Држава за коњ!

Во драмата на Шекспир, кралот Ричард насред битка го губи својот коњ, очајно барајќи нов, подготвен да тргува со сопственото кралство. Иако е прифатено дека оваа изјава не е компатибилна со историската вистина, драматичната иронија што ја сугерира важноста на еден коњ пред целото кралство е она што ја (на)прави оваа изјава популарна и денес. Тоа, и релативноста на нештата, кога во критични околности и навидум безвредните нешта стануваат скапоцени. Кога брзиот коњ е поважен од бавната правда, а кожата поважна од лавјото руво

„Хамлет“ е најдолгата драма на Шекспир, која ротира околу фразеолошки (недо)исцрпената морална дилема – да се биде или не, поточно околу обидот да одговори „дали е поблагородно во себе, молкум да го трпиш срамот, камшикот и стрелите на жестоката судбина, или да се спротивставиш на морето од немири?“ (ова не е препев, само буквален превод).
И додека должината на драмата го отсликува долгиот внатрешен конфликт на Хамлет помеѓу неизбежната немилосрдност на судбината и можноста за спротивставување, со опасност од плаќање на превисока цена (смрт и вечна осуда), Македонија ја продолжува драмата во која забрзано се решава (туѓата) дилема за нејзиното сопствено постоење, врз основа на усвоените предлог-амандмани за уставни промени и бришење на одлуките на АСНОМ како конститутивен документ за потврда на македонската државност.
Но токму во клучниот момент на „дилемата“ кога внатрешниот пекол го покажува својот израз (расправата за амандманите во Собранието), пред очите на јавноста се уфрли сцена од една друга Шекспирова драма, втора по должина (трагедиите траат долго) и исто така трагична – „Ричард Трети“, општо позната по реченицата „Кралство за коњ!“

Во драмата на Шекспир, кралот Ричард насред битка го губи својот коњ, очајно барајќи нов, подготвен да тргува со сопственото кралство. Иако е прифатено дека оваа изјава не е компатибилна со историската вистина, драматичната иронија што ја сугерира важноста на еден коњ пред целото кралство е она што ја (на)прави оваа изјава популарна и денес. Тоа, и релативноста на нештата, кога во критични околности и навидум безвредните нешта стануваат скапоцени. Кога брзиот коњ е поважен од бавната правда, а кожата поважна од лавјото руво.

И додека јавноста (надлежната и подлежната) сè уште го бара одговорот за тоа чиј е „коњот“ со кој еден осуден поранешен премиер нелегално ја напуштил државата, поделена во дилемата за можниот конспиративен договор или веројатноста од системска неспособност, од прашината на добриот коњ (ако може да ѝ се верува барем на изреката) останаа замаглени прашањата за уставните промени и протестите против истите тие, одржани на 18 ноември. Како и многу други потпрашања, чие неодговарање прави сериозно да се запрашаме, може ли вака каде било да се стигне, а најмалку во ЕУ, па макар и трипати да се откажеме од себеси. Каде со себе?

Еднаш, еден боксер рекол дека сите сакаат да влезат во рајот, но никој не сака да умре. Кога ова го рекол човек што примил веројатно и премногу удари во главата, треба да му се верува барем на подготвеноста да ја плати цената на саможртвата да стигне таму каде што се упатил – во рајот, бил тој за него и сред рингот на најкрвавиот спорт. Но додека прашањето дали боксот треба да се именува како спорт подлежи на морални дилеми, а прашањето дали патот до рајот е поплочен со удари во главата е (иако поедноставено кажано) личен избор, сосема друго е кога ваквиот избор се наметнува како морален императив однадвор, па рингот на една воена алијанса се претставува како претсобје на рајот (ЕУ), а патот дотаму како фатален удар во главата – цена што мора да се плати.

Се заборава ли дека и „боксерите“ во големиот ринг исто така се регрутираат од посиромашните земји и слоеви, а од пролеаната крв во рингот добро се заработува само надвор од него?

