Елцин и македонската сага на Бранко Гапо

Во поетиката на неговиот филмски опус, од ден на ден ги откриваме трепетот на вознемиреноста, трепетот на емоциите, избликот на инспирацијата, нешта што не му дозволуваат на македонскиот Фелини да вплови (како некои негови колеги) во мирните води на творечкиот конформизам и да им се приклони на конвенционалната и комерцијалната форма. Напротив – немирниот дух на Гапо секогаш мечтаеше, истражуваше, создаваше, прикажуваше…

Иако од почеток, а и денес сум голем фан на проектот „Скопје 2014“ и градењето мостови, зданија, споменици и создавањето воопшто, чувствувам блага недоумица и резигнираност секогаш кога минувам преку мостот на уметноста. Мостот е украсен со голем број скулптури на познати писатели раскажувачи, поети, сликари скулптори уметници…, но без ниту еден филмски „великомаченик“, деец, творец…. Поради таквите и слични соображенија, овој текст му го посветувам на еден од најплодните автори, корифеј на филмска уметност во Македонија, неповторливиот раскажувач, синеаст, шармер, медиумски соборец, пријател – Бранко Гапо (1931–2008).
Според „евангелието“ на македонската филмска легенда Бранко Гапо – визуелното видување е основата – човекот видел, па го пронашол зборот за тоа што го видел да го опише. Во кусата и по обем скромна македонска кинематографија, која беше создавана во извесните идеолошко-политички услови во минатото како репрезентативен дел на македонската култура, во согласност со принципите што ја афирмираа како планска државна дејност, иако тематски (на изглед) разновидна, на идеолошки план, без исклучок, беше конципирана, прочистена и јасно насочена. Со оглед на фактот дека станува збор за сложена и мошне скапа уметничка дејност, зад која финансиски во целост секогаш стоеше државата, објективно и не ни можеше да се очекува некаков силен и независен авторски печат или идеолошко-политички ангажман со исклучок на извесни обиди на чесни и талентирани автори, кои блеснаа и набргу згаснаа во сложената пат-позиција на македонската кинематографија.
Македонскиот филмски режисер Бранко Гапо му припаѓа на оној вид автори што умееја да ги поттикнат благородните импулси на фантазијата и во нив да го вдахнат духот на надежта, на болката и ветувањата. Во поетиката на неговиот филмски опус, од ден на ден ги откриваме трепетот на вознемиреноста, трепетот на емоциите, избликот на инспирацијата, нешта што не му дозволуваат на македонскиот Фелини да вплови (како некои негови колеги) во мирните води на творечкиот конформизам и да им се приклони на конвенционалната и комерцијалната форма. Напротив – немирниот дух на Гапо секогаш мечтаеше, истражуваше, создаваше, прикажуваше, тоа му овозможи да плени, опстои, постои, во филмската и колективната естетска меморија, како уметник, плоден автор, раскажувач со елоквенција, фантазија, неповторлив шарм.

