Кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп постигнаа консензус од осум точки за односите меѓу Кина и САД, како и за повеќе меѓународни и регионални прашања, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Си и Трамп разговараа на 24 септември во Белата куќа во Вашингтон, во рамки на државната посета на кинескиот претседател на САД. Според кинеското МНР, двајцата лидери се согласиле односите меѓу двете земји да се развиваат како конструктивни, стратешки и стабилни, врз основа на почит, праведност и еднаквост.
Меѓу договорените точки е и заемната поддршка за успешно организирање на неформалниот состанок на лидерите на АПЕК и Самитот на лидерите на Г20, при што Си и Трамп изразиле намера да присуствуваат на состаноците организирани од другата страна.
Двајцата лидери се согласиле дека Иран треба да ја исполни обврската да не развива нуклеарно оружје, а се заложиле и дека ниту една земја или организација не треба да наплаќа патарини на меѓународните водни патишта.
Си и Трамп потсетиле и на сојузништвото на Кина и САД во Втората светска војна, кога двете земји, според кинеското МНР, се бореле рамо до рамо.
Во економскиот дел од разговорите, двајцата претседатели ја потврдиле позитивната улога на механизмот за трговски консултации и се заложиле за спроведување на постигнатите договори. Меѓу нив е и договорот за реципрочно намалување на царините во вредност од 30 милијарди долари, како и продолжување на резултатите од трговските консултации во Куала Лумпур.
Постигнат е и, како што наведува Пекинг, значителен напредок во соработката меѓу кинеските и американските агенции за борба против дрогата.
Двете страни се договориле да воспостават дијалог за вештачката интелигенција, во рамки на кој ќе разменуваат мислења за ризиците и придобивките од оваа технологија. Предвидено е и воспоставување комуникациски канали за прашања поврзани со вештачката интелегенција.
Како дел од договорите, САД го поздравиле и доаѓањето на двојка џиновски панди во зоолошката градина во Атланта, кои Кина ќе ги позајми на американската зоолошка градина.
Според кинеското МНР, Си и Трамп се договориле што е можно побрзо да потпишат меморандум за разбирање за зајакнување на комуникацијата и спречување кризи. Тие се согласиле и да продолжат со соработката во потрагата по останките на исчезнатите американски воени лица во Кина.
Шји престојуваше во државна посета на САД од 23 до 25 септември.
































