Зошто се САД (Трамп нагласено) против ЕУ?

Европската Унија е цивилизациско достигнување на Стариот Континент, кој со векови беше центар на судири и самоуништувања. И двете светски војни започнаа на неговата почва. Во Првата се убиени меѓу 15 и 19 милиони, а во Втората меѓу 70 и 85 милиони лица, вклучувајќи ги и умрените од глад и болести предизвикани од војните. Материјалните штети се немерливи. Унијата, пак, е проект на обединување, мир, слободи и просперитет. Нагласено достигнување е заедничката валута, еврото, која ги зближи релативно малите европски држави. На времето, еден британски новинар од Лондон тргна со 1.000 фунти и прво ја посети Франција, потоа Германија, Италија, Данска и Холандија. Во сите земји ги менуваше парите во локалната валута и ништо не трошеше. Во Лондон се врати со 500 фунти. Менувачниците му „изедоа“ половина од парите.

Клучен е фактот што обединувањето на Европа е на доброволна основа, без никакви наметнувања или притисоци. Иако Брисел можеби пречесто користи двојни стандарди, политичката филозофија на Унијата е базирана пред сѐ на преговори и компромиси, на користење политички и дипломатски средства за решавање на проблемите, со максимално одбегнување на оружјето како начин за „убедување“.
Спротивно на тоа, создадени од европските колонизатори, САД поминаа и низ граѓанска војна и продолжија да водат агресивна политика низ целиот свет. Ги поддржуваат или менуваат елитите во разни држави, без оглед на нивниот карактер, со единствена намера да ги наметнат своите интереси. Во борбата за освојување туѓи пазари, ресурси и обезбедување зони за доминација, не избираат средства и секогаш се подготвени бргу, без одложување, да користат и оружје за реализација на своите политики. Токму врз таа основа, САД го поддржуваа и Франко во Шпанија, и Салазар во Португалија, и Сухарто во Индонезија… да не ги спомнуваме Саудиска Арабија, Катар и други слични диктатури. Од друга страна, грубо ги рушеа тие што не сакаа да свират по нивни ноти, како Мосадик во Иран, Аљенде во Чиле (каде што донесоа фашисти на власт)… и многу други.

Факт е дека ЕУ сега минува низ тешка криза. Одлуката на Лондон да се повлече им зададе тежок удар на Брисел и на идејата за европско обединување. Се работи за историска британска грешка, која (ќе) има и пошироки последици. Први (колатерални) жртви лесно можат да бидат балканските земји, кои чекаат за влез во Унијата. Ако брегзит, сепак, не успее, што е малку веројатно, ќе биде најдобро решение за сите. Консензус меѓу 28 членки многу тешко се постигнува и затоа Макрон е во право кога инсистира на длабоки реформи. Мораат да се бараат практични и функционални решенија. Брегзит е сериозна опомена. Искуството со Југославија е многу поучно. Таму имаше шест членки што се доведоа до безизлезна ситуација, која водеше во распад.

Меѓутоа, стратегиска грешка е сето тоа да го спречува процесот на проширување. Ако делови од Балканот останат надвор, препуштени на самите себе и на вековните недоразбирања, „бурето барут“ нема да ја остави во мир и цела Европа. Впрочем, ЕУ мора да оди и на Исток, кон Русија бидејќи без неа нема обединета Европа. Ако Москва се остави надвор и се смета за непријател, остатокот не може да биде безбеден. Русија не дава никакви сигнали за некакво империјално однесување. Во случаите со Крим и Грузија, Москва немаше други опции. Обидите, пак, за нејзина изолација, кои отворено ги диктира Вашингтон, водат во крајно погрешна насока и сите досегашни напори да се надмине минатото на Европа ќе бидат залудни. Во однос на Русија, стратегиските интереси на САД и на Европа (ЕУ) се дијаметрално спротивни. Барем засега.

Со доаѓањето на Трамп, разликите меѓу Брисел и Вашингтон се максимизира. Британски „Гардијан“ објави анализа под наслов „Зошто Трамп сака да ја уништи ЕУ?“ Се цитира Џон Болтон, тогашен советник за национална безбедност на Трамп, кој рекол: „ЕУ е водечки извор на суштински глобалистички политики“, што е „закана за американските интереси“. Заклучил: „ЕУ е непријател на Америка“. САД се сега против глобализмот бидејќи само во тие рамки беше возможно кинеското економско чудо, кое продолжува да се развива. Покрај тоа, политиката на сила, која Трамп ја демонстрира во секоја пригода, од трговијата до миграциите, е неприфатлива за ЕУ. Политичките доктрини на Брисел и на Вашингтон суштински се разликуваат и тоа не дозволува ни пријателство камоли партнерство. Искуството, пак, корпоративно на Трамп, каде што сопственикот е клучен во сѐ, објективно не му дозволува да го сфати (или „свари“) функционирањето на Брисел. Таму седат бирократи со кои не можеш да се договориш. На времето, тоа го констатира и Кисинџер, кој рече дека во Брисел нема телефон на кој можеш да се јавиш. Во меѓувреме нешто се промени, има и некој телефон, ама тоа е неспоредливо со власта со која располагаат Трамп, Макрон, Меркел… Токму затоа, Трамп милува да се јавува во Париз, Берлин… а не во Брисел.

