Бушмани, душмани, ранци и падобранци

Ова околу нас не е Африка, ама не сме далеку од резерват. Ние, секако, не сме Бушмани. Бушманите се прекрасни, едноставни, скромни, посветени, работливи, солидарни, кротки, храбри, чесни. Ние одамна ги фрливме овие вредности како вишок што ни пречи на патот кон злорадоста, алчноста и себичноста

Се сеќавате на шишето „кока-кола“ што падна од небо? Падна од авион среде Африка. Бушман го пронајде. Потоа се советуваше со племето и донесоа одлука. Шишето е на боговите, ним им паднало, затоа мора да им се врати. И Бушманот тргна на својата мисија до крајот на светот за да им го врати дарот на боговите. Боговите паднаа на теме. Така беше кај нас преведен филмот.
Нашата сегашност е сличен филм. Не така забавен. Има смешни моменти, ама тие спаѓаат во гротеска и црн хумор. И боговите се тука. НАТО-боговите. Чадорот. Повисоките од горе, како што ги нарекува нивниот тукашен првосвештеник Зоќи Заев. Ова околу нас не е Африка, ама не сме далеку од резерват. Ние, секако, не сме Бушмани. Бушманите се прекрасни, едноставни, скромни, посветени, работливи, солидарни, кротки, храбри, чесни. Ние одамна ги фрливме овие вредности како вишок што ни пречи на патот кон злорадоста, алчноста и себичноста. Не сме Бушмани, ама сами на себе одамна сме си душмани.
А боговите, оние повисоките од горе, НАТО-боговите… и ним им паѓаат некои ствари од небото. Прво падна нешто чудно во близината на Скопје, за кое не ни дозволија да го видиме и да му се израдуваме како на божји дар. Пред некој ден, среде Неготино, на боговите им падна ранец. Падобрански ранец од НАТО-боговите. И тоа не од некои таму споредни богови како Естонци, Романци, Грци или Бугари, туку од врвните божества, Американците. Добро сега, пред да клекнеме и ние пред пантеонот на боговите, не ни ветуваа дека од небо ќе врнат ранци. Нашите НАТО-првосвештеници Зоќе, Таќе, Алибаба и неговите разбојници (разбојници се оние што на разбој ја ткаат нашата блескава нова нормалност), како и нивните медиумски, академски и интелектуални клисари, ни ветуваа дека со НАТО-боговите од небо ќе врнат пари и убавина, а не падобрански ранци. Затоа нема да ме чуди ако има разочарани околу овој божји дар во облик на ранец. Но не треба да очајувате. Јас ќе ви откријам една тајна.

Божјите дарови секогаш се чудни. Полни мистика, симболика, двојни и тројни значења. Не ви зборувам за христијанство, ислам, будизам. Тие одамна се демоде. Ви зборувам за божествата на новата нормалност и верниците составени од граѓанството луѓенца, океанот убавина, интелектуалната бижутерија. Тоа е новата единствена догма, пантеонот божества што ги сочинуваат американската длабока држава, ЕУ, НАТО, отворените општества. Нивните божествени дарови секогаш се полни симболична мистичност. Јас како нововерник веќе знам и да ги толкувам.
Падобранскиот ранец, фрлен од американските НАТО-богови, носи длабока симболична и мистична порака. Послание за нордистанците. Како посланијата на апостол Павле за Македонците, ама далеку посериозно. НАТО-боговите, фрлајќи падобрански ранец од небото, сакаат да им порачаат на нордистанците дека се падобранци на оваа територија. Паднати од небо. А кога си паднат од небо, исто како да не постоиш. Ништо немаш, ништо не поседуваш, ништо не е твое. Ни историја, ни култура, ни јазик, ни припадност. Затоа и нема што да бараш. Тоа е симболичната порака.
Но за да не излезе дека боговите праќаат само мистични пораки, тука се и научните факти. А науката е логична. Па така, на оваа територија со векови живееле Македонци. Тие Македонци биле Грци. Логично, нели? Низ историјата, Македонците што биле Грци, живееле во Римската Империја, па во Источното Римско Царство познато како Византија. И сите се нарекувале Ромеи. Секоја империја има цар, администрација, војска, правен поредок, училишта, библиотеки, религија, храмови. Во еден момент упаднале диви племиња наречени Словени. Пред тоа живееле во мочуришта и биле неписмени пагани. И како што вообичаено бидува, а логиката наложува, Словените шетале низ империи каде што никој не ги забележал, пресретнал, со војска попречил и сиот народ што живеел наваму натаму го асимилирале. Неписмените ги асимилирале писмените. Така, Македонците што биле Грци, односно Ромеи, се претопиле во Словени. Потоа, некаде од Азија, дошле бугарски племиња. И што се случило? Им објасниле на Македонците, кои се Грци, односно Ромеи, а потоа асимилирани од Словени, дека отсекогаш биле Бугари и овие со радост ја прифатиле таа вистина. Пологично, здравје. И сè ќе било во ред ако не се појавел лажниот бог Тито и повторно ги измислил Македонците, кои никогаш не постоеле затоа што биле Грци, кои се Бугари. Но Пировата победа на лажните Македонци траеше кратко. За среќа, се појавија вистинските богови САД, ЕУ и НАТО. Тие ги родија нордистанците. Им објаснија кои се, докажувајќи им дека не се. И нордистанците започнаа ритуал на раздавање. Историја, култура, јазик, традиција… сè им раздадоа на соседите. Ама затоа, наскоро, од небо ќе врнат пари и убавина, а боговите ќе ни ги плаќаат сметките.

Да се вратиме уште малку на мистика. Или сте за Гоце Делчев или сте за Владимир Путин. Ова го изговори нордистанскиот НАТО-првосвештеник, езотерикот и мистик Зоќе Заев. Пророк поголем од Илија, Елисеј, Исаија и Еремија заедно. Многу завидливци сосем погрешно го протолкуваа ова пророштво. Почнаа да блујат отров од поганите профани усти. Најдалеку отиде еден небитен и беден албино колумнист. На крајот од својата колумна тој му напиша на пророк Зоќе дека, имајќи ги предвид неговите дела, Гоце Делчев сигурно ќе му го прател Ќосето да го посети среде ноќ, а Путин може и да го октроира во Украина за да го бетонира украинскиот идентитет.
Но така пишува злобен албино, кој не знае дека пророчките зборови секогаш имаат скриено значење. Гоце Делчев или Владимир Путин. За нордистанците Делчев е Бугарин. Оној небањат џган што уште се доживува како македонски народ, истиот тој Гоце го доживува како апостол на Македонија. Бугарија има Црно Море. Таму има плажи, а по нив се шета во апостолки. Од другата страна на тоа Црно Море е Путин, Русија и украинскиот брег освоен од Руси. Секако дека и Путин летово ќе отвори туристичка сезона. Е па, ете ви ја скриената пророчка порака. Шетајте апостолки на бугарското крајбрежје, а не по руски плажи. Пророчка туристичка порака.
Уште нешто за крај. Нордистанците нема да го празнуваат 9 Мај, победата над нацифашизмот. Тоа е логично. Спонзорите на укинувањето на Македонија и творците на Нордистан, нивните предци и идеолози, како и нивните денешни октроирани марионети, на 9 мај 1945 година беа поразени и потпишаа капитулација.