Во голема скапотија ниските пензии стагнираат

Економската и енергетската криза во нашата земја продолжуваат со интензивно темпо. На тоа во последно време особено дејствува и руско-украинскиот воен конфликт. Ценовниот скок постојано се зголемува, а пензиите и натаму стагнираат, бидејќи нивното ветено зголемување се очекува дури во октомври. Податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека инфлацијата во февруари во однос на истиот месец од минатата година изнесува 7,6 отсто. Притоа растот на храната и на безалкохолните пијалаци е 9,6, на лебот и житото 11,1, на овошјето 10,4 и на зеленчукот 18,5 проценти. Во овој период покачените цени на горивата придонесоа трошоците за транспорт да се зголемат за 19,3, а најголем годишен раст има маслото за храна од 23,8 отсто. Покрај тоа електричната енергија за домаќинствата е зголемена за 9,4, а парното за 14 проценти.

Во исто време, најниските пензии изнесуваат околу 10.700 денари, со кои тешко може да се преживее. Пензија до 11.500 денари земаат околу 80.000 корисници на пензија, плус од 70.000 до 14.000 денари, така што околу 150.000 пензионери се на работ на основата егзистенција. Покрај нив, околу 70.000 пензионери имаат пензија од 14 до 18 илјади денари, а највисок износ од 59.674 денари примаат само 69 лица. Просечната пензија изнесува околу 16.300 денари и е за 1.700 денари пониска од минималната плата. Најголем број пензионери се од старосна категорија што целиот работен век редовно го полнеа пензискиот фонд. Поради тоа логично е да ја делат судбината со сегашните вработени. Меѓутоа, и со најавеното зголемување на пензиите, најранливите категории пензионери не можат да бидат задоволни. Симптоматично е што на преговорите со Владата немаше претставници од Сојузите на корисници на инвалидска пензија, а од СЗПМ и Партијата на пензионери учествуваа главно со високи пензии, кои ги заштитуваа само своите лични интереси. Како да заборавија за подобрување на економско-социјалната положба на поголемиот број пензионери со ниски примања, иако и со нашиот устав им се гарантира социјална сигурност на сите граѓани. Во услови на вакви вонредни околности за создавање основни средства за пензионерско преживување, како што сметаат социолозите, покрај економскиот, треба сериозно да се согледува и социјалниот аспект, како што е во повеќе земји на нашиот континент. Со право се смета дека според принципот на одредување на минималната плата, со европските стандарди од 70 отсто, минималната пензија кај нас требаше да се зголеми на 12.600 денари. Дотолку повеќе што реалната вредност на пензиите значително е намалена со усвоените промени на Законот на ПИОМ при крајот на декември 2018 година. Оттогаш усогласувањето на пензиите започна да се врши само со индексот на зголемени трошоци, што придонесе за нивно значително заостанување во однос на висината на платите.

Така, на 1 јануари 2019 година зголемувањето на пензиите изнесуваше 0,7, а на 1 јули 0,4 отсто, односно само 36 денари, што беше историски незапамтено. Да не се повтори тоа во 2020 година, беше усвоена одлука пензиите да се зголемат со еднаков износ од 722 денари на сите корисници на пензија. Официјалната статистика покажува дека линеарно покачување имало и во 2014, 2015 и 2016 година, со фиксен износ од 600, 623 и 624 денари, што беше на ниво на 5 отсто. Претходно, во 2013 година, покрај редовното усогласување од 2 отсто, пензиите беа дополнително зголемени со 5 отсто или вкупно со 7 отсто. Најголемо усогласување од 21,66 проценти имало во 2008 година. Минатата, 2021 година пензиите беа усогласени само со 1,2 и 1,1 отсто, а на 1 јануари годинава со 2,9 отсто. Бројките многу јасно ја отсликуваат фактичката состојба.
Сега во собраниска процедура е предлогот за враќање на законската одредба усогласувањето да се врши со 50 отсто од порастот на трошоците на животот и со ист процент од растот на просечната плата. Со тоа се очекува пензиите во второто полугодие да се зголемат за 5,5 отсто. Суштински тоа ќе значи најниските пензии да добијат зголемување само 588 денари, оние со просечна 896, а највисоките 3.300 денари. Со ваквото усогласување на пензиите, популистички кажано историско, најмногу ќе бидат погодени околу 200.000 ранливи категории на пензионери. Значителен број од нив се хронично болни, кои во услови на коронавирусот и здравствената криза имаат вонредни трошоци за заштитни средства, за скапи лекови и лекувања. Поради тоа, СЗПМ предлага сите пензионери што имаат до 18.000 денари да бидат ослободени од плаќање болничка партиципација. За долгорочно системско решение за пензиите постоеше варијанта усогласувањето на пензиите да биде 60 отсто од порастот на платите и 40 отсто од порастот на трошоците за живот, како што е во Словенија, Црна Гора и други. Во Хрватска тој однос е 70 спрема 30, во зависност од тоа што е поповолно во корист на пензионерите. И не само тоа. Во повеќе земји минатата година за ублажување на последиците од пандемијата пензиите вонредно беа линеарно или скалесто зголемени. Поради енергетската криза, такви зафати се очекуваат и годинава.
За помош на граѓаните и компаниите, Владата деновиве предложи 26 мерки. Меѓу другото, сите пензионери во април, мај и јуни треба да добијат субвенција по 1.000 денари, што не влегува во пензиската основица. Пратениците, по скратена постапка, едногласно усвоија одлука за измени и дополнувања на Законот за акцизите и на Законот за данокот за додадена вредност. Во согласност со тоа се намалија цените на горивата. Лебот, маслото за јадење и брашното се продаваат по набавна цена, а без ДДВ шеќерот, трајното млеко, свежото месо, оризот и јајцата.

Кај нас проблем е и недостигот од средства за солидарна посмртна помош, поради што од пензиите, наместо 120, се задржуваат по 150 денари, односно заедно со членарината по 180 денари. Истовремено, од февруари средствата за погребнина привремено се намалени од 30.000 на 25.000 денари, што наиде на големи реакции кај пензионерите и нивните семејства. Кога се анализира оваа проблематика, треба да се знае дека поради коронавирусот кај оваа старосна категорија граѓани значително е зголемен бројот на смртни случаи, со што се јави проблемот за обезбедување средства за исплата на погребнината. Сепак, треба да се потенцира дека поради зголемена смртност се намалува бројот на исплата на пензии, со што се зголемуваат резервните средства во Фондот на ПИОМ. Токму и поради тоа во повеќе европски земји на сите починати од пандемијата државата целосно им ги покрива трошоците за погребнина. Доколку тоа се применува и кај нас, средствата на Солидарниот фонд за погребнина на преостанатите починати ќе беа на потребното ниво.
За решавање на сите наведени проблеми, сметам дека треба повеќе да се користат финансиски можности од наменските фондови на Европската Унија.

Драги Аргировски

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба