Травестија на едно постоење

Се зборува дека Дедо Мраз оваа година нема да ја посети Македонија. Наишол на затворени врати. Ќе ти отворам, му рекол пратеникот Муковски, ако ми доделиш тендер, јас отсега да ти ги санирам санките и ирвасите. Како да ми ги санираш ирвасите, се збунил Дедо Мраз. Така, вратил пратеникот, јас сакам да бидам Рудолф Муковски Црвеното Носе и да ги влечам твоите санки кон Европската Унија, ама само ако…

Ајде да заокружиме. Онака предновогодишно. И пред македонската катастрофа, која треба да се случи во Собранието на 15 јануари.
Во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, ВМРО-ДПМНЕ се бореше за независна држава Македонија, со своја војска, валута, репрезентации. Ребрендираните комунисти во социјалдемократи не сакаа да слушнат за независност. Народот беше во агонија. Среде крвава граѓанска војна, се распаѓаше Југославија.

На првите парламентарни избори победи ВМРО-ДПМНЕ. Но во тој миг сите структури на државата сè уште беа во рацете на удбашките инсталации. СКМ ПДП (СДСМ) лесно ги пренесе вмровците жедни преку вода. Им стокми техничка влада. Потоа лесно ја презеде власта. Народот не реагираше. Беше навикнат комунистите да владеат. Од следните избори, под изговор дека СДСМ ќе ги намести, ВМРО-ДПМНЕ кукавички побегна. СДСМ излегоа сами на избори, ја зграпчија сета власт. Најпрво, преку гангстерска приватизација, уништија и испокрадоа сè што се градело со децении. На улица беа исфрлени над 400.000 работници. Следуваа националните велепредавства: прифаќање на ФИРОМ, промена на знаме, потпишување на Привремената спогодба со Грција. Народот беше во шок, малку протестираше, малку се самоубиваше, ама пак си легна на брашно. Во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ повторно победи на изборите. Имаа можност конечно да расчистат со удбашите сплетени како свински црева во системот. Не го направија тоа. Напротив, почнаа силно да се богатат, правдајќи се со муабетот, и СДСМ така правеа. Затоа СДСМ, неспособни за владеење, ама убедени дека им е дадено природно право да владеат, не мируваа. Со помош на своите удбашки структури ја започнаа аферата со прислушувани разговори. Странците, кои сакаа да ја снема Македонија, ни спакуваа војна. Народот ја проголта аферата со прислушувани разговори. Затоа во 2002 година ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите. СДСМ победи за првпат. Не исполни ништо ветено. Патем ја направи територијалната поделба. Народот ја проголта лагата за по еден вработен во секое семејство.

ВМРО-ДПМНЕ повторно победи на изборите во 2006 година. Веднаш се фатија за работа, тргнаа со реформни. Доби уште една шанса за расчистување со удбашките структури. Не ја искористи. СДСМ веднаш почна да им трепка на странците. Народот се надеваше на подобри времиња. Дојде 2014 година. ВМРО-ДПМНЕ победува на избори. Ама апсолутната моќ апсолутно корумпира. Груевски се опкружи со неспособни кадри, ласкавци и полтрони што се корумпирани и аздисани, ама затоа го тапкаат по рамо. Се навестуваше крајот на едно владеење. СДСМ со помош на нерасчистените удбашки структури и странски тајни служби почна да пушта нелегално прислушувани разговори.

Законот престана да важи. „Длабоката држава“ на САД, ЕУ, НАТО, Џорџ Сорос и амбасадорите на западните земји ја започнаа специјалната војна против Македонија, користејќи ги аферите на власта и незадоволството на дел од народот. Крајниот резултат од ова, сите го знаете. Сеедно што ВМРО-ДПМНЕ, и покрај нокдаунот во кој се наоѓаше, повторно победи на изборите во 2016 година. Од пржинскиот договор, преку тиранската платформа, странците го октроираа СДСМ на власт. И веднаш започнаа да ја остваруваат единствената цел за која беа поставени, уништување на Македонија и бришење на македонскиот народ, неговиот идентитет, историја и култура. Сето тоа треба да заврши на петнаесетти јануари, затоа што нема народ да ги спречи. Оти народот очигледно има едно друго прашање што го измачува периодов. Каде за Нова година?

