Седнати на трупчиња од даб останати од минатогодишната тура на дрва за огрев, Боро и јас, мојата дробност, густираме кафенце и по чаша студена вода. Карши нас се одвиваат обидите на брат ми Драгче упорно да ја активира нашата стара пумпа од која на времето течеше камен студена, бистра и над сѐ, чиста вода. На чекор–два од неа, течеше бразда како крак на полноводниот Вардар. Чиста ко солза. „Време води“. Македонски филм од 1980 година по сценарио на Јован Срезовски, а во режија на Бранко Гапо, со Петар Арсовски и Душко Костовски во главните улоги. Таму луѓето од две соседни села ќе се потепаа кој да стопанисува со изворот што живот значи. И нашиот случај и филмот на Гапо силно потсетуваат на потребата од вода за која долго се тврдеше дека не смее да има стопан. Турлитава. Водата со векови претставуваше недопрена цел за лукавите претприемачи. Барем законски иако знаеме за тешки борби за нејзините извори. Но откако дојде период во кој и самата пазарна економија ги урна сопствените правила на однесување, водата стана една од целите за манипулација. Срамежливо започна нејзината експлоатација. Најпрво преку плажите и со лежалките по белосветските туристички центри, а потоа и со амбалажирањето, односно внесување во процес за богатење на притаени стопани. Гостиварскиот случај со драматична загаденост на водата (има извори под Шара колку ти душа сака), кој ја потресе домашната јавност, а кај жителите на градот внесе трауматични секојдневија во исклучително жешкото лето, стигна како капак на времето што го живееме. Бурата што удри со сета сила врз јавното мнение полека стивна. И… засега никому ништо, освен маки за луѓето од Гостивар. Затоа ние си ги побаравме пумпите.
Мачно е среде лето да се пишуваат непријатни случувања кога овој годишен период е вистински рај за душевно опуштање. Но се чини дека светот во кој живееме натежнал со апокалиптични најави со кои непозната сила како да сака да нѐ казни иако сме нејзини галеничиња – хуманоидни пулени. Непријатно е да се споменуваат заканите со кои си имаме работа во секојдневието од оваа летна турлитава, ама таа реалност сама се наметнува. За жал, тие добиваат на интензитет. Небаре се со намера да кажат дека тешко ќе се ослободиме од нив. По сите параметри на разумна опсервација, оваа наша планета несомнено е вистинскиот рај на универзумот. Но врз тоа чувство на гордост, темната ѓаволска наметка на злото со која човекот сѐ почесто ги замаглува сончевите зраци и ги попречува да допрат до него за да му ја стоплат душата, стојат мрачни закани. Во оваа прва половина од новиот милениум, се намножија воени кампањи со голем број жртви и страдалници. Економијата едноставно полуде. Таму се случија турбулентни промени предизвикани од галопирачка инфлаторна спирала. Таа како да се повторува како стандарден облик на грабеж на масите, односно на заедничкото богатство. Наедно, контата на богатите растат до невидени износи. Ете само така, до огромно богатство само со политички изјави, преку разорни воени кампањи или со еден потег на прстите.