Додека Трамп може, а тоа и го прави, и во текот на ноќта да донесе важни одлуки, вклучувајќи и воени интервенции, кои следното утро веќе влегуваат во процедура, претседателот на Европскиот совет и шефот на Европската комисија (Влада), кои и да се тие, немаат никакви ефективни ингеренции. Тие се само извршители на политиките што ги дефинира Европскиот совет, составен од претседатели на држави и влади на земјите-членки, кои се среќаваат неколкупати годишно. Тие само повторуваат веќе определени ставови, а не можат да донесуваат нови одлуки. Австрискиот аналитичар Роберт Менас, во „Њујорк тајмс“ од 10 октомври 2019 г., оцени дека „со Лисабонскиот договор, Европската комисија е претворена во жалосен секретаријат на претседателите и премиерите на државите-членки“.

Ова се основните причини зошто САД долги години гледаат кон Унијата со нагласени резерви. Со Трамп, тој однос сега го доживува својот климакс преку отворена поддршка на брегзит. САД ја делеа Европа и на „стара“ и „млада“, во која беа поранешните ИЕЗ, кои ја поддржаа нејзината воена интервенција во Ирак. Одамна е јасно дека САД не сакаат јака ЕУ ама сега одат чекор напред и „навиваат“ за нејзин распад. Тоа е тежок анахронизам и крајно неразбирлива американска политика бидејќи ЕУ е нејзин најблизок и логичен сојузник во однос на сите други важни светски фактори, со кои (ќе) се конфронтира.

Сериозен хендикеп на ЕУ е што има заедничка монетарна ама не и фискална политика. Тоа речиси оневозможува координирани економски политики. Уште поважно е што Брисел „собира“ еден процент од БДП на земјите-членки во заедничкиот буџет, додека во федералниот буџет на САД влегуваат по 25 проценти од БДП на нејзините држави. Тоа е најдобриот показател на нивната реална моќ.
Има и други разлики меѓу овие два светски гиганти, кои јасно ја демонстрираат нивната (не)кохерентност. На пример, најбогатата американска држава е за само 50 проценти побогата од најсиромашната додека таа разлика во ЕУ е околу 7:1. Тоа е сериозен хендикеп и голема пречка во градењето некакво единство. Таа разлика беше голема и во Југославија и беше една од важните причини за распадот.

Длабоки реформи не ѝ се потребни само на Унијата туку и на светот во целина. САД не се исклучени. Напротив. Соочен со огромни предизвици, какви што се тероризмот, екологијата, климатските промени, сиромаштијата, нагласеното продлабочување на јазот меѓу богатите и сиромашните…, во услови кога ООН се бескорисни и речиси неупотребливи, светот мора итно да бара решенија. Додека не е предоцна. Во услови кога неколку проценти од популацијата контролираат огромен дел од светското или националното богатство, воопшто не може да се зборува за некаква демократија или за човекови права. Нив ги нема во практиката и затоа се тие само лажни флоскули за масовни манипулации. Ниту едно друштво не може да се нарекува демократско ако има малку милионери и милијардери, а десетици проценти што одвај врзуваат крај со крај. Човековите права се таму – привидни.
Вистинска штета е што наместо да бидат носители на позитивни промени во светот, САД иницираат конфликти и конфронтации со единствена цел да ја продолжат и прошират својата доминација. Иако ретко, нивните лидери доаѓаат и кај нас и ни држат предавања дека треба да се чуваме од Русите, Кинезите… ама не и од нив, кои нѐ прекрстија како држава и нѐ разнебитуваат како народ. Што им прават на другите, тие си знаат, иако е тоа општо познато.

Каква и да е, ЕУ е редок светски пример на успешно обединување на голем број земји и обезбедување долгорочен мир во регион што бил прочуен по војни од кои некои траеле долги децении, а други го запалиле и светот. ЕУ не е тоа што беше пред некое време и нема да биде тоа што е сега, по промените што се најавуваат. Сепак, ЕУ и еврото се историски достигнувања и добро е ако биде можно Македонија што поскоро да стане дел од нив. Сосема е исправно тоа да биде наша стратегиска цел. За нејзино исполнување, меѓутоа, потребен е целосен ангажман на сите. Треба да го менуваме менталитетот, а тоа трае со генерации.