Ај, доста се блесавам!

Падна геј-дуото во Србија – „Вучиќу педеру“ и „лезба с Крка“ – сега на власт ќе бидат овие што мавтаат со икони и крстови, ама и не го вадат Бога од уста. Блесаво, нели? Мојот измрцварен ум се чувствува опуштен како во када полна блесавост, одлепи сè наоколу, од татковината до вселената – просто човек веќе не може да пофати што следно ќе падне од небо како реалност. А немам нешто против Бога – напротив, љуби го непријателот свој е највкусното залче од лебот на вистината и ако љубов немам, ништо не сум, тоа е суштината – едноставно, циничните детали со кои нè тепа секојдневието ми даваат за право да се блесавам и да се расфрлам меѓу редови со иронија.
А се изнервирав. И не за изборот што го направија Србите – јас сум од оние малкумина тука што мислат дека српската политика си е нивна работа – по нерви ми запланинари вмреженото пучанство, оти читајќи како си вадат очи, поделени на „вучиќи“ и „пумпаши“, ми се причини дека сме дел од белградски пашалук – и во право е една умна девојка кога напиша дека не чула некој Србин да се треска од земја околу избори во Македонија – па оттука, онака нервозен, со изопачена фантазија, се видов себеси – диктатор што рециклира нордистанци за депортација – вмрежено пучанство: „трчечим кораком“ накај Србија, сдсмјани како благонадежен с’шти народ со Бугарите: гитла во Софија, на Албанците: среќен пат во Косово и Албанија, вмроовци: правец кај нејзиното стратешко височество, Америка, а оние демек радикална левица: марш во дачата на Зјуганов – па да си останеме тука само јас, осаменоста и љубовта за Македонија.
Да се вратиме на неподносливата убавина на блесавоста! Жал ме фати за патриотската вмрежена дружина, оти изгорена – исто како мене – од тукашното дејствување на шуто и рогато, брендирано како шарена револуција, кај српската студентарија веднаш препозна платена војска соросиди, ама вистината, колку и да звучи блесаво, обратна е – Алекс Сорос како наследник на тато Џорџи, се отепа од клештење пред камери стоејќи покрај „Вучиќу педеру“, речиси секоја втора недела. Од друга страна, хистеричната интелектуална бижутерија на граѓанството луѓенца веднаш се поистоветија со српските студенти, врескајќи дека северниот ветер ќе дува и наваму. Север да ги однесе – патем и јас сакам добро да се надувам – ама нивната „математика“ нема никаква логика. Секако дека српските студенти се финансирани од домашни и странски грантови, не оди тоа без пари, ама ако ја земеме предвид разликата во големината на тамошното „пумпање“ и тукашната „куртонизација“, излегува – они секој ден по 100.000 на улица, а тука едвај 2.000-3.000, па оттука, може да заклучиме дека финансиски, младите Срби беа гола вода спрема овдешната средовечна шарена „авангарда“, бидејќи кај нас се истурија милиони долари, кои УСАИД ги здипли од џебовите на американските даночни обврзници за преку „Отворено општество“ да ги фрли во Македонија како дел од специјалната војна против неа, во чиј декор како спонзоруша учествуваше и режирана револуција, толку многу ненаситна за да биде грантирана што Кери, Хју, Ричард и Ли од семејството Грантови можат да им завидуваат.
А каде се шарените, тука е и СДСМ – додуша лидершипот им е растрчан по белиот свет – војува и победува на избори во Унгарија, Србија и Бразил, а се подготвува да растури и на „mid-term“ во Америка, ама и шпартаат од Мариопул до Одеса, барајќи го Мицкоски за да му ја симнат руската шубара, но ги има и тука, па штом излегоа српските изборни резултати веднаш тамошната опозициска победа ја претставија како сопствена, силувајќи ги времето и просторот преку блесава манипулација – својата шуто и рогато-револуција од минатото, ја мешаат со сегашната студентска победа во Србија, заборавајќи дека таму граѓаните со голема изборна разлика го сменија Вучиќ, а кај нас, по специјалната војна против Македонија, Заев на власт беше донесен од амбасадорот Бејли, затоа што сдсмјаните, и покрај сè, изгубија од македонскиот народ на избори, па шефот на ЦИА мораше да пишува платформа преку која командантите од ДУИ, на изборно поразените им дадоа моќ да владеат за овие да го стават македонскиот идентитет во гасна комора.
Тоа во минатото, ама еве и сега, СДСМ ја пее истата песна во чиј рефрен, тие ќе се истопорат на власт преку странски упад, шарена револуција, изборен инженеринг, слаба меморија на јавноста, досаден муабет дека тие се Американци од ЕУ, а Мицкоски е син на Орбан и Вучиќ од кинеска Русија и така наваму и така натаму што, веќе сум напишал, не значи дека нема да се случи во моментот кога стратегиските партнери ќе одлучат дека Нордистан мора да влезе како бугарски пашалук во Унијата. На сето ова, веднаш се налепија и некрофилите од медиумскиот, универзитетскиот и експертскиот шарен свет на интелектуалната бижутерија, кои веднаш ја распослаа својата хистерија со муабетот: Србите за 16 загинати лица во Нови Сад урнаа режим, а кај нас што се чека откако ни загинаа 63 млади луѓе во Кочани? Јас ќе ви одговорам, оти нема друг начин како поинаку да ѝ се одговори на политичка некрофилија – се чека вие да го земете кабелот од тетовската модуларна болница и со него да нè камшикувате – нас, кои никогаш нема да го прифатиме она што вие и вашите политички гуруа ѝ го направивте на Македонија претворајќи ја во приватен бишкарник без национален идентитет – и откако ќе нè искамишикувате, да се качите во автобус што вози без дозвола да ја напушти државата и со него да нè газите како шлепер жаби.

И додека ЕУ-пашалукот наречен Западен Балкан одлепува по изборите во Србија, светот да не остане покусо, тотално зблесавува – Трамп сака да го преименува Атлантикот во Американски океан, Канада се соочува со можна евроинтегративна блокада од земји членки на Унијата, Брисел се преправи во Киев за да ѝ ја скрши главата на Москва, која се преправи во Вашингтон и сега дури ни Хармс не може да распознае што, по ѓаволите, се случува, европскиот брендиран луксуз зад стаклените излози е под атака на вдомените мигрантски тредсетери, а генерацијата зед има нов тикток-предизвик, да ја запали Европа, откако ќе го најде континентот на Гугл мапс и никој веќе не е сигурен до кое ниво ќе одлепи планетата, иако сите се прашуваат – што ќе случи ако бидне онаа трилатерала меѓу САД, Кина и Русија во Шенжен, средба што некои ја нарекуваат нова Јалта, што ако навистина овие блесави гиганти одново го делат светот на влијанија и чекај тогаш јас да прашам – што ако Пекинг, Москва и Вашингтон си ја поделат Македонија – па нас секогаш нè делат – и што кога ќе ни влезат американски, руски и кинески пропаганди да нè асимилираат…, ај, доста се блесавам, почнувам да се плашам дека некои работи што ги пишувам стануваат факинг вистина.