредува својата сила на повеќе места – велат нашите соговорници, воени аналитичари и поранешни носители на највисоки чинови во АРМ.
Ризикот што го носат евентуалните воени маневри на Полска
– Калининград не е периферна руска територија, која може да се третира како уште една точка на европската карта. Тој е руска ексклава меѓу Полска и Литванија, опкружена од земји членки на НАТО и географски поставена во еден од најчувствителните простори на европската безбедносна архитектура. Токму во тоа се крие и ризикот.
Оттаму, секој воен сигнал испратен кон Калининград има тежина поголема од самата воена вежба. Москва може да го прочита како сериозна намера, а не како „тактички маневар“. А разликата меѓу тие две толкувања, во услови на воена конфронтација, може да биде огромна – велат нашите соговорници.
Полскиот министер Сикорски во својата изјава тргнува од процената дека „руското воено присуство во Калининград е значително намалено во однос на периодот пред инвазијата врз Украина, односно дека дел од копнените сили и опремата биле префрлени кон украинскиот фронт.
– Русија војува на еден фронт и со тоа ослабува дел од своето воено присуство на друг. Тоа создава вообичаен стратешки парадокс. А сега, Полска, пак, во тоа гледа можност за зголемување на притисокот. Но намаленото присуство на копнени сили не значи дека Калининград ја изгубил својата стратешка важност. Географијата останува иста. Воената инфраструктура останува. А политичкото значење на енклавата останува можеби уште поголемо отколку пред неколку години. Токму затоа на предлогот на Варшава треба да се гледа пошироко од само идеја за воена вежба. Тој е дел од новото европско размислување според кое Украина не е изолиран конфликт на источната граница на Европа, туку централна точка околу која се редефинира безбедносната политика на цел континент – анализираат нашите соговорници, воено-безбедносни експерти.
Брисел ѝ наметна перцепција на Варшава дека е на првата линија на фронтот
– Воинствените либерални елити од Брисел наметнаа став и ја уверија Варшава дека Полска е меѓу земјите што први и најдиректно ќе ја почувствуваат руската закана, имајќи го предвид фактот дека од едната страна е Белорусија, од другата е руски Калининград, а на југ е Украина. Зад сите овие географски точки стои прашањето за идниот однос меѓу Русија и НАТО. И затоа, на Варшава и на полските граѓани Брисел постојано им го наметнуваше ставот дека „таа не го брани само сопствениот простор“, туку е на источното крило на НАТО и ја брани цела Европа. И програмата „Источен штит“ (East Shield), со која Полска гради и зајакнува одбранбени капацитети по должината источната граница, е дел од истата логика. Европа, по концептот на либералните бриселски елити, одамна е влезена во филм во кој гради некаква фортификација од бетон, сензори, ровови, противтенковски системи, дронови и нови воени планови – анализираат нашите соговорници, поранешни високи воени лица во АРМ.
Тие додаваат дека тоа е голема промена во однос на оптимизмот од времето по завршувањето на Студената војна. Тогаш европските држави веруваа дека економската меѓузависност постепено ќе ја потисне логиката на големата воена конфронтација.
Во милитантно накострешениот Брисел, Калининград добива посебна улога
Калининград е географски мал, но стратешки голем. Од една страна, за Москва претставува важен пункт за проекција на сила во Балтичкиот Регион. Од друга, за Полска и балтичките членки на НАТО претставува потенцијален извор на воена закана непосредно до нивните граници. Затоа секое поместување во односот на силите околу Калининград се следи внимателно.
– Но постои една суштинска дилема. Колку повеќе НАТО покажува дека може да врши притисок во непосредната близина на руската територија толку повеќе Москва има причина да ја засилува сопствената воена подготовка. Така се создава спирала. Едната страна ја зголемува подготвеноста за да ја убеди другата дека не треба да нападне. Другата ја зголемува подготвеноста затоа што првата станала посилна. И токму така настануваат најтешките безбедносни дилеми.
Никој формално не сака војна, но сите се подготвуваат за неа. Никој не сака ескалација, но сите сакаат нивниот противник да верува дека се подготвени да одговорат на ескалација. Калининград затоа не е само руска енклава на Балтикот, тој е тест за тоа колку долго Европа може да ја одржува таа логика на која се придржува Брисел, без да наседне и да биде вовлечена во“логиката на директна конфронтација“- анализираат соговорниците.
Предлогот на полскиот министер Сикорски има уште една важна димензија
Ако Русија навистина мора да прераспоредува сили поради воени активности на НАТО во близината на Калининград, тогаш украинското бојно поле индиректно се проширува, според нашите соговорници.
