Европскиот консензус за идентитетска ликвидација на Македонците

Европа треба да му се извинува три илјади години на светот за злосторствата што му ги направила Џани Инфантино, актуелен претседател на ФИФА

Тамам ја бев подготвил мојата нова триделна колумна за оваа среда, со наслов „Фалсификатот грчко чудо“, наеднаш почнав да ја пишувам оваа, драг читателу, што е пред тебе, со, како што ти се чини, радикален наслов. А не е. Радикална е вистината што ја обелоденува тој. За тоа ме поттикна текстот на одличното новинарско перо Сашо Таневски во „Нова Македонија“ од 6 февруари, со трауматичен наслов „Само за Македонија преговарачката рамка е неменлива“ со извичник и прашалник на крајот. Иако прашалникот тука и не е потребен како дилема. Јас, пак, на оваа каква-таква дилема одговарам in medias res со насловот на колумнава. Она што следува потоа е само дообјаснување.
Со бриселска Европа, скриена под маската ЕУ, управуваат неколкуте нејзини колонијалистички нации: Франција, Германија и Англија, а тука се уште и помалите Белгија и Холандија. Другите се во основа, кој помалку кој повеќе, статични пиони на шаховската табла. Но таа шаховска игра одвреме-навреме ќе се заниша пред распаѓање од некои неочекувани таљевски потези, како оној што го влечеше Орбан со Унгарија. А најстрашниот потег што направи дармар беше брегзит-потегот на Англија, која откако ја матира ЕУ ја напушти играта. Тој, пак, потег ним им го шепнаа Американците, оти Британците беа всушност нивниот тројански коњ во Брисел. Всушност, Америка и Англија се сијамските близнаци на западната цивилизација, кои сега учествуваат заедно и во бомбардирањето на храбрите Хути. Којзнае кои се по нив на ред. А Англичаните и Американците го изведоа заедно и геноцидот над Македонците во Егејска Македонија 1948. Притоа пилотите што ги фрлаа напалм-бомбите врз македонските деца беа Англичани, а бомбардерите американски. Совршена кентаурска целина. Со тој егзодус всушност Европа само три години по победата над Хитлер го обнови фашизмот. Америка го стори тоа уште во 1945, со Хирошима и Нагасаки. Како и да е, јасно е дека денес повеќе од очигледно е оти импотентната бриселска Европа е колонија, вазал на сијамските близнаци.
Сум пишувал многу за ариевската западна „демократија“, драг читателу, која денес во бриселска Европа е консензуална, а тоа, како што кажува самиот термин, значи диктаторска. Неа воопшто, како лицемерен западен пронајдок, убаво ја дефинира рускиот писател Зиновјев, кој подолго време беше емигрант на Советска Русија во Германија, ја дефинира како тоталитарна демократија. Болно прецизно. Да, таа секогаш била меѓу колонизаторските европски сили консензуална, тоталитарна во нивното пљачкање низ светот во Африка, Јужна Америка и Азија, полнејќи ги до врвот своите банкарски и музејски трезори со опљачкани богатства, па сега нас ќе нѐ укоруваат дека сме сиромашни оти сме мрзеливи и неспособни за капитализам.
Тоа, драг читателу. И не двојни аршини. Не. Бриселска Европа има само еден аршин: консензуален, тоталитарен. Аршинот што го имал и германскиот фирер, само демек сега него тие пософистицирано го употребуваат, иако како што ќе им текне, како што ќе им светне тоталитарната ламба во политбирократскиот мозок: за Украина и Молдавија, Србија и Македонија итн. За Србија може ќе дозволат некоја измена на рамката, оти неа ја води еден храбар водач како Вучиќ, а кај нас еден полтрон и кукавица како Ковачевски, сијамскиот близнак со Заев. И Србија има далеку помалку изроди заевоковачедимитровци отколку ние. Во Македонија врие од изроди, нешто што не можеше да си го објасни ни Гоце, кој Пендаровски им го фрли штедро во прегратка на Бугарите. Толку му сечел умот и моралот.

Нема менување на новата рамка-менгеме што ги стега Македонците како нова инквизациска направа за мачење на инквизициска Европа, која ние ја проценуваме, за што имаме право (извинете, господине Дејвид Гир) од наше лично цивилизациско искуство со неа. Оти Европа има консензус за тотална идентитетска ликвидација на Македонците. Така да не се залажуваме со онаа хипотеза на разузнавачот политичар Павле Трајанов дека француската рамка со која нѐ дават до последниот здив е конструирана во Мала Речица со Али и четириесетте разбојници и високи бугарски политички франкенштајни. Гледам таа хипотеза на Трајанов како лек на рана ја вергла во неговото шоу и Богдан Илиевски. Не. Можеби имало такво нешто како дел од планот за идентитетско демолирање на Македонците, но сепак таа рамка е француска, што значи европска. Да не е така, стопати ќе реагираше француската амбасада во Скопје, па и Брисел. Но така е. Оти тој европски консензус да ги снема Македонците од мемориската карта на светот всушност и не е од вчера, драг читателу. Тој е во активна реализација во етапи веќе повеќе од едно столетие, почнувајќи од Букурешт 1913 и стасувајќи до грчкоевропската гробница за Македонците, стокмена по толку долг напорен еврогрчки труд во Преспа, јуни 2018. Но тоа не е крајот. Сега со француската рамка се копа, можеби подлабока и од грчката, втората идентитетска гробница за нас бугароевропска. За грчката гробарските лопати од македонска страна ги држеа Заев и Димитров, а сега за бугарската за главен македонски гробар се одбрано сијамскиот близнак на Заев, Ковачевски, и уште некои како него. Али и четириесетте разбојници, на кои фрла сомнеж Павле, се планирани само како елитни припадници на погребната поворка. Ништо повеќе.
И се случи што се случи. А читам уште една вест што се вклопува во нашиот контекст на темата, драг читателу, на прв поглед бизарен, ама и не е. Имено, отворањето на Светското фудбалско првенство 2026 ќе биде на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити, главниот град на Мексико. Ацтека, тоа нѐ води кон цивилизацијата на Ацтеките, која, заедно уште и со цивилизацијата на Маите и Инките, ја уништија и опљачкаа до последен грам злато европските конквистадори, крстоносци, темплари, масони, илуминати. Речи ги како што сакаш, драг читателу. Сеедно. Од таа пљачка, добар дел од златото отиде кај Католичката црква и така, според некои историчари на уметноста, и почна европската барокна уметност. Но зборот тука ми е дека Мексиканците си го одгледуваат култот кон далечните предци на нивната идентитетска генеза. А што стана со нас. Фудбалскиот стадион во Скопје што се викаше „Филип Втори“ стана „Тоше Проевски“ (Тоше ако беше жив немаше да го дозволи тој мегаломански кич, кој не му беше својствен). Потоа го снема и името на нашиот аеродром „Александар Македонски“, како и автопатот на југ со истото име, кој го крстивме „Пат на пријателството“ што води (каква иронија) кон нашите гробарски пријатели.

