Со проактивност до промоција на македонските национални особености

Повеќемина Македонци се издигнаа во американското општество, но тие никогаш не ги заборавија своите македонски корени и култура. Во еден подолг период, Македонците во Соединетите Американски Држави активно работат кон промоција на македонските национални особености – јазик, култура, историја итн. Од овие активности произлезе и известувањето на Гречен Витмер, гувернерка на американската сојузна држава Мичиген, дека овој септември е прогласен за месец на македонско-американското наследство. Во согласност со најавите, деновиве во Детроит се најавени свечености што се поврзани со промоција на македонската култура, како и одржување и 49-от национален црковен собир во организација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Во современата македонска книжевност, Антон Панов останува запаметен како авторот што го создаде делото „Печалбари“. Оваа драма е интересна од неколку аспекти, најпрво треба да се истакне националната компонента, бидејќи беше напишана помеѓу двете светски војни, во периодот кога употребата на македонскиот јазик беше ограничена или во најмала рака забранета. Од друга страна, Панов ја опишува судбината на илјадници македонски печалбари, кои биле принудени да ја напуштат својата татковина и низ светот да ја бараат својата егзистенција.

Дека судбината на печалбарите не била лесна потврдуваат и зборовите на Костадин, еден од главните ликови на споменатата драма. Кога неговата мајка му вели дека мора да оди на печалба, тој ѝ одговара: „На секого си туѓ… Нема со кого збор да промениш, солза да размениш! И не година, не две. Години, години да изврват, скотски да живееш, пари да збереш, додека да имаш лице дома да си дојдеш!… Ако паднам болен дали чорбаџи Јордан ќе праша за мене? Дали ќе има кој потта да ми ја избрише, кошула да ми размени, јорган да ми фрли?… Ех, црна и крвава е нашата печалба, мајко. Уште покрвава е сиромаштијата, што нè гони таму! Проклет да ѝ е коренот!… И големо има лечко нишан носи од неа за цел век!… Гледај, што направи од нас таа пуста печалба! Маж – роб! Жена – роб! Син – роб! Ќерка – роб! А мајките, само за солзи се родени!…“

Една од главните дестинации на македонските печалбари и имигранти биле и Соединетите Американски Држави. Првите Македонци што заминале на американскиот континент потекнувале од областите околу Костур, Лерин и Битола. Се верува дека во периодот помеѓу 1903 и 1906 година, околу 50.000 Македонци емигрирале во САД, а околу 20.000 од нив останале засекогаш. Бројката на Македонците постојано се зголемувала, а во 30-тите години на 20 век, македонскиот јазик е забележан во пописите на американските институции. Вториот бран на Македонци се случува во 80-тите и 90-тите години на 20 век, а денешната бројка Македонци што живеат во САД се движи помеѓу 60.000 и 200.000 души. Прецизна бројка не постои, а процените се прават од различни извори и со посебни методологии, така што нивните статистики драстично се разликуваат.

Денес, Македонците се добро етаблирани во американското општество и ги ползуваат сите права и слободи. Во САД има околу 20 македонски православни цркви, од кои најстарата е црквата „Успение на Богородица“ во Охајо. Три американски универзитети – Универзитетот во Чикаго, Државниот универзитет во Аризона и Универзитетот во Индијана, нудат курсеви по македонски јазик. Според последните податоци, Мичиген има најмногу говорители на македонски јазик во споредба со другите сојузни американски држави. Некои од потомците на македонските печалбари и имигранти успеаја да го остварат американскиот сон, а меѓу нив е и Мајк Илич, син на македонските доселеници Сотир и Султана. Илич останува запаметен како мултимилијардер што ја создаде успешната франшиза наречена „Литл Цезарс пица“ и сопственик на врвните спортски клубови Детроит ред вингс и Детроит тајгерс.

Повеќемина Македонци се издигнаа во американското општество, но тие никогаш не ги заборавија своите македонски корени и култура. Во еден подолг период, Македонците во Соединетите Американски Држави активно работат кон промоција на македонските национални особености – јазик, култура, историја итн. Од овие активности произлезе и известувањето на Гречен Витмер, гувернерка на американската сојузна држава Мичиген, дека овој септември е прогласен за месец на македонско-американското наследство. Во согласност со најавите, деновиве во Детроит се најавени свечености што се поврзани со промоција на македонската култура, како и одржување и 49-от национален црковен собир во организација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Дека во изминатиов период Македонците се особено активни во САД потврди и резолуцијата во американскиот Сенат, претставена од сенаторот од Индијана, Мајк Брон, во која се бара септември 2023 година да се прогласи за месец на македонско-американското наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Во споменатата резолуција, меѓу другото, се повикува народот на Соединетите Американски Држави да го одбележи месецот на македонско-американското наследство со соодветни церемонии, активности и програми, кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци, бидејќи Сенатот ги препознава многубројните придонеси на македонските Американци во Соединетите Американски Држави во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, образование, медицина и спорт.

Споменатите активности немаше да бидат возможни без заложбите на Обединетата македонска дијаспора со седиште во Вашингтон. Мето Колоски, коосновачот и волонтерски претседател, потврди дека Обединетата македонска дијаспора активно работи во секоја држава и град каде што има Македонци да се прогласи месец на македонско наследство, нагласувајќи дека оваа иницијатива започнала од 2020 година и ќе продолжи во иднина.

Искажаното потврдува дека македонската дијаспора не ја заборавила својата татковина, ниту пак своите национални особености. Секоја активност во оваа насока е за поздравување, но Македонија како матична држава на македонскиот народ мора да се усогласи и да се координира со овие активности и, во најмала рака, да даде морална поддршка.