По повеќе од 30 часа потрага, спасувачките екипи на противпожарната служба на Грција ги пронајдоа и извлекоа телата на шесте лица кои се водеа како исчезнати по вчерашната експлозија во двокатна зграда во атинската населба Плака.
Со тоа заврши операцијата за пребарување и спасување, која започна веднаш по експлозијата во петокот наутро. Од шесте жртви, четворица биле туристи, а двајца биле станари на објектот.
Според информациите на МИА, меѓу загинатите се тројца државјани на САД со албанско потекло и уште еден американски државјанин, кои престојувале во објектот што функционирал како сместувачки капацитет, како и 77-годишна Гркинка и 78-годишен Британец.
Експлозијата се случила во петокот околу 7.45 часот, а првичните информации упатуваат дека најверојатно била предизвикана од истекување на природен гас. По експлозијата, зградата целосно се урнала.
Во операцијата учествувале 30 пожарникари со шест возила, меѓу кои две специјализирани спасувачки возила, како и три кучиња за пребарување и спасување. Екипите користеле и геофони и камери за лоцирање на лицата под урнатините.
Од грчката противпожарна служба информираа дека пред експлозијата немало пријава за миризба на гас во областа. Во меѓувреме, специјализирани служби продолжуваат со истрагата за утврдување на причините и околностите што довеле до експлозијата, пожарот и уривањето на објектот.
Истражните дејствија се спроведуваат под насоки на надлежното обвинителство во Атина, во соработка со останатите надлежни служби.
































