Циркус Медрано се врати

Во вистинските циркуси, кога на дресерот и скротувачот ќе им падне камшикот, никој не се возбудува премногу, бидејќи знае дека тоа е само најобична претстава. Жално е што државата, нејзиниот уставен и правен поредок се третираат како циркус, што политички дресери со камшик, пардон амандмани, се обидуваат да го скротат, односно прекројат уставниот и правен поредок

Изминува уште една година, која многумина ја прогласија за најдраматична во историјата на современата македонска држава. Имаше и оцени дека ова била најцрната година од аспект на обидите за идентитетско обезличување, игнорирање на правото на самоопределување, како и највулгарно поткопување на меѓународното, но и домашното право, правдата и правната држава.
И бидејќи на сите веќе ни е прекуглава од црнила, песимизам, апокалиптични сценарија, си помислив барем во овој празничен период, ајде, да свртиме нова, поведра страница. Да се обидеме да влеземе во новата година со посветол дух, нова надеж, ведрина и повеќе оптимизам отколку досега. Поттик за еден ваков обид ми даде мислата на нашиот најпознат сатиричар Иван Карадак, кој велеше: „И Господ да е на власт, хуморот и сатирата се литература на отпорот и ќе најде за што да зборува“. Ненадминливиот сатиричар веројатно сакал да порача дека и кога му е најтешко, човек треба да го задржи духот, да не потклекне пред искушенијата и да го искаже својот став или несогласување преку хуморот и сатирата.

За жал, неговата уникатна емисија, „Хихирику“ не го издржа притисокот на политиката и замина во историјата. Но визионерот Карадак уште тогаш како да го предвиде развојниот пат и на политиката и на хуморот, па велеше: „Во оваа земја не знаеме ништо да чуваме што е вредно, нашиот код е самоуништување. Полека губиме сѐ“.
И така стигнавме до она што сме денес. Не знам како тој би ги опишал актуелните случувања во државата, но мој впечаток е како да се изгуби границата што е шега, а што реалност, што вистинска политика, а што пародија. Политиката стана голем отворен циркус. Опиум за замајување на народните маси.

Понекогаш кога ги следите предлозите и потезите на политичарите од власта и од опозицијата, прво што се прашувате е дали овие се шегуваат или мислат сериозно. Подоцна кога гледате дека она што сте го сметале за невкусна шега е всушност изгласано, законот донесен, договорот потпишан, сфаќате дека кловн сте испаднале вие самите и вашите верувања во законитост, правда и правичност. Дека циркусот се случува пред ваши очи и вам ви е доделена улогата само на нем набљудувач.
На граѓаните им остана во сеќавање познатата изјава на поранешната министерка за внатрешни работи кога таа се шегуваше на сметка на малите човечиња (донесените гласачи од Пустец) што се држеле за раце и оделе да гласаат, што нејзе ѝ личело на циркус Медрано.

Денес никој не го споменува Медрано, изјавата се заборави, но имаме еден друг циркус, кога други мали човечиња излегуваат од затвор и одат право да гласаат во Собранието. Или други мали и големи човечиња што колективно се амнестираат, повторно во функција на гласањето.
Се запираат судски постапки, се преиначуваат закони и одлуки, се тргува со правната држава, постапките и одлуките на СЈО, кое до вчера важеше за икона на борбата за правда, паѓаат во вода. Со озаконетата амнестија пресумцијата на невиност и дефиницијата дека секој е невин додека судски не се докаже спротивното, е погазена и фрлена на буниште.

Нема пресумција, нема истрага, нема одговорност, има само амнестија. Значи сите се виновни, без судска истрага, и самите го признаваат тоа.
И ова го прифаќаат сите: инволвираните, власта, опозицијата, законодавната, па и судската власт, која се очекуваше да биде браникот на правото.
Наместо тоа, директно од владини извори стигнуваат признанија дека токму судската власт преку своите одлуки и постапки ѝ се додворувала на извршната власт. И претходно и сега.

Дури и амбасадор на странска држава со писмо се обраќа до третата власт, обидувајќи се да се амнестира себеси од иноволвираност во ваквите случувања. Невиден циркус и мајтапење со третата власт, која се третира како трето сметало.
Во која било сериозна држава и здрава демократија ваквите појави и тврдења се повод за преземање сериозни мерки и истраги.

