Фото: ЕПА

Повеќе водечки американски бизнисмени, кои престојуваа во Пекинг заедно со американскиот претседател Доналд Трамп, позитивно ги оценија разговорите одржани на маргините на самитот меѓу САД и Кина.

Меѓу присутните беа Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс Х“, потоа Тим Кук од „Ејпал“ и Џенсен Хуанг од „Нвидиа“.

На прашање од новинарите за исходот од состаноците, Маск кратко изјавил дека разговорите биле „прекрасни“ и дека се постигнати „многу добри работи“. Кук со гестови покажал задоволство од средбите, додека Хуанг оценил дека разговорите поминале добро.

Хуанг дополнително изјави дека кинескиот претседател Си Џинпинг и Трамп оставиле силен впечаток за време на средбите.

По билатералниот состанок со Трамп, кој траел околу два часа, Си се сретнал и со американските бизнисмени, пренесе „Би-би-си“.

Кинескиот лидер порача дека Кина ќе продолжи дополнително да се отвора за американските компании и дека тие ќе имаат пошироки можности за развој на кинескиот пазар. Според кинеската агенција „Синхуа“, Си нагласил дека американските компании долго време играат значајна улога во економскиот раст на Кина, што носи придобивки за двете страни.