Досегашните билатерални средби меѓу Македонија и Бугарија се одржуваат „колку да се случат“, а Европската Унија треба да се вклучи во процесот за да ги слушне аргументите на двете страни, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ.
Одговарајќи на прашањето како го толкува ставот на официјална Софија дека е подготвена за дијалог, но дека разговорите треба да продолжат билатерално, без посредство на ЕУ, Мицкоски оцени дека досегашните средби не донеле суштински резултати.
– Досегашните средби на билатерално ниво, коишто ги имаа и претседателката, и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, се средби коишто јас ги викам средби колку да се случат. Потоа имате брифирање по завршувањето на тие средби, секогаш со сосема различна вистина од она што било разговарано на состанокот – рече Мицкоски.
Тој објасни дека предлогот за вклучување на ЕУ има цел претставниците на Унијата да ги слушнат аргументите и на Македонија и на Бугарија.
– Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат: ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме и да се правиме дека немаме, но во суштина навистина имаме билатерален спор, којшто сега е на својот почеток – нагласи премиерот.
Според него, токму затоа е потребен дијалог и вклучување на претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, кои би ги слушнале аргументите на двете страни.
Мицкоски истакна дека ставот на Владата е оти Македонија не може да влезе во процес без јасна претстава за неговиот крај и гаранции дека евроинтегративниот пат нема постојано да се продолжува со нови услови.
– Нашата позиција е дека не можеме да влеземе во каква било авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто потоа континуирано ќе ни се поместува – рече Мицкоски.
Тој посочи дека, според него, и по отворањето на преговорите може да постојат дополнителни можности за поставување нови барања, имајќи предвид дека за затворањето на поглавјата и кластерите се потребни одлуки во земјите членки на ЕУ.
– Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања – рече премиерот, додавајќи дека не сака да влезе во процес во кој условите би можеле дополнително да се менуваат.
Мицкоски додаде дека Владата има предлози за тоа како да се надмине актуелниот процес и решението да се бара заеднички со Бугарија.
– Ние сме партнери во НАТО. Ако таму сме партнери во тоа семејство, логиката вели дека и тука треба да сме партнери. И на крајот од денот, во интерес и на официјална Софија е ние да бидеме дел од Европската Унија. Мислам дека тоа се тие добрососедски односи – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека Владата ја користи секоја можност пред стратешките партнери, меѓу кои и Соединетите Американски Држави, да ги презентира аргументите и позициите на Македонија во однос на процесот на европска интеграција.
– Јас само можам да кажам дека ние користиме секоја прилика, секоја можност да ги презентираме нашите аргументи. Тоа е тоа што мене ми е важно и тоа што е важно за луѓето од Владата – рече Мицкоски.
Тој додаде дека целта на Владата е да ги пренесе своите позиции и аргументи, по што, како што рече, соговорниците треба да проценат дали тие се основани.
































