Проклетството на кралот Мида

Што можеме да научиме од оваа легенда? Нашето општество како да личи на кралот Мида, како да е желно за неговиот „златен допир“. Се заборава дека општеството е заедница на луѓе што се обединети со форми на заеднички живот, јавна и државна власт, материјална и духовна култура итн. Нашата елита како да не е свесна дека нејзината должност е да му го подобри животот на народот, а не сѐ што ќе допре да „претвори во злато“

Мида владееше во околината на планината Бермион, каде што ја засади познатата градина на розите. Тој имаше сѐ што можеше да посака еден крал, живееше раскошно во голем дворец и изобилството го споделуваше со својата прекрасна ќерка. Но кралот страдаше од една болест – се водеше од мислата дека златото е најголемата среќа. Неговото златољубие беше толку големо што деновите ги минуваше во броењето на златните монети. Понекогаш го покриваше своето тело со злато, како да сакаше да се капе во него. Златото беше негова опсесија!
Еден ден, богот Дион минуваше низ кралството на Мида. Еден од придружниците на богот – сатирот по име Силен, доцнеше по патот. Сатирот се замори и реши да одмори во градината на розите во близината на дворецот на Мида. Кралот го пронајде, го препозна и го покани во дворецот. Богот Дион беше многу благодарен на кралевата љубезност и му вети на Мида дека ќе му ја исполни секоја желба. Кралот размислуваше некое време и потоа одговори: „Посакувам сѐ што ќе допрам да се претвори во злато.“ Дион го предупреди подобро да размисли, но Мида остана одлучен. На крајот, Дион не можеше да го премисли и му вети дека сѐ што ќе допре ќе се претвори во злато.

Следниот ден, кралот се разбудил желен да види дали неговата желба ќе се оствари. Ја подаде раката допирајќи ја масата, која се претвори во злато, и скокна од среќа. Потоа во лудило започна да трча низ дворец сѐ додека не се измори. Заморен седна за да појадува и зеде една ружа со намера да ја помириса. Но кога ја допре, розата стана златна. Ќе морам да ги помирисам прекрасните рози без да ги допирам – разочарано помисли кралот. Дури и пред да ја заврши својата мисла, сакаше да проба од грозјето, но и тоа се претвори во злато. Истото се случи со лебот и со чашата вода. Мида почна да чувствува страв. Солзите ги наполнија неговите очи и во тој момент во собата влезе неговата сакана ќерка. Кога кралот ја прегрна, таа се претвори во златна статуа.
Што можеме да научиме од оваа легенда? Нашето општество како да личи на кралот Мида, како да е желно за неговиот „златен допир“. Се заборава дека општеството е заедница на луѓе што се обединети со форми на заеднички живот, јавна и државна власт, материјална и духовна култура итн. Нашата елита како да не е свесна дека нејзината должност е да му го подобри животот на народот, а не сѐ што ќе допре да „претвори во злато“.
Како општество се соочуваме со многу предизвици и затоа се потребни реформи за нивно надминување. Но никогаш не смее да се заборави дека преобразбата е стремеж за доброто на заедницата, народот и општеството во целина. Колку е повисоко местото во една хиерархија, макар и во нашата квазизаедница, толку е поголема одговорноста. Сите водечки личности се тука за да создадат трајни вредности од кои сите ние ќе имаме полза. Нашите водачи само на овој начин можат да останат запаметени во историјата како личности што се грижеле за просперитетот на народот, а не како личности заболени од златната треска.

Златољубието не може да биде водилка, или може. По сѐ изгледа дека златниот допир е проклетството на нашето општество и затоа се соочуваме со корупција, клиентелизам, привидна демократија, невладеење на правото и сѐ така до бесконечност. Сѐ додека нашата политичко-општествена елита страда од златниот допир на Мида, ние ќе живееме во држава за која ќе се лажеме дека е држава во вистинска смисла на зборот.
Да завршиме со кралот Мида. Исплашен започна да го моли богот Дион да му ја одземе клетвата. Богот се сожали и му рече да оди кај реката Пакталус и да ги измие рацете. Кралот го стори тоа и кога се врати во својот дворец, сѐ што допре повторно стана нормално. Мида во среќа ја прегрна ќерката и одлучи да го сподели своето големо богатство со народот. Оттогаш, Мида стана подобра личност, дарежлив и благодарен за сите добра во животот. Народот водеше просперитетен живот и кога умре, сите го жалеа саканиот крал.