Филмскиот багаж на Бранко Гапо опфаќа повеќе од 40 филма, од кои со силата на естетската сугестија се издвојуваат „Птиците доаѓаат“ и „Граница“ (1962), „Сонце на младоста“ (1961), „Помеѓу две разделби“ (1961), „Проштевања“(1963), „Градот на Вардар“ (1961), „Последни номади“ (1964), „Патем“ (1966), „Лето Господово 67“ (1967), „По пат одам, за пат прашам“), „Амен Сиам бут Рома“ (1976), „Козите… и друго по 10 години“ (1976), „Лето Господово77“ (1978)…
Паралелно со реализацијата на документарни филмови, Гапо асистира и на играни проекти кај режисерите Димитрие Османли, Франце Штиглиц и други, а од особено значење за неговиот подоцнежен ангажман во играниот филм, секако, е соработката со светски познатите синеасти Абел Ганс и Вилијам Дитерле во периодот 1961 – 1964 година, при студиските престои на Бранко Гапо во Париз. Паралелно, во 1950-тите и 1960-тите години се занимава и со филмска критика, објавувајќи рецензии, коментари, осврти и анализи во дневниот печат и во специјализираните списанија за уметност.
Немирниот и секогаш љубопитен дух на Бранко Гапо не се исцрпува и не се задоволува само со филмскиот медиум. Уште во 50-тите години, Гапо објавува раскази во „Млад борец“ и во „Разгледи“, во 1959 година е основач на првиот вонинституционален театар „Естрада 59“, режира повеќе театарски претстави – „Убавината чекори сама“ (1975), според текст на современиот драмски писател Томе Арсовски. Вредниот и незапирлив автор Бранко Гапо реализира и повеќе од 40 радиодрами, а во Македонската телевизија каде што, покрај поголем број музички и документарни емисии и повеќечасовни шоу-програми, Гапо реализира и повеќе ТВ-драми – „Бамји“ (според Димитар Солев), „Некаде морам да те чекам“ (според Петре М. Андреевски), „Делби“ (според Бранко Пендовски), „Самотија“ (според Ордан Добревски) итн. Од другите ТВ-остварувања со врвен квалитет се издвојуваат две дела: „Лабин и Дојрана“ (телевизиски игран филм-балет според музиката на Трајко Прокопиев) и „Ордан Петлевски“ (долгометражен телевизиски документарен филм за творештвото на сликарот Ордан Петлевски).
Во македонската кинематографија, Бранко Гапо го има најбогатиот филмски игран опус (шест играни филмови): „Денови на искушение“ (1965), „Истрел“ (1972), „Време без војна“ (1969), „Најдолгиот пат“ (1976), „Време, води“ (1980) и „Македонска сага“ (1993) се филмовите што на достоинствен начин ја промовираа македонската кинематографија во земјите на речиси сите континенти во светот. И само дел од најзначајните признанија што ги освоиле филмските дела на овој наш автор.

Продуцентски награди за документарците „Сонце на младоста“ и „По пат одам, за пат прашам“ на Фестивалот на југословенскиот документарен и краткометражен филм во Белград во 1960, односно 1968 година. Во 1962 година, филмот „Граница“ е добитник на наградата за најдобра режија и најдобра камера. Играниот филм „Време без војна“ го вкнижува сребрениот медал за режија (во Авелино, Италија, 1972 година), специјална награда за режија на фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула (1969 година), награда за млад актер на фестивалот во Ниш (1969 година), како и републичките награди „11 Октомври“ за најдобра камера и „13 Ноември“ за најдобра режија. Филмот „Истрел“, меѓу другото, е закитен со „златна арена“ за најдобра камера на фестивалот во Пула, како и со голема повелба за машка улога на фестивалот во Ниш, голема сребрена арена за филм, сребрена арена за камера, награда за најуспешен актер-дебитант на фестивалот во Пула, голема повелба за машка улога и специјална награда за машка улога на фестивалот во Ниш, награда за најдобра камера на ФЕСТ 77, награда „11 Октомври“ за најдобра камера – ова се само некои од наградите со кои се закити играниот филм „Најдолгиот пат“. Во 1997 година, Бранко Гапо ја доби највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело.
.Сцена за незаборав. Ентериер – ден, локација бифе на „Вардар филм“. Во бифето влегува Бранко Гапо, по враќањето од филмскиот фестивал во Москва – година 1994. Поздравува, седнува, нарачува, раскажува. Тема – се разбира филмска, фестивалска. На прашање како мина филмот „Македонска сага“ на големиот московски фестивал, следува одговор, приказна за незаборав.

Проекцијата пројде фантастично, онака еснафски реферираше пред присутните, големиот филмски маг и шармер Гапо. Како автор бев силно заинтересиран како култивираната московска публика ја доживува македонската филмска сага. „За време на проекцијата влегов во големата фестивалска сала незабележано и седнав во партерот“, раскажува авторот. „По некое време до мене допира глас, слушам човек липа, плаче. Неверојатно! Возбуда и љубопитност ме обзема. Завршува проекцијата, се пали осветлението. Човекот што седеше до мене и липаше ми се обрати со зборовите – ’Товаришч Гапо, и ја имам душу…‘ Кога гледам, што да видам, не им верувам на очиве – Борис Елцин… лично и персонално“. Така раскажуваше Бранко Гапо. А на плоштадите, на раскрсниците, на мостовите, сѐ уште нема ниту еден одливок во бронза или мермер ниту трага на некој од уметниците, филмски трудбеници.
Елцин беше контроверзна личност, како што беше контроверзна и улогата што тој ја одигра во формирањето на Русија каква што ја познаваме денес.

Автор: Аљоша Симјановски