Секое дете има право прогресивно да умре од глад

Австријците аздисаа. Ќе го судат Јоханес Хан. Обвинет е за корупција. Имам порака за нив. Да не ви паднало на памет да го осудите! Не дај боже во затвор да го ставите. Јоханес Хан не е само австриски политичар. Тој е европски симбол. Неговото политичко дејствување е слика на модерниот европски нациколонијализам. Можеби Бог еден ден ќе ни ги вкрсти патиштата. Барем на кратко. Многу сакам да разменам со тој мангуп, балкански методи.
На некој во ЕУ му пречи Божиќ. Знам за какви идиотштини се способни прогресивциве. Така е кога немаш ништо креативно во умот и душата. Тогаш деструктивноста ти е единствено бегство пред фактот дека си бескорисен. За прогресивните хистерични деструктивци Петар Пан, Дамбо и Пипи Долгиот Чорап станаа расисти. Бакнежот со кој принцот ја оживеа Снежана бил сексуално малтретирање. Карфиолот требало да се забрани затоа што дошол со белите робовладетели. Ете, сега и Божиќ им пречи.
Објаснувањето е кретенско. Раѓањето Христово ги вреѓало чувствата на муслиманите и атеистите. Деструктивците најчесто се неписмени. Во најмала рака полуписмени. Божиќ ги навредувал муслиманите. А Исус (Иса) пророк во исламот. Божји пратеник. По која логика муслиманите би се чувствувале навредени? По никоја. Таа логика постои само во налудничавиот свет на прогресивната забегана концепција за битисувањето. Каде што секој има право на нивно мислење.
Или тоа или потоп хистерија.

Тука се и атеистите. И тие биле навредени од Божиќ. Јас, пак, како човек роден и растен во атеистичка држава, повеќето луѓе што ги познавам не веруваат во Бога. Атеисти се. И никој од нив, ама баш никој, нема проблем со Божиќ. Напротив, многумина го слават. Не како верски празник. Едноставно, почитуваат традиција. Така е со повеќето атеисти во светот. Нормални луѓе. Не им пречат туѓи идеали. Знаат дека е малоумно да ги вреѓа туѓото верување. Но овие „модерниве“, прогресивниве, забеганиве… е кај нив душевната деструкција е толку силна што им го изопачува умот, па наеднаш им пречат туѓи чувства, верби, мечти, идеали и ете ги во униформите на полиција што лови и ликвидира мисли и емоции.
Бирократите од ЕУ на кои им пречи Божиќ, не се разликуваат од средновековната инквизиција или Хитлеровата младина. Со своето однесување многупати го докажале тоа. Ѝ забранија на суверена држава да користи име што го избрала за себе. Тоа што народот на таа држава е таков каков што е, па дозволи на сила да се промени името, не ја ослободува ЕУ од фактот дека е средновековно мачилиште на чија почва подоцна се роди фашизам. Кој уште трае. И размазената Унија го милува. Око не ѝ трепнува кога тој фашизам сере наоколу. Нивната членка Бугарија вреска дека не била сојузник на фашизмот и бара од други држави да менуваат историја. Оди и дотаму што се расфрла со нацизам барајќи да ги присвои како свои, туѓ јазик и национално битисување. ЕУ кима со главата во знак на одобрување. Оти они консензуални биле.
Што следно ќе смислат по навредливиов Божиќ? Можеби млекото. Премногу е бело. Многу расистички од негова страна. Шведска невладина организација веќе го изнесе овој проблем во прогресивната јавност. Навистина, како црнкиња да го дои своето бебе со толку бело млеко? И што значи тоа? Дека уште од мали нозе децата се задоени со бел расизам? Дури и црнчињата. Изгледа Бог е виновен. Очигледен расист. Или не, па прогресивните не веруваат во Бога, атеисти се. Најчесто се расфрлаат со еволуција. Уф, значи еволуцијата е расистичка. И, ете, проблем.
Има уште многу нешта што треба да се исправат за светот да биде убаво, прогресивно место за живеење. Да се забранат боите што ги навредуваат далтонистите. Високите луѓе секако ги фрустрираат ниските. Мора да се направи калап. Сите да се раѓаме со иста висина. Барем неправдата со Дедо Мраз е исправена. Прогресивните ни покажаа дека тој е геј. Со ова конечно се демитологизира новогодишниот хетеросексуален шовинизам. Сега децата ќе имаат многу понормално детство. Ама не треба тука да се застане. Мора да се каже дека дождот и сонцето исто така се хомосексуалци, затоа што од нивниот секс се раѓа виножито. Ова се прашања од огромна важност за иднината на нашата планета. Па така, веќе утре, едно сосем обично дете од Африка, ќе знае дека природните појави немаат хетеросексуална ориентација, белото млеко со кое мајка му го доела е еволутивна дискриминација, Петар Пан е расистичко копиле, Дедо Мраз геј, а Божиќ е крајно навредлив ден. И потоа, тоа Африканче ќе може среќно и прогресивно да умре од глад. Е, околу тој глад не треба ништо да се презема и да се менува. Мора да го има. Оти ако нема глад, прогресивците загрижени за планетава ќе немаат можност да бидат филантропи и хуманитарци.
Туку Унијава ќе даде датум? Не, а? Пак ќе се вади на Бугарија. А може да им рече, ќе дадеме датум за Нордистан, но во текот на преговорите, кои ќе траат петнаесет години, вие ќе си ја истерате агендата, оти тоа е и наша агенда, да не постојат Македонија, македонски народ и македонски јазик, уште од 1913 година.

И дајте го тој проклет датум. Оти на Нордистанците само тоа им остана. Ништо не сторија, никаква креативност немаат, само за деструкција и криминал ги бидува, а ваш неуспешен абортус се. Мислам, срамота е за една таква прогресивна Унија да не им даде датум на своите миленици за кои, заедно со Американците, рушевте легитимна власт, смислувавте платформи во туѓи држави, ги октроиравте иако владетели иако загубија избори, прогласивте за успешен пропаднат референдум, поддржавте насилство што го нарековте балкански методи, замижавте пред сите нивни криминали и фактот дека ја претворија државата во гулаг за политички затвореници, па дури и оној кутар Руте што не може влада да скрои, го направивте летечки Холанѓанец за да остане моќта во рацете на вашите политички марионети и сега што треба да се случи… жена му на Реџепи да излезе дека лаже, а ваму слушнала како Макрон ја крева цела француска дипломатија за да го спасат Нордистан? Знаете што може да се случи? Па веќе утре Нордистанецот што не добил датум за преговори, ќе го насочи своето внимание кон една друга календарска бројка. А-ха, ако нема датум, тука е 7 јануари, ден Божиќ и дилема дали да се фати викенд на Халкидики или Банско? Тоа ли сакате?
П.С. А сакав колумнава да биде ода на радоста за НАТО-аваксот што оргазмично леташе на нордистанското небо. Оти некои злобници извадија мапа на која блескавиот Нордистан е црна дупка во Европа бидејќи неговите граѓани не можат да си дозволат основни животни потреби, што е лага секако, затоа што стандардот можеби паѓа, ама со секое надлетување на НАТО-авион, сексуалната потенција расте.