Интелигентните слободномислечки луѓе во Македонија се демографски пазар. Тие се надвор од општествените норми. Размислуваат надвор од наметнатата рамка и ги гледаат светот и окружувањето онакви какви што навистина се, а не онака како што
политиката им кажува дека се. Идиократијата сѐ повеќе ми изгледа како пророштво за иднината на Македонија
Дозволете ми да зборувам во пофалба за глупоста на политичарите. Ова е безвременска тема, релевантна сега како и секогаш, идејата дека лидерите треба да бидат паметни не функционира баш во Македонија. Она што се смета за интелигентно можеби не секогаш е многу корисно кога станува збор за политика. Глупоста е менталното скеле на успехот кај нас. Значи, што го квалификува човекот денес да се кандидира за висока функција во македонската политика? Секако не интелигенција. Во моментов во Македонијa уживаме мастерклас во уметноста на политичката глупост. Оваа власт не школува веќе некое време, а способноста на медиумите колосална е да предизвикаат и да ја засилат таквата глупост. Но ништо од ова не е ново. Политичарите, особено овие во годините на независна Македонија отсекогаш прибегнувале кон глупави тврдења, бесрамни навреди, смели претерувања и ќелави лаги за да добијат медиумска покриеност и да добијат гласови. Не е тешко да ја доловиш глупоста на нашата политичка ера. Само следи ја глупоста промовирана и поттикната во времето на владеењето на несудениот нобеловец и ќе ја добиеш вистинската слика за Македонија денес. Слика на време што е интелектуално загрозувачко и неверојатно глупаво. Резултатот е цел еден политички екосистем посветен на ширење на глупоста. Дали ова се годините во кои го достигнавме врвот на глупоста? Ако веќе ова е ера на идиоти, што следува? Години на ментално гниење што е навреда за човечкиот ум и за човечката пристојност!?
Македонија е интелектуално дегенерирано општество. Еволуцијата во Македонија не ја наградува интелигенцијата. Напротив, таа сериозно ги наградува оние што најмногу се размножувале – и ги оставила интелигентните да станат загрозен вид. Интелигентните слободномислечки луѓе во Македонија се демографски пазар. Тие се надвор од општествените норми. Размислуваат надвор од наметнатата рамка и ги гледаат светот и окружувањето онакви какви што навистина се, а не онака како што политиката им кажува дека се. Идиократијата сѐ повеќе ми изгледа како пророштво за иднината на Македонија. Да се биде плиток идиот останува мода во политиката и животот кај нас, како што денес сме осудени да го достигнеме општествениот врв кога бројот на глупите станува доминантен во популациската скала. Не сум циничен, тоа е само тажен факт. Ние сме во процес на создавање на она што заслужува да се нарече идиотска политичка култура. Не е идиотска супкултура, која секое општество ја има и која клокоти под површината и која може да обезбеди безопасна забава; туку самата култура. За првпат, чудното, глупавото и грубото стануваат наша политичка културна норма, дури и наш културен идеал. Тоа се случува кога заевизмот ја промовира идејата дека во Македонија луѓето имаат право да бидат глупави.
Особено неговите следбеници. Сега и да сакаат не би можеле да не бидат глупави ако сакаат. Всушност, оваа влада како следбеник на човекот посветен во одбрана на слободата и промотор на правото да се биде глупав, тоа го прави со лични примери и жртви.
Во коренот на култот на глупоста во Македонија е идејата дека мислењата на лошо информираните треба да имаат исто толку тежина, како и мислењето на експертите. Дополнително, Заев нѐ научи дека некомпетентноста и неспособните честопати се благословени со несоодветна самодоверба, поттикнати од нешто што им изгледа како знаење. Што би рекол Буковски: „Проблемот со светот е што интелигентните луѓе се полни со сомнежи, додека глупавите се полни со самодоверба“. Кога ќе ја видиш самодовербата на нашиве политичари не можеш да ја тргнеш сликата за Македонија како средина на монструозен политички моронизам. Примери колку сакаш. Она што сериозно ме плаши не е заробената или хибридната држава, тоа е опасноста од колективната неспособност и глупост што се промовира во Македонија. За да ставиме крај на епидемијата на глупоста, сите ние мора да ги признаеме нашите недостатоци и да се согласиме заедно дека не можеме – и не треба – да знаеме сè. Единствениот лек за нашата епидемија на идиотизам е признавањето на нашето незнаење. Затоа треба да најдеме рампа од овој идиотски автопат на глупоста пред да биде предоцна. Или веќе е доцна зашто тешко е да ги задржите очите на патот кога толку силно се смеете на глупоста што стана наше секојдневие. Реално, кога подобро ќе размислам, навистина има нешто смирувачко во глупоста.
Проф. Звонимир Јанкулоски