На влезот од централната зграда на Академијата за театар и филм во Софија, првото што го гледате е голем мурал на кој е испишано 2 + 2 = 5! Идејата е секој што влегува во тој свет да има на ум дека ништо не е така како што се знае и така како што логично се изведуваат нештата во светот на реалноста. Во најмала рака, уште на врата, што се вели, ова е можност да се свртите и да заминете, ако за вас тоа не се изведените бројки што сте подготвени да ги прифатите како факт или, во најмала рака, како состојба на нештата. На академија за уметност каде што слободата на умот и фантазиите немаат граници и каде што несогласувањето и конфликтот се единица мерка за сѐ што се работи, имаше поделби по сите основи, а кога сме кај светот на филмот, една од основните поделби беше – кој е за француската, а кој за германската кинематографија. Јас бев за Германците. Ама и таму имаше поделби на про Херцог или про Фасбиндер. Бев и останав на страната на Рајнер Вернер. Кога умрел, мнозинството Германци го примиле тоа со олеснување. На вестите на една од тогаш јавните телевизии најавата за неговиот некролог почнала со: умре и таа свиња! Ете, како светот гледа на нас. Како ние гледаме на себеси, тоа е сосема неважна работа. Фасбиндер живеел кратко, помалку од четириесет години, и снимил безмалку четириесет филма. Вакви, такви и онакви. Од тој галиматијас, мене сѐ уште ме држи фасцинацијата од неговата мелодрама „Стравот ја јаде душата“. Ќе зборувам подолу за филмот, сега ќе се вратам на почетокот, кај бројките, и ќе се обидам да ја сумирам годинава зад мене, откако се вратив на страниците на „Нова Македонија“ со моите неделни колумни.
Искрено, како и да поделам, помножам, како и да одземам или додадам, се соочувам со фактот дека два плус два се пет! Можеби дури и шест. Имав ли очекувања за приближно точен одговор? Да. Во принцип не правам ништо ако не верувам во тоа. Чуму ми е што и да е ако не сум начисто дека тоа е поврзано со дух и душа, што во суштина е борба против идејата на Вилијам Шекспир дека љубовта е залуден труд! Да ми прости овој пат мајсторот, ама ниту било, а ниту ќе биде залудно она што е направено со љубов. Особено ако сте почуствувале дека таа љубов ви е возвратена. Во мојот случај, да, ви благодарам на сите што ме читате и со самото тоа ми возвраќате најмалку стопати повеќе отколку што јас ви давам вам. Да се пишува е полесниот дел од читањето. Колку тоа и да звучи апсурдно. За мене читањето и пишувањето се неразделни едно од друго. Во суштина може да пишува само тој што чита. И обратно. Иако, кутриот Гогољ го поминал животот врескајќи по пишувачите како мене да престанат толку многу да пишуваат и да почнат повеќе да читаат. Ама, кој некогаш имал уши да слуша? Особено врескала како Николај Васиљевич. Но зборот ми беше за сумирањето на сите оние нешта што требаше да бидат направени, а не се направија. Секако, она што мене ме загрижува, понекогаш ме стиска и боли, а речиси не престанува да ме греба по умот, се културата и уметноста. Баба баела од тоа што знаела. Така и јас. Иако, ставот на македонскиот полуинтелектуалец во ситуации како мојата е: не сум правник! Е, да, може можеби не си правник, ама не си ни глуп, судејќи според тоа до каде си дотуркал, за да не знаеш дека со крадење и лажење никој не стигнал подалеку од лошо друштво!