– Проширувањето на украинското боиште би било можеби најголемата промена во европската безбедност од почетокот на војната. Фронтот одамна повеќе не мора да биде линија што може да се види на карта. Фронт може да биде и воена вежба, може да биде распоредување сили, може да биде логистички коридор, може да биде воздушен простор, може да биде на пример и Балтичко Море, а секако би можел да биде и Калининград. Оттаму и суштинското прашање што го отвора полскиот предлог за воени маневри што би гравитирале кон Калининград не е „дали НАТО треба или не треба да одржува воени вежби“. Прашањето е колку далеку може да оди политиката на „блефирање“, која со воен оперативен речник се нарекува – „политика на одвраќање“, а пред да почне да го произведува токму она што сака да го спречи. Да, се разбира дека е тоа прашање на стратегија, ама е прашање и на политичка процена. Зашто кога големите сили почнуваат да комуницираат преку воени маневри, секој сигнал има најмалку две можни толкувања. Едното што го испраќа страната што го создава и другото што го чита страната кон која е упатен. Историјата покажува дека токму во просторот меѓу тие две толкувања најчесто се појавува опасноста – анализираат педантно нашите соговорници, експерти од воено-безбедносната област. Р.С.
Уреднички став
Брисел и Варшава да не си играат со провоцирање нова војна
- Ако целта на воените вежби е да се „дислоцираат“ руски сили од Украина на друга локација (потенцијално боиште), тогаш мора да се постави едно просто прашање. Имено, што се случува доколку Москва тој потег (на Полска или на Брисел или на НАТО) го прочита не како маневарски блеф, туку како подготовка за поширока конфронтација? Тогаш веќе не зборуваме за игра, туку за механизам на ескалација
- Пораката до европските јастреби во неолибералните политички кругови, до бриселските елити и особено до оние во Полска треба да биде
јасна: Не играјте си со војна за да покажете решителност. Не провоцирајте за да видите дали ќе бидете провоцирани. Нам, на преостанатите земји во Европа, не ни треба тоа. Особено на нас помалите. Во нуклеарна Европа, храброста не се мери со тоа кој може погласно да се закани, туку со тоа кој има доволно политичка одговорност да ја спречи кризата пред таа да стане војна
Ниту Варшава ниту Брисел не смеат да ја третираат војната како некаква „геополитичка игра“ во која секој потег може да се повлече како и кога се сака…
Просторот меѓу Калининград, Белорусија, Полска и Литванија не е место за неодговорно тестирање на границите на ризикот. Тоа е еден од најчувствителните делови на европската безбедносна архитектура. Таму една воена вежба може да биде протолкувана како подготовка за напад, едно распоредување сили може да биде протолкувано како закана, а еден погрешно проценет потег да отвори спирала што никој повеќе нема да може лесно да ја запре.
Затоа европските политички елити, а особено оние во Варшава и во Брисел, треба добро да размислат што всушност произведуваат со реториката на постојано зголемување на военото присуство и со стратегијата на намерна неизвесност кон Москва.
Сигурноста не се гради така што противникот постојано го убедувате дека треба да се плаши од вашиот следен чекор.
Ако целта на воените вежби е да се „алоцираат“ руски сили од Украина и да се ослабат актуелните руски сили во Украина, тогаш се поставува и прашањето што се случува ако Москва истиот потег го прочита не како воено-политички блеф, туку како подготовка за поширока конфронтација.
Тогаш веќе не зборуваме за „игра на тронови“. Зборуваме за спирала на ескалација.
Таканаречениот Сувалкиски коридор во таква криза не би бил само линија на карта. Тој би можел да стане точка околу која ќе се судрат спротивставени процени, стравови и воени планови. А кога воена сила ќе почне да дејствува врз основа на најлошото сценарио за намерите на другата страна, просторoт за дипломатска грешка станува опасно мал. Затоа пораката до европските јастреби во неолибералните политички кругови, до бриселските елити и особено до оние во Полска треба да биде јасна: Не играјте си со војна за да покажете решителност. Не провоцирајте за да видите дали ќе бидете провоцирани. Нам, на преостанатите земји во Европа, не ни треба тоа. Особено на нас помалите. Во нуклеарна Европа, храброста не се мери со тоа кој може погласно да се закани, туку со тоа кој има доволно политичка одговорност да ја спречи кризата пред таа да стане војна.
Кога една страна сака противникот да биде „несигурен што ќе направиме“, а другата страна токму таа неизвесност ја чита како закана, тогаш никој повеќе нема целосна контрола врз динамиката. А тогаш, навистина, „ѓаволот може да ја однесе шегата“.
Европа веќе има доволно причини за страв. Не ѝ требаат политичари што од стравот ќе прават стратегија, а од ризикот ќе прават политика. На континентот што двапати во XX век плати огромна цена за воени пресметки, најопасната заблуда би била дека големата војна е невозможна само затоа што никој формално не ја посакува. Воена сила може да ја спречи војната само ако е придружена со дипломатија, комуникација и механизми за деескалација. Без нив, истата сила може да стане токму механизмот што ќе ја донесе војната до европскиот праг.
































