Фото: „Нова Македонија“

– Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари. Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката – велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание.

– Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени – велат од ОЈО.

________________________________________________________________________

Мицкоски: Во акцијата на Финансиската полиција опфатени екс градоначалник и поранешен прв човек на Царина, неколку вработени и еден „посредник“

Поранешен градоначалник и поранешен директор на Царинската управа, неколку вработени во таа институција, како и едно лице кое било своевиден посредник во олеснување на одредени незаконски активности се опфатени во акцијата на Финаниската полиција насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата, пренесе МИА.

Во врска со вчерашната акција на Управата за финаниска полиција и за тоа дали таа била насочена против поранешен директор на Царина и поранешен градоначалник на Карпош, Мицкоски ја потврди акцијата, без да наведува имиња, нагласувајќи оти не сака да наштети на процесот и оти ја почитува презумцијата на невиност, а меѓу другото рече и дека истрагата ќе се проширува и на други институции.

– Ќе дадам краток одговор, бидејќи истрагата е во тек и не би сакал да навлегуваме во детали кои би можеле да го компромитираат евентуалниот понатамошен процес. Точно е тоа за кое зборувате. Станува збор за лице кое е поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во конкретниот случај Царинската управа. Во постапката се опфатени и неколку вработени во рамки на таа институција, како и едно лице кое, не знам како да го наречам, но бил многу близок до претходата влада и тоа лица често ги олеснувало условно кажано дејствијата, кои изоболуваат со многу незаконитости или народски кажано посредник – нагласи Мицкоски.

Тој рече дека согласно информациите со кои располага истрагата ќе се проширува и во период што следи слични вакви акции ќе има и во неколку институции, поради недоследнсти од минатото кои се содржани во ревизорски извештаи, а кои, како што додаде, преставуваат индиции за злоупотреба на службената положба и овластувања.

– Сепак, сè уште станува збор за истражни постапки. Јас го почитувам принципот на презумпција на невиноста и сметам дека секој има право и можност да ја докаже својата невиност, така што не би навлегувал во дополнителни коментари за материјално да не го нарушам процесот – изјави Мицкоски.

________________________________________________________________________

ЈО ќе бара притвор за Богоев и уште три лица осомничени за местење тендер за чистење гранични премини и терминали

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев во својство на службено лице – поранешен директор на Царинската управа, С. М. поранешен помошник-директор во Царинската управа, Д. Г., овластено лице во правно лице, А. С., вработено лице во правно лице, и против едно правно лице поради постоење основи за злоупотреба на јавна набавка, за примање и давање поткуп. Јавното обвинителство соопшти дека се обезбедени докази и дека за сите четири лица ќе се бара притвор, соопшти МИА.

Како што соопшти Управата за финансиска полиција, делата за кои се сомничат овие четири лица се злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, од член 275-в, примање поткуп од чл. 357, давање поткуп од чл. 358 и примање награда за противзаконито постапување од чл. 359 од Кривичниот законик. Според прибраните докази, постојат основи на сомнение дека во периодот од јули 2023 година до март 2024 година пријавените свесно ги повредиле прописите за спроведување на постапките за јавна набавка надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, со цел фаворизирање на пријавеното правно лице и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка на начин што пријавениот С. Б. како директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а пријавениот С. М. како помошник-директор,влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што обезбедиле услови за избор и му овозможиле на пријавеното правно лице да стекне противправна имотна корист од големи размери во вкупна вредност од 18.479.692 денари.

– Пријавениот А. С., со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејство што не смеело да се изврши кај пријавениот С. Б. во својство на директор на Царинската управа по што во содејство со пријавениот Д. Г. влијаеле кај пријавениот С. М., кому непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него, како и посредно за пријавениот С. Б., за да извршат службено дејство што не би смеело да го извршат, а за што пријавениот С. Б. во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе, и тоа дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С. М – се наведува во соопштението од Управата за финансика полиција.