ЕУ расизам

Има тука некоја игра со бројките, т.е. со процентот на јавната поддршка за членство во ЕУ. Американците нè убедуваат, а политичарите како папагали повторуваат, дека дури 80 отсто од македонските граѓани сметаат дека „друга алтернатива нема“. Но на (не)славниот панел во Блед премиерот не протестираше на тезата на водителот дека поддршката е опадната на едвај 50 отсто. Не само што не го коригираше туку дури и дополни дека со оглед на околностите во кои Македонија се бори за својот пат овој процент е дури и висок. Како и да е, со бројките си играат оние што имаат моќ да ги штелуваат, а испитувањата на јавното мислење (односно претставувањето на резултатите) е механизам за формирање на мислењето кај јавноста. Тоа не е ништо ново. Бидејќи, ако некој постојано ви труби дека сите околу вас (еве, нека се 80 отсто) се ЗА единствената алтернатива, вие почнувате да се преиспитувате или дури и да се плашите да кажете дека сте дел на едно малцинство од дваесетина отсто.

Колкава и да е таа бројка, а Владата вели дека е висока, тогаш е сосема нелогично да фрлате државни пари да ги убедувате луѓето во очигледното: #Ние сме Европа! Во карванот исти луѓе, публика седната на столчиња, и сè „мој до мојега“, членови на власта држат партиски говори, па дури и Груевски го спомнуваат – па така и на мало дете му е јасно дека е ова уште една партиска кампања што ја плаќаме со нашата сиромаштија, затоа што Ковачевски наречен Санчез е свесен дека наскоро (за првпат) ќе треба да излезе на избори. А како и сите неспособни политички елити досега, на електоратот пак ќе му се нуди „Европа“. Првата реакција е: па каде е побогу Македонија, ако не на европскиот континент? Чуму некој да нè убедува дека сме дел на Европа, кога според законите на геофизиката не сме се помрднале ни за сантиметар со векови?! Но со „нашиве експерти“ никогаш не се знае; еве, во некој учебник по географија реките Тигар и Еуфрат ги поместиле од Азија во Африка. А во меѓувреме, во земјата во која врви „европскиот карван“, во рестораните ви нудат „национална салата“ наместо „македонска“. Парадоксот е очигледен: европско може, македонско е незгодно.

Туку, друга ми е поентата… Сте се запрашале ли зошто е баш толку ексклузивно, супериорно дури да бидеш „од Европа“? Еве, САД или Јапонија не се „Европа“, ама не можеш да ги елиминираш како заостанати и неразвиени. Јасно е дека синтагмата „Европа“ е само замена за „колективен Запад“, бидејќи овде веќе нема ништо со „европските вредности“ (во кои толкумина се колнат, па и солзи ронат над нивното газење) – туку има со геополитиката на свет што се редефинира. Сакале ние или не, со влезот во НАТО, а и со оваа монтипајтоновска европска соседска политика, со синџири нè држат во западниот блок. Ама, како во познатата изрека за Западот, кој не нè запишува што и да сториме… На градината на Борел (наспроти џунглата) ѝ треба и жива ограда, а тоа сме ние на Балканот. Она со брзините е стара мантра, бидејќи помоќните во Унијата никогаш не биле среќни со правото на вето или гласачката комбинаторика, која можат да ја искомплицираат малите и понемоќни членки на семејството.

Знаете ли врз што е изградена оваа ЕУ, односно нејзините членки? Врз грабеж, крв и експлоатација. Кој ја сочинува и кои се најмоќните земји? Бившите (а и скриени актуелни) колонизатори. Ни Мастрихт ни Лисабон ни кој и да е друг град (и основачки договор) не може да ја покрие темната страна на Стариот Континент и сите злосторства против човечноста што ги извршиле низ вековите, а врз основа на што станале богати. Тргнете од Франција, Белгија, Холандија, Шпанија, Португалија, Германија… мислите богатството им паднало од небо? Биле умни и вредни? Не! Биле колонизатори! Ограбувале цели нации, кои до ден-денешен не можат да закрепнат од колонијалните господари (a кои и денес се експлоатирани билатерално или „европејски“, на кои им наметнуваат владетели, и им се цица крвта со памук).

