- Вистинската дипломатија на една држава не се мери со гласни изјави и
желби, туку со способноста да биде мотор на развојот и позитивен пример. Вистински лидер се станува со безрезервна поддршка за соседите, со градење мостови и со промовирање заемни вредности. Кога една земја членка на Европската Унија успева да ги мотивира другите од регионот да го следат нејзиниот пат, таа природно станува лидер чиј збор се почитува. Кога го прави спротивното, станува пример што треба во широк лак да се избегнува
Кога во 1991 година Бугарија прва ја призна македонската независност, имаше колосална шанса да стане предводник на процесите што потоа неминовно следуваа, но водена од романтичарските соништа неповратно ја пропушти таа шанса. Не може некој да има лидерски аспирации во регионот, а притоа да не признава народ, јазик, историја и култура на друг народ, тоа е несвојствено за 20 век, кој тогаш беше пред својот крај, уште помалку за 21 век.
Колку и да прави обиди да се прикаже во едно поинакво светло, вистината е една, дека официјална Софија никогаш не еволуираше во политиките кон Македонија од 19 век, а токму тоа ја стави во позиција да биде тргната настрана од сите процеси во регионот што значеа некаква предводничка улога на Балканот.
А толку малку требаше. Признавањето можеше да биде комплетно и на тој начин да се стави точка на историските разлики и минатото да остане зад нас. Во тоа време она што на двете земји им беше потребно беа заеднички настап и заеднички пат кон она што значи членство во ЕУ и НАТО. Нема никаква дилема дека ако се случеше тоа тогаш, Македонија ќе беше дел од ЕУ многу порано, а двете земји и обата народа ќе беа вистински пријатели што ќе градеа уште поблиски односи.
Е откако се пропушти таа шанса во минатото, Бугарија сега ќе ја ангажирала дипломатијата да работи во насока на промоција на државата во регионален лидер.
Но едно е сигурно. Вистинската дипломатија на една држава не се мери со гласни изјави и желби, туку со способноста да биде мотор на развојот и позитивен пример. Вистински лидер се станува со безрезервна поддршка за соседите, со градење мостови и со промовирање заемни вредности. Кога една земја членка на Европската Унија успева да ги мотивира другите од регионот да го следат нејзиниот пат, таа природно станува лидер чиј збор се почитува. Кога го прави спротивното, станува пример што треба во широк лак да се избегнува.
За жал, официјална Софија наместо да биде искрен поддржувач на евроинтеграциите на Западен Балкан, таа се претвори во пример за непринципиелен партнер што ги злоупотребува својата позиција и правото на вето во ЕУ. Наместо почитуван регионален играч, во очите на соседите Бугарија стана препознатлива исклучиво како кочничар. И сите го препознаваат тоа, па затоа овие напори уште однапред се осудени на неуспех.
Попусто неодамна бугарската претседателка Илијана Јотова им се обрати на нивните амбасадори и повика на поголема проактивност, констатирајќи на состанокот дека повлекувањето на Бугарија од влијанието на Балканот било грешка и дека државата мора повторно да води самостојна и засилена надворешна политика. Но тука Софија трајно ја промашува поентата, или народски кажано, по свадба тапани.
Имено, со дипломатија заснована на уцени, притисоци и вета не се гради лидерство. Со тоа само се создава слика за лош сосед што гледа исклучиво да ги задоволи сопствените фрустрации. Директното негирање на македонскиот народ, јазик и идентитет е во целосна спротивност со темелните европски вредности. Притисоците за промена на нашиот устав, како и дејствувањата меѓу македонското малцинство во Албанија, Косово и во Србија, покажуваат дека матрицата на асимилација сè уште е жива. И за тоа се свесни и Србија и Албанија, но и Косово, првата со обидите на официјална Софија да ја редефинира историјата, втората со уцената од вето до албанските власти ако не замижат на асимилаторските процеси што ги спроведуваат бугарските емисари на албанска територија меѓу македонското малцинство. И Косово треба да молчи за побугарувањето на Гораните.
Затоа никаква претерана дипломатска активност, ниту отворање културни клубови нема да ѝ помогнат на Бугарија додека од корен не го смени својот однос. А може да направи нешто во таа насока доколку сака. Прво, може веднаш да ги одблокира македонските евроинтеграции и активно да ѝ помага на земјава на тој пат, како што впрочем се обврза во Договорот за пријателство и добрососедство. Втор чекор во вистинска насока би бил спроведување на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонското малцинство во Бугарија.
Со тоа ќе покаже дека како членка на ЕУ доследно ги почитува одлуките на европските институции. Понатаму, може да инвестира во реална инфраструктура, патишта и железници што вистински ќе ги поврзат луѓето наместо и за тоа да одолжува со децении, за на крајот под притисок на Брисел да мора да се согласи да ископа половина тунел за да може да се реализира коридорот 8.
Она што му е повеќе од јасно секoму, односно на оној што претендира да биде некаков регионален лидер, е дека вистинското приближување се постигнува без притисок, преку рамноправен разговор и меѓусебно почитување. Сè додека не се случи тоа, сите конференции на бугарските дипломати и сите нови иницијативи ќе останат само празен протокол без содржина. А Бугарија, за жал, ќе продолжи да биде само главен кочничар наместо посакуван предводник на Балканот. И самите го знаат тоа.
































