Фото: МИА

Во чест на 35-годишнината од независноста на Република Македонија, македонското знаме денеска свечено беше подигнато во Њујорк.

Традиционалната церемонија се одржа во финансискиот центар на Њујорк, пред познатиот споменик „Разјарениот бик“, во присуство на десетици македонски иселеници и поддржувачи.

Претставници на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), која го организираше настанот, им се заблагодарија на присутните кои, и покрај неповолните временски услови и најавите за невреме, дојдоа да ја одбележат годишнината од независноста.

 – Со овој гест сакаме да ги потсетиме сите дека сме тука и дека нема да нè снема. Како времето денес, имавме 35 тешки години во кои се обидоа да нè избришат, но не им успеа и сè уште сме тука. Задачата на ОМД е да ги собере Македонците, бидејќи сме посилни кога сме заедно – изјави за МИА Арџи Белио од Обединетата Македонска Дијаспора.

Свеченоста беше збогатена со изведба на македонската и американската химна, како и со музички настап на пејачката Андријана Јаневска, која ја изведе песната „Земјо мила“.

Со подигнувањето на македонското знаме во срцето на Њујорк, македонската дијаспора ја одбележа 35-годишнината од независноста и испрати порака за заедништво и припадност.