Фото: „Нова Македонија“

Прилог на „Нова Македонија“ кон одбележувањето на Светската недела на медиумска и информациска писменост (3)

По повод Светската недела на медиумска и информациска писменост (од 24 до 31 октомври), особено е значајно да се нагласи улогата на традиционалните медиуми во современото општество преку пласирање точни, проверени и објективни информации, при изобилство на содржини што се шират со голема брзина на разни платформи, без да се води сметка за нивната точност.
Во време на социјални мрежи, дигитални платформи и сè поголема употреба на вештачката интелигенција, весниците и другите традиционални медиуми имаат незаменлива улога во обезбедувањето објективни, точни и проверени информации, засновани врз новинарски стандарди, етички принципи и професионална одговорност. За разлика од непрегледниот простор на интернетот, каде што секој може да објавува и да споделува содржини без притоа да ја преземе одговорноста за нивната веродостојност, професионалното новинарство подразбира проверка на фактите, консултирање релевантни извори, почитување на различните гледишта и јасно разграничување на фактите од коментарите и личните ставови. Токму во тоа се препознава вредноста на традиционалните медиуми – тие не се тркаат за објавување вести, туку во прв план се квалитетот, точноста и кредибилитетот на информацијата.
Затоа, поддршката на професионалното новинарство и зачувувањето на неговите највисоки стандарди не се само прашање на опстанок на весниците туку и прашање на јавниот интерес. Квалитетното новинарство е неопходен предуслов за демократска дебата, отчетност на институциите и заштита на правото на граѓаните да бидат точно и навремено информирани. Светската недела на медиумска и информатичка писменост е уште една можност да се потсетиме дека во морето од информации најголема вредност имаат оние на кои може да им се верува. А довербата се стекнува преку знаење, професионалност, објективност и доследност. Н.М.