Заклучок. ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да ја зачуваат државата, СДСМ се најдобри за нејзино уништување и укинување. Народот, според своето однесување, си го заслужува СДСМ, сеедно што за време на нивното владеење секогаш доосиромашува. Сега ќе ја изгуби и државата што ја создадоа нашите предци преку војна и саможртвување. Изгледа поголем товар ни е АСНОМ, отколку новите даноци што ни ги накалемија октроираниве. При вака поставена атмосфера, безумноста, апсурдот и фарсата си ја најдоа својата нова татковина. Од 15 јануари ќе се вика Северна Македонија.

Затоа глупаво е човек да остане сериозен. Се зборува дека Дедо Мраз оваа година нема да ја посети Македонија. Наишол на затворени врати. Ќе ти отворам, му рекол пратеникот Муковски, ако ми доделиш тендер, јас отсега да ти ги санирам санките и ирвасите. Како да ми ги санираш ирвасите, се збунил Дедо Мраз. Така, вратил пратеникот, јас сакам да бидам Рудолф Муковски Црвеното Носе и да ги влечам твоите санки кон Европската Унија, ама само ако ме амнестираш од обврската да бидам добар за да добијам пакетче. Кога сме кај санките, сѐ кај санките, струјата за нив ќе ја купуваш од мене и началникот. Послушај, му се врекнал на Дедо Мраз и пратеникот Арнаудов, а мене ако сакаш да ми честиташ Нова година, мора прво да ми дадеш педесет евра, па дури потоа ќе ти ги отвориме вратите. Тендер за Муковски, педесет евра за Арнаудов, по едно чоколадо од секое пакетче за Вицето, половина од твојата фирма Лапонија ДООЕЛ да му ја препишеш на брат ми, а другата половина на братучедот на Груевски, ама пред тоа во неа ќе ги вработиш на директорски позиции децата на функционерите на СДСМ и ДУИ и ќе отвориш фонд за иновации за да ги финансираш нашите активисти, новинари и судии, па дури потоа ќе те пуштиме во Северна Македонија, му ги набројал Заев условите за почеток на пристапни преговори за влез во државата.

Исполни го тоа, и Васиљ ќе те чести чорба за пеесче во Влада, а јас ќе ти вратам 500 евра во 2020 година, додал премиерот. Во спротивно нема влегување, а Ордановски ќе пише колумна дека веќе не постоиш, укинат си како Интернет. Дедо Мраз неколку мига размислувал. Ама јас сум тука за децата, рекол наивно. За децата де, му вратил Заев, ти реков, ќе ги вработиш децата на нашите функционери во Лапонија ДООЕЛ, зашто во ЕЛЕМ и МЕПСО веќе нема место. Ако, пак, пробаш на своја рака да влезеш низ оџак, Русковска ќе ти склепа обвинение за тероризам, а Кацарска ќе ти лепне 12 години затвор, оти си има она веќе напишани пресуди во фиока. Така ја учеше амбасадорот Бејли. Легендата вели дека Бејли по овој предновогодишен кошмар, панично рипнал од кревет и напишал мемоари за травестијата на една октроирана власт, која требаше да спроведе ликвидација на народ, ама патем, заради неисполнување цензус на интелигенција, го ликвидира и здравиот разум.

Ви посакувам добро јадење и пиење за новогодишните и божиќните празници, оти глупаво е по 15 јануари, на празен стомак, пренесени жедни преку вода, да сконтате дека сте народ без име, идентитет, историја и култура, одгледан и подготвен за нови експерименти, зомбификации и мутации.