Сотирис Минас и неговата солидарност со Македонците
- Во своите истражувања, Минас се соочил со суровата вистина за грчката државна политика кон малцинствата: „Кога имав 25 години и почнав да ги истражувам тие работи, знаев дека во Грција секој што зборува за други јазици, други идентитети и малцинства, се смета за непријател на заедницата и на државата“. Тој потсетува на замолчениот попис од 1951 година: „Според документите, тогаш се прогласило дека само 46.000 луѓе зборуваат ‘славомакедонски’. Но тоа не е вистина. Дури и денес, според разни организации за малцински права, бројот на луѓе што зборуваат македонски во Грција е повеќе од 200.000. А во 1951 година сигурно бил повеќе од половина милион“
Сотирис Минас е грчки интелектуалец што го избра македонскиот јазик како свој поетски израз – избор што сам по себе е чин на храброст и културна солидарност. Неговата стихозбирка „Раскинување на договорот“ не е само книжевно дело туку и духовен манифест: лична исповед што се претвора во културен отпор против молкот, против административното бришење и против негирањето на македонскиот идентитет. Во неговите стихови се преплетуваат личната траума и колективната болка на Македонците, создавајќи мост меѓу два света – светот на еден Грк што се осмелил да го научи и да пишува на јазикот што во неговата земја бил забранет и светот на едно малцинство чие постоење со децении било потиснувано. Таа поезија е сведоштво дека јазикот не е само средство за комуникација туку и простор на отпор, на меморија и на идентитет. „Раскинувањето на договорот“ е повеќе од метафора – тоа е чин на ослободување од наследените предрасуди и од стравот, но и повик за признавање на правото на постоење. Во разговор за Македонското радио, Минас открива како неговата лична приказна се спојува со историската судбина на Македонците и како неговата поезија станува живо сведоштво за тоа дека културната припадност не може да се избрише со молк или со политички договори.
Грк што го избра македонскиот јазик и неговата исповед
Сотирис Минас, грчки интелектуалец и поет, е редок пример на човек што свесно го избрал македонскиот јазик како средство за својот творечки израз. Неговата приказна е повеќе од лична – таа е сведоштво за културна солидарност и отпор против молкот што со децении го опкружува македонското малцинство во Грција.
– По толку истражување, не знаев каде ќе ме одведе тоа. Првиот пат дојдов во контакт со Македонци од малцинството што живеат во рамките на грчката држава. Бев длабоко трогнат од нивните приказни – лични сведоштва што претходно ги знаев само од библиографијата, од блогови и записи за прогонството. Но кога ги слушнав лично, тоа ме потресе. Толку силно се поистоветив со нив што се чувствував како и јас да сум бил прогонет – вели Минас.
Тој не застанал само на сочувство.
– Кај мене не се создаде само сочувство туку и длабоко поистоветување. Толку силно беше тоа чувство што посакав да го научам нивниот јазик – за да бидам поблиску до нив, за да почувствувам како е да си прогонет – истакнува тој. Минас објаснува дека учењето на македонскиот јазик за него не било случајна одлука, туку свесен чин на приближување кон една реалност што во неговата земја била систематски криена.
– Сфатив дека учејќи го јазикот, не учам само зборови и граматика туку навлегувам во еден свет за кој во мојата земја немав доволно знаење – ниту по историја, ниту по географија за Македонија – додава Минас.
Во своите истражувања, Минас се соочил со суровата вистина за грчката државна политика кон малцинствата: „Кога имав 25 години и почнав да ги истражувам тие работи, знаев дека во Грција секој што зборува за други јазици, други идентитети и малцинства се смета за непријател на заедницата и на државата“. Тој потсетува на замолчениот попис од 1951 година: „Според документите тогаш се прогласило дека само 46.000 луѓе зборуваат ‘славомакедонски’. Но тоа не е вистина. Дури и денес, според разни организации за малцински права, бројот на луѓе што зборуваат македонски во Грција е повеќе од 200.000. А во 1951 година сигурно бил повеќе од половина милион“.
Иако државата ги скрила резултатите за Македонија, Минас нагласува дека постоело официјално признание: „Тогаш, при пописот, резултатите за сите области на Грција беа објавени – освен за Македонија. Но државата не обрна внимание дека и во Трикала, во централна Грција, луѓето се изјасниле дека зборуваат македонски. Така што, иако не ги објавија резултатите за Македонија, официјално се појави признание дека постои јазик што не е грчки – македонскиот“.