И еве го резултатот. Секој обид да се оправдаме себеси и сопствената немоќ за мене е бесмислен, тривијален и непотребен. Кои и да биле причините, кој и да бил виновен или одговорен, или и едното и другото, фактот дека кога на сите труби дуваме дека ни е загрозен националниот и културниот идентитет ние во две и пол години не донесовме ниту национална стратегија за култура, според која би се одбраниле од она што нѐ загрозува! Или измислуваме дека сме од нешто и од некого загрозени? Тоа е логичната равенка. 1 + 1 = 2! Мене лично ова ме поразува и ме прави гневен, па разочаран, потоа немоќен и на крајот уплашен. Се плашам. Иако немам никаков, ама никаков удел во ова работа, сепак чувствувам страв. На крајот, сум верувал дека ова нема да се случи. Сум посветил десет години од мојот живот во поддршка на луѓе што ветувале дека ова нема да се случи. Океј, многупати сум пишувал дека реалноста е светот на политиката – а не светот на уметноста! Реалните победници се тие што учествуваат на политичките – а не на олимписките игри! Но, во суштина, секоја политика што има потенцијал и моќ, базично почива на наивноста на луѓе како мене, кои прво се убедуваат себеси, а потоа, волно или неволно, знајно или незнајно, во тоа убедуваат и други луѓе да веруваат во политички определби и каузи. Она што не можам да го поднесам и ме боли како да ми корнат катен заб, што се вели, е огромното мнозинство на луѓе разочарани или без очекувања. И тоа е нашиот најголем пораз. Невозможно е да правите какви и да е промени ако големото мнозинство не верува барем во еден дел во тоа што вие го предлагате како добро. Нема шанси да се постигнат какви било резултати во што било ако никој нема мотивација да го прави тоа што може да му го направи животот попристоен. Гледам како луѓето се затвораат во својот срам од себеси и во својот страв од другите. И тие што заминаа од тука и тие што останавме. Македонија е земја на засрамени и застрашени луѓе од општиот неуспех да промениме што и да е. Ќе нѐ дотолчи стравот дека промените се невозможни. Дека во светот на реалноста владеат исти луѓе, со иста потпросечност, без вештини, без квалификации, лажговци и интриганти без знаења да се подобрат себеси и сопствените животи, а не пак животите на другите. Влеговме и не можеме да излеземе од маѓепсаниот круг на едноставната равенка: АКО СО ИСТИ ЛУЃЕ ГИ ПРАВИТЕ ИСТИТЕ РАБОТИ, ЌЕ ДОБИЕТЕ ИСТИ РЕЗУЛТАТИ! Колку треба да се биде умен за да се разбере оваа едноставна вистина? Но силата на медиокритетите секогаш била неразумно неразбирлива и моќна! Тие од Македонија направија логор во кој сите надежи ги држат зад боцкава жица, а умот секојдневно го тушираат во гасните комори на неофашизмот на нивната примитивната конјунктурност!
Во секој случај, да живееш со луѓе што безволно чекаат на ред да бидат ставени под туш е комплицирана и тешка работа. Искрено, едвај го издржувам ова. Многу често фрустрациите што се составен дел од оваа состојба ги залечувам со озборувања, со категоризирање други луѓе и со гнев кон себеси и кон други, главно луѓе што ги познавам долги години. Знам зошто е тоа така. Затоа што се плашам од сопствените убедувања и од личниот неуспех. Стравот ми ја јаде душата. Јас сум целосно заглавен во филмот на Фасбиндер, кој во суштина зборува за тоа како двајца различни луѓе што се сакаат ќе влезат во трагање по одговор на прашањето дали тие припаѓаат еден на друг и дали нивната понатамошна врска е можна. Мене ми е страв дека зборувам и правам работи што се залудни и ненужни и неопределени како потреба, како место и како време. Кога стравот за тоа дали ти некому или некаде припаѓаш е поголем од тоа што реално го правиш во знак на припадност, тогаш навистина сите други прашања стануваат бесмислени. И одговорите. Правам сѐ, стравот да не ја изеде мојата душа. Знам дека единствен начин да се победи стравот е соочувањето со него! А за тоа е потребна осама. Притајување. Смирение. Одгневување. И работа. Исто како и сите други ѓаволски работи, и стравот шета по незафатениот ум. И другпат сум го победувал со работа, со посветеност, со дела. Најпосле, да правите нешто што нема мерлива материјална вредност е можно само ако сте подготвени да излезете од една и да влезете во друга битка. Една по друга. Исто како во филмот на Пол Томас Андерсон. Кога ќе влезеш во овој круг, излегуваш само на носила. Тоа е. Во ред, го прифаќам ова.
Драги мои, пред мене е работно и многу, ама многу, многу интензивно лето, а пред најголемиот дел од вас се годишните одмори и заслужената почивка од себеси и од другите. И од мене, на крајот на краиштата. Ви посакувам на сите мирно и топло лето. Што друго и ни треба во овие месеци кога сонцето и топлината ја греат душата. Сакам лета. Сакам сонце. Сакам попладневна омарнина и кратка бура. И пак од почеток. Сакам кога денот е година. А тоа е можно само во лето. Уживајте во деновите години. До скорашната средба ве поздравувам и ви посакувам лето што ќе го паметите по средби со убави луѓе и по убави настани. До следната средба, да сте живи и здрави.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“
































