Фото: Принт-скрин

Русинка вчера ја прекина главната информативна програма на рускиот Прв канал со транспарент со кој ги повикува гледачите „да не веруваат во пропаганда“ и „да ја прекинат војната“ во Украина. Паролата беше напишана на англиски и на руски јазик.

Невладината ОВД-Инфо ја претстави жената како Марина Овсијаникова, вработена во тој медиум. Додека водителката Екатерина Андреева ги читала вестите, зад неа се појавила Овсијаникова со транспарент на кој пишувало: „Не за војна. Не верувајте во пропагандата. Тука ве лажат“.

Водителката продолжила да ги чита вестите неколку секунди, а потоа мрежата брзо преминала на репортажа и го прекинала преносот во живо од студиото. Сцената се случила за време на вечерната информативна програма „Времија“ на Првиот канал, која секојдневно ја следат милиони Руси. Телевизијата соопшти дека е отворена истрага за инцидентот.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски упати благодарност до Овсијаникова во неговото синоќешно видеообраќање.

– Благодарен сум им на Русите кои не престануваат да се борат за вистината и лично на жената што влезе во студиото на Првиот канал со транспарент против војната – кажа Зеленски.

Портпаролката на најпознатиот рускио опозиционер Алексеј Навални, Кира Јармиш, на Твитер го сподели видеото од упадот на Овсијаникова, во прилог на кое напиша „Таа девојка е кул“.

Марина Овсијаникова

ОВД-Инфо соопшти дека Овсијаникова е уапсена и приведена во полициска станица. Неодамна во Русија беше усвоен закон со кој се казнува со тешки казни – до 15 години затвор – она ​​што власта го смета за „лажни информации“ за армијата.

ОВД наведува дека повеќе од 14.100 луѓе се приведени поради изразување несогласување со  војната во Украина која почна 24 февруари.