Македонија се продава?! И има цена?!

Можеме да ги критикуваме политиките на Вучиќ, но мора да признаеме дека е многу добар трговец, кој знае да утврди многу добра цена. Во овој правец треба да го разбереме и неговото искажување дека не сака да заврши како македонските „државници“ со Преспанскиот договор и да не добие ништо. Со други зборови, српскиот претседател е подготвен да го признае Косово како независна држава, но за висока цена

Во една песна се вели „додека е Пеќ и додека е Дечани, Грачаница и Газиместан, не те даваме, воскреснато Косово, најсветото српско поле!“ Но реалноста е поинаква. Со децении српската политичко-општествена елита разгласуваше во придружба на фанфари дека не го даваат Косово, а не смееме да го заборавиме  и култот дека Косово е света српска земја. Но последните случувања покажуваат дека Србите извлекоа поука од сопствената деструктивна политика од 90-тите години на 20 век. Затоа денес Белград води прагматична политика, но секогаш во заштита на националните интереси. Затоа можеме да слушнеме дека преговорите помеѓу Србија и Косово треба да продолжат, меѓутоа дека не може само едната страна да биде добитник, а другата губитник. Во овој дух е и потпишувањето на договорот за економска нормализација помеѓу Србија и Косово со посредство на Вашингтон.
И тука доаѓаме до српскиот претседател Александар Вучиќ, еден од најконтроверзните политичари во овој дел на Европа. Тој е истиот оној што плачеше на погребот на Слободан Милошевиќ, истиот оној за кој западните аналитичари велат дека владее автократски, а во исто време се обидува да ја реформира сопствената држава. Можеме да ги критикуваме политиките на Вучиќ, но мора да признаеме дека е многу добар трговец, кој знае да утврди многу добра цена.

Во овој правец треба да го разбереме и неговото искажување дека не сака да заврши како македонските државници со Преспанскиот договор и да не добие ништо. Со други зборови, српскиот претседател е подготвен да го признае Косово како независна држава, но за висока цена. И децата знаат дека признавањето ќе биде во замена за европските финансиски фондови и забрзаното членство на Србија во Европската Унија, а на преговарачката маса ќе биде поставено и прашањето за северниот дел на Косово. Тоа е цената за признавање на Косово како независна држава. Со други зборови, Косово ќе добие независност, ама некој „дебело“ ќе плати. Затоа Вучиќ вели дека „не сака да бидe како Зоран Заев“ и се води од девизата „кога се продаваш, продај се скапо.“
Да ги оставиме настрана Србите, бидејќи е јасно дека знаат што прават, и да се запрашаме каде сме ние во оваа приказна. По потпишувањето на Преспанскиот договор се одржа референдумот, на кој граѓаните беа запрашани: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција? Иако референдумот беше неуспешен, околу 600.000 луѓе гласаа позитивно верувајќи дека на овој начин конечно ќе ги започнеме преговорите со Европската Унија. И, што се случи? Го променивме името на државата и ја променивме преамбулата на Уставот, создавајќи шизофрена држава – ниту граѓанска, ниту национална. А до каде стигнавме со преговорите? Одговорот го дава нашиот министер за надворешни работи, кој вели дека меѓувладината средба на која треба да добиеме амин за започнување на преговорите ќе се одржи во декември 2021 или почетокот на 2022 година. Па, нели преговорите беа завршена работа!

Очигледно е дека некој многу лошо се пазарел. Македонската политичка елита направи лоша процена во однос на Софија, верувајќи дека со потпишувањето на договорот за пријателство проблемот со Бугарија е решен. Притоа заборавија да побараат гаранции од Вашингтон и Брисел дека нашите отстапки ќе бидат наградени. Доколку суштински анализираме, македонските граѓани беа излажани на референдумот кога беа запрашани дали се за членство во ЕУ со прифаќањето на договорот помеѓу Македонија и Грција. По сѐ изгледа пазарењето било за членството во НАТО, но не и за ЕУ, а нашата елита ја потцени Софија, верувајќи дека лесно ќе се справи со Бугарија.
Што можеме да направиме? Потребно е суштинско преформулирање на нашата стратегија, ако воопшто ја имаме. Мора да се води смета за државните и националните интереси, особено за последното, бидејќи Македонците немаат друга држава. На крајот на краиштата, можеме да извлечеме поуки од пристапот на Александар Вучиќ, кој се покажа како многу добар преговарач.