Флоскулата за „европски вредности“, на што се додава и Нобеловата награда за мир, се само козметика, фатаморгана со која треба на (остатокот) од светот да му се каже колку се тие благородни, напредни и доброчинители. Во суштина, Европа е ем болна (сенка на својата блескава историја на освојувања и прогрес) ем нарцисоидна до болка. Волкот влакното го менува, но не и наравот. Тезата „ние сме Европа“ (или Запад, како сакате) содржи во себе расистичка и империјална нота. Кога ова го изговара дури и еден лик со интелектуална инсуфициенција (а мислевме дека претходникот е ненадминлив во таа категорија) дури се поткрева на прсти! Мислиш од него почнала европската цивилизација, небаре е потомок на Микеланџело! Китењето со „Европа“ е ставање на грбот не само на позитивните постигнувања на другите/моќните туку и на нивните гревови. Ама тоа е табу-тема. Бидејќи овие ученичиња што коленичат пред Брисел не смеат да проговорат за системската криза и иманентниот расизам вграден во Унијата.

Колкумина знаат за богатствата и вредностите на другите цивилизации? Некои одржале континуитет, некои се борат да го одржат: од Кина до Месопотамија и Персија, до Латинска Америка! И сега сакате да кажете дека „ние сме Европа“ нè прави подобри и супериорни во однос на сите други? Ние сме „ексепшнал“? Во што? По што? Па ние не сме способни основно образование и здравствена заштита да обезбедиме! Се тргува со болни од карцином, им се делат пензии и плати на луѓе што и не живеат овде. Живееме во депонија. А во оние говоранции и идеолошки глупости со кои се расфрлаат во воздух има куп лаги: особено во делот на уделот во светската економија, степенот на развој, демократски легитимитет и степенот на лична среќа, да не зборувам за развиеноста на инфраструктурата, образованието, здравството, комуникациите… Старата Дама е врзана за Вавилон, ама знаеме како уште од Марко Цепенков. Нејзиниот патрон преку Атлантикот не може ни патиштата и железницата да си ги дотера. По основното образование тука сме некаде, и тамошните деца, па и претседателите не прават разлика меѓу Австрија и Австралија, Балтик и Балкан, Иран и Ирак. Не си ги знаат ни сојузните држави, а и спелувањето тешко им оди. Мислите од лоши реформи е таа идиократија? Не! Реформите се токму такви какви што треба да бидат: да ги заглупават децата, да создадат „уште една тула во ѕидот“, покорни и дисциплинирани шрафови во машинеријата (на војната). Ние можеме да бидеме Европа само во солидарност со работниците, експлоатираните, омаловажените, мигрантите, кои се третираат како отпад во таа нивна „Европа“.

Да бидеш горд дека си „Европа“ денес е да си слеп и глув пред сопствената историја, но и пред светот, кој се менува прекуноќ. Повеќе истражувања (и тоа направени од западни институти) покажуваат дека оние на „исток“ имаат младина што е пооптимистична, покреативна, поагилна и подобро образована. Подготвена за 22 век. Нивните образовни институции прават џиновски чекори напред, на сите мерни скали: од Шангај до Лондон. Видете го будењето во Африка: веќе им е доста од фамилии и тачиња и зочиња наметнати однадвор, кои работат за својот џеб и за надворешните господари. Додека овде сечат вени за тоа што Макрон повторно ја кочи евроинтеграцијата, Африканците му ја покажуваат вратата и му велат: сиктер! Сето тоа може да заврши и со крв, без среќен крај, но факт е дека Франција или ЕУ не се мирољубиви меѓународни актери. Подготвени се да војуваат за она што го сметаат за свое од навек.

Јанис Варуфакис е во право кога вели: нашиот избор не е ни Запад, ни Исток, туку – напред! Кон излезот од оваа дупка што живее на стара слава и која е подготвена дури и да замижи или да ги прегрне духовите на милитаризмот и империјализмот од кои никогаш и не беше излечена. А што се однесува до нас, ние имаме поголем проблем од Европа: оние што од Македонија направија мртовечница. Буквално! И ако ним не им кажеме ДОСТА Е, СИКТЕР, тогаш си ја заслужуваме оваа смртна пресуда наречена „проевропска власт“.