Фото: Горан Анастасовски

Во првата приватна општа болница „Ре-медика“ денеска беше изведена вежба „Згрижување и евакуација на болни, повредени, посетители и персонал на безбедно место, прва медицинска помош и противпожарна заштита во услови на земјотрес“.
Вежбата се реализираше во соработка со Црвен крст на Град Скопје.
Целта на оваа вежба беше да се провери нивото на обученост на персоналот за справување со последици од елементарна непогода – земјотрес, евакуација по настаната штета, соработка со останати надворешни субјекти од системот за заштита и спасување.
Вежбата подразбираше влегување во повисоко ниво на кондиција при реакција на природни непогоди, и зголемен степен на интероперабилност на „Ре-медика“ со други институции во државата.

Сценариото на вежбата беше симулација на удар од земјотрес со јачина до 5,9 степени и следствени дополнителни афтершокови со помал интензитет при што е погоден Градот Скопје и неговата околина. Преку симулацијата се увежба реакцијата на сите засегнати страни: Вработените, поголем дел од присутните и хоспитализираните, посетителите во болницата, и припадниците на Црвениот крст.
Со денешната успешно изведена вежба, персоналот на првата приватна општа болница „Ре-медика“ што има поминато теоретски и практични обуки од оваа област, ги потврди знаењата и способностите, а новопримениот персонал се запозна со активностите што се преземаат во случај на ваква елементарна непогода.
Со пораката „никогаш да не се случи“, учесниците во успешно изведената симулација ја завршија вежбата со лично и заедничко уверување дека летвичката на скалилото за успешна реакција за ваквите и слични случаи е подигната на повисоко ниво.

Фото: Горан Анастасовски