Фото: Фејсбук профил на Гордана Силјановска Давкова

Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова денеска на свечена церемонија ја одликуваше светски реномираната научничка и истражувачка во областа на биохемијата, Светлана Мојсов, со Орден „8 Септември“.

Одликувањето ѝ е доделено за нејзиниот исклучителен и фундаментален придонес кон развојот на светската наука, како и за афирмацијата на државата во меѓународните интелектуални кругови.

Во своето обраќање, Силјановска-Давкова ја истакна долгогодишната научноистражувачка работа на Мојсов, особено нејзиниот придонес во синтезата на пептиди и истражувањата поврзани со глукагонот и глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), на кои денес се темелат терапии за дијабетес и дебелина.

 – Со ова највисоко државно одликување, Орденот „8 Септември“, ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки, но и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи засекогаш како држава – истакна Силјановска-Давкова.

Претседателката потсети дека Мојсов е родена во Скопје, каде што го завршила основното и средното образование. Во 1971 година дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Белград, а во 1972 година ги започнала докторските студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк.

Таму работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд и докторирала во 1978 година. Нејзината работа била насочена кон синтезата на пептиди во цврста фаза, вклучително и синтезата на панкреасниот хормон глукагон.

 – Ние имаме голема среќа и незаслужена чест да се заблагодариме за големото дело на една научна хероина – Светлана Мојсов, професорка на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, САД. Судбината решила таа да биде и наша, Македонка, родена во Скопје, Македонија – рече Силјановска-Давкова.

Фото: Фејсбук профил на Гордана Силјановска Давкова

Во 1983 година Мојсов се преселила во Бостон и започнала да работи во Одделението за ендокринологија при Општата болница во Масачусетс. Во соработка со Џоел Хабенер и Гордон Вир учествувала во истражувањата што довеле до идентификација на глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), хормон кој го стимулира создавањето инсулин и има значајна улога во регулирањето на метаболизмот на глукозата.

Во 1990 година Мојсов се вратила на Рокфелеровиот универзитет, каде што била избрана за доцент, а од 2002 година е вонреден професор за истражување.

Нејзината научна работа во областа на биохемијата и истражувањето на GLP-1 има значајно влијание врз современите пристапи во лекувањето на дијабетесот и дебелината. Во текот на повеќедецениската научноистражувачка работа, Мојсов е автор и на девет значајни патенти.

За својата научна работа таа добила бројни меѓународни признанија, меѓу кои наградата „VinFuture“ во 2023 година, „Pearl Meister Greengard Prize“, „Princess of Asturias Awards“, „Tang Prize“, „Lasker-DeBakey Clinical Medical Research Award“, „BBVA Foundation Frontiers of Knowledge Award“ и „Warren Triennial Prize“. Во 2023 година беше вклучена и во листата „TIME 100“, а списанието „Nature“ ја вброи меѓу 10-те највлијателни научници на годината.

Мојсов е добитник и на Светската награда на хуманизмот во Охрид и е почесен професор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје. Во тек се и иницијативи за нејзино прогласување за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.