Кај нас ги снема и Македонија, и Филип, и Александар, за да се појават кај нив, па, така, Северна Грција стана Северна Македонија од 1988 наваму, а аеродромот во Атина „Александар Македонски“. А сето тоа е резултат на евроамериканскиот консензус да ги снема Македонците од мемориската карта на светот, драг читателу.
Така. Па, зарем е случајно во тој контекст и тоа што американскиот политшериф за Балканот Габриел Ескобар рече дека во Македонија живеат Албанци и, некое без генерички идентитет, православно население? А? Лапсус? Или намерна грешка што ни сигнализира да се помириме со фактот дека сме идентитетски мртовци. Па, тука е и другиот американски политкаубој О’Брајан, кој неодамна нѐ посети и ни сугерираше за кого да гласаме на изборите. За „проевропците“ на Ковачевски и неговата одродничка клапа. За партијата на Македонците што под негова и пред тоа под капата на Заев покажа неверојатен нацифашистички капацитет за идентитетска ликвидација на сопствениот народ под консензуска директива на Брисел и на Вашингтон. Македонците немаат право на сопствена идентитетска генеза. Тоа е консензусот на западните „браќа“. Нив не ги интересираат автентичните идентитетски патишта на меморијата кај еден народ или племе, дека, на пример, Грците немаат ни една елементарна песна за Александар Македонски, а Македонците имаат една цела дебела книга. Грците имаат песни и легенди за нивните антички јунаци, Леонидас Спартанецот и Темистокле Атињанинот, но не и за Македонецот Александар, кој, за нивна несреќа, пак, и за несреќа на Европа што го погрчува, го носи и презимето Македонски, а не Грчки. Е, затоа бриселовашингтонското политбиро со консензус, без ниеден глас против, идентитетскиот бренд Македонија како имот го префрли во катастарот на Грците „лицем светци, срцем волци“ како што ги дефинира Прличев, а тоа не му појде од рака на Синодот на МПЦ во Фанар, кој исто така е уште една консензуална рамка за идентитетска ликвидација, сега на Македонската црква востоличена лично по Господова волја од апостол Павле.
Тоа, драг читателу. А како крунски резултат на цивилизацискиот западен консензус за наша трансформација во безидентитетски мртовци еве ја сега операцијата со нацифашистички мирис на менување на личните документи од живот во смрт. По консензуален нацидиктат, на Македонците сега им ставаат пластично лице, им ги вадат живото срце, белите дробови, целата утроба и сето тоа го заменуваат со европската цивилизациска пластика. Од Македонците прават, како резултат на нивната имагинација и мефистофелска вештина, цивилизациски франкенштајни, кои го надминуваат во сѐ Франкенштајн од Мери Шели, од нејзината истоимена пророчка книга за франкенштајновското време на цивилизацијата што надоаѓа како смртоносна поплава. Да, драг читателу, ама таков Франкенштајн од нас можеа да создадат само франкенштајновци, политкиборзите со вештачка мефистофелска (сатанистичка) интелигенција од Брисел и Вашингтон.

И еве нѐ, пак сме во ултрацрвена фаза, драг читателу, а ти прашуваш кој е излезот од таа европска цивилизациска пластика на смртта, додека ние упорно како идиоти се туркаме во неа, но и како смрт таа не нѐ прима кај неа. И тоа е очајната иронија. Па, добро, имам одговор на твоето прашање. Одговорот е: катастрофа! Само од катастрофа, и тоа голема, за жал, ние можеме да излеземе на површина, како што излегоа од неа асномските партизани. Европа по своја вина имаше две големи светски катастрофи, а ја довикува и третата како што стојат работите. Мефистофел во кој е вљубена таа ѝ ја шепоти на уво. А по сѐ изгледа дека третата катастрофа ќе биде, излезена од Откровението на апостол Јован, Армагедон. А ти, читај ја ако сакаш, драг читателу, за да ставиш лек на раната. Читај ја и како Армакедон. На средината од таа битка на светлината и темнината, доброто и злото повторно ќе го видиш, драг читателу, знамето на комитите и асномските партизани „Слобода или смрт“. Можеби тука некој ќе ме осуди за прекумерна патетика. Но тоа е психоенергетска состојба, начин да останеме живи и покрај смртта што ни ја намени ЕУ-цивилизацијата. Не можам поинаку да ја кажувам оваа вистина.