Ако јавачите на апокалипсата по Откровението 6 од Библијата носеле вековен белег на војната, чумата, гладот и смртта, најавата дека по нив на земјата ќе биде уште пострашно, како да се претвора во реалност. Се разбира, со заминувањето на неговото височество, царот Исус на должност да владее со небото, на земјата власта како да ја злоупотребува и менаџира црниот паднат ангел без крилја или Мефистофелес. „Здраво за готово“ упатено до еден примитивен интелект, веднаш ќе го вклучи алармот за постоење на заткулисна приказна од глобални размери. Тука веднаш свој придонес ќе дадат и мирудиите, кои ѝ се потребни на турлитавата што се крчка на плотната. Тоа се климатските промени, земјотресите и цунамијата и сѐ позачестените опожарени области, кои неконтролирано се шират низ Стариот Континент и насекаде по светот. Сакале или не, сите ќе почнеме да веруваме во нешто што се случува пред нашите очи и веднаш започнуваме да ја плетеме приказната за однапред замислено сценарио од страна на центрите на моќ. Се разбира дека постојат болни пиромани. Постојат и злобници што ѝ се одмаздуваат на сопствената беспомошност и неможноста да ги прифатат правилата на системот во кој живеат. Но вината треба да ја преземат и институциите, кои ја запоставуваат опасноста од преголема доза демократичност. Се чини дека лудоста е сѐ подоминантна, а игрите, кои не се ни најмалку наивни, се закани што можат да ги отворат портите на пеколот. И како во некое СФ филмско сценарио, човештвото или цивилизацијата, сеедно, опасно чекори со боси нозе по работ на бричот. Ајде да го парафразирам или да го потврдам мислењето на младиот свет за новата верзија на јавачите на апокалипсата. Тие што на шега со прикриена и вистинска вистина велат дека четирите јавачи на апокалипсата се кока-кола, хамбургер, автомобили и мобилни телефони. ОК, односно да си се вратиме на изворот на нашата јазична култура, па да кажеме „во ред“ и да ја прифатиме таа вистина во која веруваме. Иницијаторот од своја страна, пак, убаво ќе се погрижи да даде интонативен почеток, кој се лепи под черепот на живите суштества.
Е, сега, познато е дека турлитавата се прави со повеќе состојки. Така, во нашиот шпајз треба да побараме некои од нив, но да се со такви содржини што ќе нѐ вратат во состојба на опуштеност за време на оваа летна жега. Се разбира, еден од готвачите е и киното. Тоа со неговиот широк репертоар на илузии и визуелен раскош нуди можности за релаксација и исполнетост на духот. Ако се земе предвид дека денешните кинопонуди се сведени на зголемен број хорор и СФ-филмови, имаме дискретно, а по малку и некако срамежливо враќање на уметничката фела што палеше и жареше изминативе триесетина години. Некои од нив со успешно враќање, некои со промашувања. Нолан задржа исклучително високо ниво со својата „Одисеја“.
Тој успеа да извлече максимум од оваа безвременска тема, која претходно, во далечната 1954 година, беше екранизирана во истоимената копродукција на еден од мајсторите на „Чинечита“, Марио Камерини, каде што блеснаа Кирк Даглас, Силвана Мангано и Ентони Квин. Спилберг како да потфрли со „Денот на разоткривање“ или едноставно СФ-галаксијата се засити со содржини. Можеби станува збор и за чувство на замор. Впрочем, годините се тука за потсетување. Ридли Скот копа со својот „Аватар“ низ просторот на „огнот и пепелот“ и засега добро се држи. Со франшизата, која не губи од својата атрактивност, во интерегнумот или паузата, мајсторот успешно се пробива и низ историјата уфрлувајќи ги „Гладијаторот 2“ и сагата за Наполеон. Тоа значи дека сѐ уште „има нос“ и умешно стои со нозете на земја чепкајќи по наративните остатоци на империите.
Кога сме кај мирудиите за турлитавата, повторно се враќаме на класични вредности што потсетуваат на актуелни теми што никогаш не гаснат. Би се навратил на „Јавачите на апокалипсата“. Овој пат станува збор за филмот од 1962 година, на Винсенте Минели со холивудските ведети Глен Форд, Ингрид Тулин и Шарл Боаје од далечната 1962 година. Минели нема да нѐ остави рамнодушни бидејќи суштината на филмот е во функција на перманентен потсетник за повторените лудории на галеничето на природата или Господ, човекот. Цените и понатаму скокаат, а особено кај фудбалските трансфери, кои личат на турлитава. Многу пари за сопнати нозе, нели? Секако дека има уште многу мирудии за една добра глобална турлитава. Но за тоа во некоја друга пригода. Весела летна шема, зарем не? За да не пукнеме, ќе си се изнасмееме од срце и ќе посегнеме по приборот за јадење.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател
