Мудроста (сосе изреките) може да наврати при чиста мисла (и мирна глава), но малку веројатно е да се очекува кога главата е под удар на нокаут. Тогаш, таа инстинктивно се покрива со рацете, да се одбрани од фаталниот удар.

„Како можеше да се случи вакво нешто, еден ваков нокаут?“, ме прашува еден човек во неделната вечер пред споменикот на Првото заседание на АСНОМ во паркот „Жена-борец“. Пред нас течеа протестите против промената на името и против бришењето на одлуките на АСНОМ од преамбулата, почеток на крајот на живата македонска драма во сопствениот ринг – во Собранието. Зад нас десетте бронзени скулптури (на Панко Брашнаров, Кирил Петрушев, Емануел Чучков, Тихомир Милошевски, Тодор Стојанов-Ѕвездин, Киро Глигоров и Веселинка Малинска, Бане Андреев, Методија Андонов-Ченто и Михајло Апостолски), кои го симболизираат Првото заседание на АСНОМ, достоинствено молчат. Во вечноста може достоинствено да се молчи ако краткото животно патување го пратело достоинство.

Ред е на живите да го речат она што не може бронзата.
Нокаутот е удар по кој борбата едноставно не може да продолжи. Дали Македонија го доживеа својот нокаут останува да видиме наскоро, но таквиот удар не треба никого да изненадува. Македонскиот граѓанин прими и премногу удари во главата додека траеше општествената трансформација во нешто што сè уште се расформира и раскопува, а врз калемот на култот на личноста, наследен и возобновен во нови лица од истата сцена.

Ударот на нокаутот не мора да е ни особено силен удар, доволно е да паѓа на преморен „боксер“, или да цели во неговата слаба точка, по што не ќе може да се исправи.
Долг е патот до столчето за одмор кога фрчат удари од сите страни, а далеку е и ударот на гонгот. Не е време за седнување, а за простум. Нема ниту резервно време, ни изговори. Повиците на протестот дека човек е сам свој спасител ме потсети и на уште една вистина, онаа во песната на Дипеш Мод „Personal Jesus“ (личен (твој) Исус), во смисла, да се биде личен спасител но за друг, не само со човечки лик, но и со човечка суштина. Можеби сцената на „Кралство за коњ“ фрли магла пред очи, но во маглата човек се напрега подобро да агледа, па кога маглата паѓа, погледот останува изострен уште некое време, доволно да ги види „сејачите на магла“. Се прашувам, дали оваа сцена од „Ричард Трети“ сугерира решавање на една (можеби) поважна дилема од онаа во „Хамлет“? Пред секој сам, во својот молк да реши дали ќе го трпи наметнатиот срам или (ненасилно) ќе се спротивстави, да реши – каква трговија брани? Дали на тривијалноста ќе ѝ припише бесценетост, а на последнава – тривијалност? И со каков коњ мисли да одјава на поубаво и побезбедно место? Евентуално и во рајот?

Засега од рајот ни падна само првиот снег. Милосрден снег, што го покрива сиот наш отпад, да си ги одмориме очите и совеста. Но има време на снегови и време на топење. Тогаш под нив ќе разлисти само она што е засеано, а ѓубрето пак ќе ни се врати, во погледот и во совеста, но во уште полоша состојба. Со првиот снег човек повторно се потсетува дека не постои ништо сосема црно на светов, а со неговото топење – дека ни ѓубрето не цвета во пролет. Но може да послужи како добра подлога да се роди нешто друго. Нешто убаво. Неделната лапавица не беше пречка да се исправи, макар и за миг, сопствената маленкост до луѓето од бронза. Нивно е да потсетуваат и молчејќи, како што паркот „Жена-борец“ си го оправда своето име и своето место спроти Собранието.

Ќе се потрудам да му одговорам и на човекот што ме праша „како можеше да се случи вакво нешто?“ Многу едноставно, со бедна трговија на достоинство за удобност.
По таква трговија, нема коњ да се одјава подалеку од својот срам.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)