Во вистинските циркуси, кога на дресерот и скротувачот ќе им падне камшикот, никој не се возбудува премногу, бидејќи знае дека тоа е само најобична претстава. Жално е што државата, нејзиниот уставен и правен поредок се третираат како циркус, што политички дресери со камшик, пардон амандмани се обидуваат да го скротат, односно прекројат уставниот и правен поредок.

За да не бидам разбран погрешно, морам да истакнам дека имам длабока почит кон вистинскиот циркус. Тоа е една комплексна и сложена структура во која навистина има врвни професионалци на својот занает, артисти и уметници што секојдневно напорно вежбаат. Се разбира, има и строга хиерархија, дисциплина, процедура и јасно поставени норми на однесување и одлучување. Ниту еден циркусант нема да изведе нешто што претходно не е добро проверено, извежбано, изведувано стотици, па и илјадници пати. Зборот ми е дека и во циркус се почитуваат правила и процедури. Место за импровизација речиси нема, бидејќи со тоа би довел во опасност и живот на изведувачот и безбедноста на публиката. Нашите политички акробати, жонглери и каскадери, пак, постојано изведуваат и измислуваат нови политички и правно незамисливи трикови на штета на државата и на сите нас.

Измислуваат закони од кои сами тие би имале корист, се амнестираат меѓусебно, си делат бенефиции, а народот гледа и се чуди. Да не заборавиме идејата за доживотни привилегии за пратениците, да можеа веројатно и бесмртност ќе си изгласаа, ја поддржуваат сите и власта и опозицијата. Во меѓувреме народот останува затечен од она што го гледа.

Сетете се само на онаа хумористично-сатирична епизода кога полицајци во маскирни униформи пребаруваа влезови, скали, подруми, претресуваа возила во надеж дека ќе го пронајдат бараниот лик. Веројатно „ќе бараа сѐ уште“ да не стигнеше мејл со порака „дечки, не мачете се бадијала, јас веќе неколку дена сум во Будимпешта, шетам покрај Дунав“. Каков Медрано, какви бакрачи. Па ваква претстава ниту најголемиот илузионист, од рангот на Худини или Коперфилд не може да изведе. Ако нивна специјалност беше „исчезнување на Статуата на слободата“, или „летање над Големиот Кањон“, овдешните политички магионичари се специјалисти за „исчезнување“ на бивш премиер.

И пази сега изненадување, по неколку недели доаѓа официјално известување дека бившиот премиер не му побегнал на МВР. Па, кому му побегнал? Да не побегнал од партијата или од комшиите. Нема да ме чуди утреден да излезе и верзија дека всушност бил телепортиран со некаква машина, со која може незабележливо да оди од едно на друго место, па дури и да гласа во Собранието ако е потребно и пак да исчезне.
Во мноштвото несфатливи потези и постапки што ги имаше изминатава годинава една личност сепак остави најголема трага во домашниот политички циркус.
Еден единствен човек во рок од неколку недели успеа да предизвика различни и крајно спротивставени емоции, од презир до воодушевување, од исвиркување до ракоплескање, да се претвори во најголем патриот во опасен терорист и на крајот да заврши како амнестиран спасител.

Пратеникот од Вевчани ќе остане запаметен како човекот што единствен ја отпеа македонската химна во Собранието, кога други пееја туѓи химни, кој потоа кога зборуваше на говорницата, пратениците од власта колективно го напуштаа Собранието во знак на презир, човек што беше притворен, но потоа брзо ослободен за да гласа во Собранието, па потоа и амнестиран и стана херој во очите на оние што претходно го презираа. Ваква брза трансформација не е забележана во историјата.
Затоа ако треба да се избира акробат, пардон личност на годината, мојот предлог е Мукоски.

Ако е циркус, нека биде циркус докрај. Кога велам докрај, мислам само до полноќ 31 декември, и никако потоа. Во новата 2019 година не посакувам да ни се повторат какви било циркусијади, ниту пак да бидеме сведоци на политичкоправни вратоломии, егзибиции и акробации. Доста беше веќе со непринципиелности и безобразлуци од тој тип.

Во таа насока, почитувани читатели и граѓани, во новата година ви посакувам многу смеа, радост, успех на сите полиња. Живејте го животот со полна пареа, почитувајте се меѓу себе и другите и подајте му рака на секој на кој му е потребна. Бог нека е покрај нас и да е вечна Република Македонија.