Наративот за „украденото име“ и македонските песни
Минас сведочи и за долгогодишната пропаганда во Грција околу македонскиот идентитет и јазик. Според него, медиумите и образовниот систем создале перцепција дека Македонија е „измислена творба“ и дека јазикот на Македонците не постои.
– Мислеа дека „јужната Југославија“ го украла името Македонија, бидејќи е географски блиску. Дека ние сме „вистинските Македонци“, а јазикот на тие луѓе е измислен. Медиумите бомбардираа со карти на „голема Македонија“ и создаваа впечаток дека тие од најјужниот дел на Југославија го користат името само за да го освојат Солун – вели Минас.
Иако денес ситуацијата е нешто подобра, тој нагласува дека кај многу луѓе – особено кај оние со помало образование – останува истиот наратив: дека Македонците „украле“ нешто што не им припаѓа.
– Во многу села се прават панигири, каде што се собираат луѓе, играат и пеат македонски песни. Но главната пропаганда е дека тие песни се „еретички“. Ако се спомне Македонија од страна на луѓе што зборуваат словенски, тоа се смета за опасно. На пример, песната „Каде сте Македончиња“ – која зборува за бегалците од Граѓанската војна – се смета за еретичка – додава Минас.
Тој посочува дека постојат и прогресивни луѓе, анархисти, кои со иронија велат дека ако постои Македонија, тогаш Александар Велики бил Словен и зборувал словенски.
– Такви работи – медиумите постојано нè бомбардираат со нив – вели тој.
Минас ја опишува и личната атмосфера во различни градови: „Јас живеев во Лариса, и тоа беше важно – таму можеш да разговараш со луѓето. Но во Солун, за жал, не можеш“. Во својата анализа тој ја нагласува и улогата на образовниот систем: „Во Грција се пропагандираше дека македонскиот јазик е измислен по независноста. Академски образованите луѓе го повторуваа тоа, а едноставните луѓе ниту знаеја. Така остана впечатокот дека името Македонија е нова творба“.
– Ако направите една анкета, мислам дека не повеќе од 20 отсто од луѓето во Грција знаат кој бил Тито. А замислете колку е тешко да зборувате за Тито и за македонскиот јазик во исто време – заклучува Минас.
Македонскиот јазик е еден јазик и така се вика – за бугарската блокада
Грчкиот интелектуалец и поет остро реагира и за односот на Бугарија кон македонскиот јазик и идентитет. Во интервју за Македонското радио, тој вели дека блокадата на патот на Македонија кон Европската Унија е неприфатлива и ја нарекува „фашистички став“.
– Ако ме ставите во позиција како Грк – ќе ви кажам искрено: многу ме нервира односот на Бугарија кон македонскиот јазик и идентитет. Последните години тие го блокираат патот на Македонија кон Европската Унија. Немам ништо против бугарскиот народ, но сум изнервиран од нивната власт – изјавува Минас.
Според него, барањето Македонците да признаат дека се Бугари е политичка битка за идентитет, а не лингвистички спор.
– Тоа што го прави бугарската држава е неприфатливо. Секој народ има право да се развива по свој пат. А барањето Македонците да признаат дека се Бугари е фашистички став. Кога Бугарија вели дека македонскиот јазик е бугарски дијалект – тоа не е лингвистички спор, туку политичка битка за идентитет – вели Минас.
Минас потсетува дека македонскиот јазик е кодифициран уште во 1944 година и признаен од глобалната лингвистичка заедница како посебен јазик од групата на јужнословенски јазици.
– Македонскиот јазик е еден јазик и така се вика. Не може да се промени со закон. Од 1944 година, кога беше кодифициран, глобалната лингвистичка заедница го признава како посебен јазик – заедно со бугарскиот, словенечкиот и српскохрватскиот. Зошто треба да се менува тоа? За мене тоа е исто како да велите дека шпанскиот дијалект е нешто друго, освен шпански – изјавува Минас.
Тој додава дека во Грција оваа тема не е многу популарна, но националистичките медиуми ја користат за да го зајакнат сопствениот наратив.
– Само некои националистички медиуми велат: „Бугарите го прават она што ние требаше да го направиме – да инсистираме дека македонскиот е бугарски јазик“ – вели тој.
За Минас, суштината е јасна: „Сепак, денес постои одвоен македонски јазик – признаен. Тој термин ‘македонски јазик’ се користи со векови. Официјално, Софија и политичките партии што не се во парламентот велат дека македонскиот јазик треба да се прифати само како дијалект на бугарскиот. Но јас знам – и веќе реков – дека тој став е фашистички“. Д.Ст.
































