ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
- Македонија на дебито во лигата Б првпат ќе се сретне со Швајцарија
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 ч.), во Скопје (арена „Тодор Проески“), во првото коло на петтата сезона на Лигата на нациите, првпат ќе одигра натпревар со селекцијата на Швајцарија.
– Од сите играчи сум презадоволен. Сите четири тренинзи ги одработија максимално и знаат што треба да работат на терен. Против секој противник треба да се игра, па така и против силната Швајцарија. Знаеме каков состав имаат, но сакам да размислуваме пред сѐ за нас. Сите наши фудбалери се здрави и тренираат добро, освен Николов, кој нема да настапи. Со помош на публиката верувам дека можеме до позитивен резултат. Очекуваме голема поддршка од трибините, а наше е да прикажеме добра игра – изјави селекторот Гоце Седлоски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Дуелот вечерва во групата 1 е дебитантски за Македонија во лигата Б на Лигата на нациите, откако го освои првото место во својата група во лигата Ц во минатото издание на тоа натпреварување и се пласира еден ранг погоре.
– Имаме одлична атмосфера, среќни сме што повторно сме заедно и подготвени сме за максимум. Очекуваме голема поддршка од навивачите, тоа многу ни значи. Играме во Скопје, ова е нашиот дом и треба да го покажеме нашиот идентитет. Многу ни значи полн стадион и свесни сме дека пред нас е тежок натпревар – вели капитенот Енис Барди, пренесе ФФМ.
Швајцарија ќе биде 50. репрезентација од актуелните членки на Европската фудбалска унија (УЕФА) со која Македонија ќе одигра натпревар.
– Очекувам тежок натпревар. Играме против моќна репрезентација и четвртфиналист на Мундијалот, но ние сме подготвени и ќе излеземе по позитивен резултат. Чест ни е што младите се со нас, ги прифаќаме најдобро што можеме. За секој фудбалер е чест да го носи дресот на репрезентацијата – рече Елиф Елмас, пренесе ФФМ.
Во оваа група 1 сезонава се и селекциите на Шкотска и на Словенија. Во овој циклус, црвено-жолтите ќе одиграат уште три меча, и тоа со Словенија во вторник во Љубљана, дома со Шкотска на 3 октомври и со Швајцарија во Луцерн на 6 октомври. Преостанатите две средби на програмата се во ноември, со Шкотска на гости и со Словенија дома. Победниците на четирите групи во лигата Б ќе обезбедат пласман во лигата А, второпласираните ќе играат во плејофот за пласман во лигата А, третопласираните ќе опстанат во лигата Б, а четвртопласираните ќе играат во плејофот за опстанок во лигата Б. Н.М.
ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ПРВО КОЛО
Лига А
Холандија – Германија 1-1
Србија – Грција 1-2
Норвешка – Данска 3-2
Португалија – Велс 1-0
Италија – Белгија синоќа
Турција – Франција синоќа
Чешка – Хрватска 20.45 ч.
Англија – Шпанија 20.45 ч.
Лига Б
Австрија – Израел 3-1
Косово – Р Ирска 1-0
Грузија – С. Ирска 18 ч.
Унгарија – Украина синоќа
Полска – БиХ синоќа
Шведска – Романија синоќа
Словенија – Шкотска 15 ч.
Македонија – Швајцарија 20.45 ч.
Лига Ц
Ерменија – Летонија синоќа
Црна Гора – Кипар синоќа
Фарски О. – Казахстан 18 ч.
Бугарија – Луксембург 18 ч.
Исланд – Естонија 18 ч.
Сан Марино – Финска 18 ч.
Албанија – Белорусија 20.45 ч.
Словачка – Молдавија 20.45 ч.
Лига Д
Андора – Малта 1-2
Лихтенштајн – Литванија 0-2
































