Ајде да се радуваме

Во далечната 1948 година, светот беше сведок на чудо! Но што точно беше посведочено? Илјадници мажи, жени и деца, исполнети со радост се прегрнаа, започна да играат и да пеат на сиот глас: „Ајде да се радуваме; Да се радуваме, да ликуваме. Ајде да запееме; Да запееме, да ликуваме. Разбудете се, браќа, со срце радосно…“ и сѐ така до бесконечност! И сега некој може да нѐ праша каде е чудото. Добро, да се обидеме да објасниме. Станува збор за еврејската народна песна „Хава нагила“ („Ајде да се радуваме“). Некој можеби нетрпеливо ќе нѐ укори. Ајде де, еврејска песна. Играле и пееле, голема работа, каде е чудото?
Суштината секогаш се наоѓа во деталите, а во нашата приказна тоа е годината. Повторно некој ќе нѐ прекори: Ок, 1948 година, но не го гледам чудото? Да се обидеме повторно да објасниме. Илјадниците мажи, жени и деца само неколку години пред да се радуваат и да пеат, го преживеаја најмасовното систематско убивање во историјата – холокаустот. Но чудото во нашата приказна не е преживувањето на холокаустот, туку во нешто друго.
На 14 мај 1948 година, Еврејскиот национален совет го прогласи формирањето на израелската држава, како држава на Евреите, а следниот ден Египет, Ирак, Јордан, Либан, Саудиска Арабија и Сирија го нападнаа Израел. Многумина веруваа дека Израелците ќе ја изгубат војната и нивната држава ќе исчезне, но не се случи тоа. Всушност, Израелците во следните 73 години водеа неколку војни со Арапите и во сите извојуваа победа. Замислете, нација од шест милиони луѓе порази шеесет милиони Арапи.
Да направиме мала пауза. Немаме намера да ги величаме Израелците, бидејќи не се без гревови. Во текот на израелско-арапските војни беа протерани повеќе од милион Палестинци од своите домови и беа принудени со децении да живеат во бегалски кампови низ целиот Блиски Исток. Оправдувањето на Израелците беше девизата: „Никогаш да не се повтори“, односно дека нема да дозволат да се повтори холокаустот. Но за ова во друга колумна. Да се навратиме на суштината.
Израелците како навистина да се „избраниот“ народ од бога. Можеби? Не се мешам во божјите работи, но знам нешто друго! Израел првпат се споменува во 1208 година пред нашата ера, а во следните 3.000 години Израелците секогаш се наоѓаа на прагот на истребување. Но никогаш не се случи тоа. Не можеме а да не се запрашаме која е нивната тајна за преживување.

Одговорот е многу едноставен. Израелците како нација и народ секогаш си помагале меѓусебно и се воделе од заедничките интереси и потреби. Само замислете, кога во 1948 година израелската држава се наоѓаше пред исчезнување, злогласниот криминалец Маер Ленски (еден од највисокорангираните членови на американската мафија) донира милиони долари за израелската кауза (слично постапи и една од најмоќните јапонски криминални организации пред неколку години, кога донира околу милијарда долари за да се санираат штетите од силен земјотрес што ја погоди Јапонија, но за ова во друг поволен момент). Каков апсурд или не? Злогласни криминалци донираат милиони, а понекогаш и милијарди долари, во интерес на општата полза.
Колку и да звучи чудно, споменатиот Ленски се водел од интересите на сите Израелци, слично постапила и еврејската дијаспора низ целиот свет. Но нашата приказна не завршува тука. Израел како држава на Евреите никогаш не дозволува да биде спречен во остварувањето на националните цели, без разлика на околностите. Во почетокот на пандемијата на коронавирусот, израелскиот министер за здравство не можеше да набави респиратори за вештачко дишење, бидејќи светските производители, како Кина, го забранија извозот поради домашните потреби. Но тоа не го обесхрабри израелскиот министер. Тој имаше телефонски разговор со директорот на Мосад (институтот за разузнавање и специјални операции), објаснувајќи му го проблемот. Одговорот на директорот на Мосад гласеше: „Уживај, ќе ја завршиме работа“. По нивниот разговор, започнаа да пристигнуваат респираторите во Израел. Набргу потоа, светската јавност дозна дека во едно германско пристаниште беа пронајдени респиратори што требало нелегално да ја напуштат Германија, а медиумите го обвинија Мосад.

Тоа е упатството за преживување. Без разлика на скалилото во општествената хиерархија, не е важно дали станува збор за криминалец или интелектуалец, треба да се водиме од општите национални интереси. Истовремено, државата секогаш, без разлика на средствата, треба да ги штити и остварува националните интереси.
Каде се Македонија и македонската нација во оваа приказна? Со денови слушаме за рестрикција и прогласување кризна состојба поради недостиг од електрична енергија. Очигледно е дека некој не си ја завршил работата навреме. Може некој да нѐ убедува дека проблемот е глобален, но и проблемот со кој се соочи израелскиот министер беше глобален, а Израел најде решение.
Една од основните задачи на секоја држава е да обезбедува храна, вода и енергија за потребите на своите жители. Доколку не обезбеди едно од овие три нешта, тогаш престанува да биде држава (да не говориме за корупцијата и клиентелизмот, за кои постојано повторуваме како папагал). Недозволиво е за секоја сериозна држава да се соочи со недостиг од енергија. Мора да се подзамислиме и во иднина да не дозволиме да ни се случуваат вакви ситуации. Време е да станеме држава во вистинската смисла на зборот, во спротивно ќе исчезнеме. Доколку државата покаже дека навистина се грижи за нацијата, тогаш и нацијата со секој здив ќе ја штити државата. Присетете се на Израелците и Израел.