Непостојната оставка и изиграната доверба

2444

Уште вечерта, на 31 октомври, беше јасно дека Зоран Заев не поднел оставка. Зборот, искажаниот збор, е алатка на политичарот, посебно во демократски режими. Со своите говори, изјави и настапи политичарот ги искажува своите ставови, цели да го насочи или да го прекрои јавното мислење и да се стекне со доверба од граѓаните, преточена во гласови на изборите. Се разбира, сето тоа важи доколку политичарот одговара пред граѓаните и пред гласачите.
Меѓутоа, тоа никогаш не било случај со Зоран Заев. Тој не дојде на власт како резултат на демократскиот избор на македонските граѓани, туку како најистурен играч во еден долг процес за разорување на македонското јавно мислење, обесмислување на македонските институции и разградување на македонската држава. Тој не им одговара демократски на македонските граѓани, па затоа може да си дозволи такви ментални и вербални екскурзии, како последната со јавно поднесената оставка на премиерската функција и на претседателската функција во Социјалдемократскиот сојуз.
Како и по обичај, кога се работи за овој политичар никогаш не може да се заклучува кои ќе бидат неговите постапки според неговите искажани зборови, туку треба да се земе предвид неговото претходно однесување, најавите на неговите приврзаници за намерите на Зоран Заев и интересите на неговите спонзори од меѓународната заедница.
Оставка на премиер е огромна работа во секоја држава и никогаш не паѓа од небо, па така беше совршено јасно дека станува збор за нова политичка игра и смислена ујдурма на Зоран Заев. Тој досега покажа дека е властољубив, дека е среброљубив и дека нема никаква намера да ја испушти власта од своите раце, посебно ако се земе предвид како дојде и како ја извршува власта сиве овие години. Многу се поинакви математиките на политичарот кому губењето власт лесно може да му се претвори и во губење на слободата.

Оттука беше јасно дека тој не поднел оставка, но што му беше целта со „оставката“? Што требаше Зоран Заев да постигне?
Колатерална придобивка за Заев беа дебатите за негов наследник на двете функции. Беше интересно да се следи во јавноста кои од актуелните министри и политичари на раководните позиции во СДСМ се истрчаа или беа лансирани како потенцијални наследници на Заев, некои дури и од меѓународната заедница, која очигледно сè уште има право на вето во внатрепартиската политика на СДСМ. Овие проблесоци на амбиции му го напишаа списокот на политички отстрел на Заев, па ќе следиме како ќе бледнее ѕвездата на десетдневните „наследници“ на Заев. Исто така, голема беше радоста на навидум полуавтономни функционери во државната хиерархија, кои едвај чекаат да се ослободат од челичната тупаница на Заев, но очигледно ќе почекаат уште малку подолго.
Но главните делови на сценариото не се одиграа по негова желба. Требаше веднаш да се организираат најавените ноќни бдеења во штабовите на СДСМ низ Македонија, „прогресивната“ јавност да спишти по сите медиуми барајќи Зоран Заев да ги избави од злото што се обединило и да се создаде атмосфера за негово неволно враќање на двете функции. Евтин политички театар…, им се извинувам на театарските работници.
Тоа не се случи затоа што одамна веќе не постои ентузијазам за вратоломиите на Заев ни во јавноста, а очигледно ни во граѓанството што се идентификува со СДСМ. Исто така, и медиумите веќе согледуваат дека се појдени процесите за нормализација на Македонија и за враќање на државата на демократски текови, па веќе не се истурени единици на ПР-машинеријата на кабинетот на премиерот, предводена од незавршени студенти и умислени спин-доктори. Медиумскиот бизнис и новинарството се предмет на оцена на критичното граѓанството и тоа не простува подли манипулации или отворено партизанско навивање.

Имајќи предвид дека ова сценарио со „оставката“ не се реализира, Заев & Co. се вратија на старото сценарио, осмислено пред локалните избори. Тогаш тие беа убедени дека им претстои блескава победа и дека прашање е само дали Петре Шилегов ќе победи во првиот круг на изборите или, пак, ќе мора да се оди и на втор круг каде што ќе беа прегазени „небањатите“. Победата на локалните избори требаше да му даде на Заев амбиент за влез во ново предавство, овој пат со Бугарија. Во митологијата на СДСМ на датумот за преговори со ЕУ му се дадени легендарни својства, исто како што претходно се случуваше со влезот во НАТО. Па, така, датумот треба да направи гладните да се заситат, слепите да прогледаат, хендикепираните да проодат, а СДСМ и Заев да си ја обноват политичката невиност, да се исчистат од гревовите и повторно да зачекорат кон блескавата иднина. Затоа Заев безглаво трча кон датумот за преговори и подготвен е за премногу отстапки. Во неговата глава ништо од тоа не е битно доколку се добие датумот, но јасно е дека за Македонија тоа ќе значи влез во нова и уште подлабока национална катастрофа, заострување на внатрешните поделби и длабока политичка криза со несогледливи последици.
Доколку некому не му е јасно што е подготвен Зоран Заев да стори за да го добие фамозниот датум за преговори, предлагам повторно да го изгледа, но со внимание неговото ланско интервју за бугарската агенција БГНЕС. Јасно е дека тој нема проблем да потпише и формален документ дека македонскиот народ постои од 1944 година и дека македонскиот јазик постои од 1945 година, а дека претходно Македонците биле дел од големата бугарска нација што Југославија ја поделила пред осумдесет и кусур години. Можеби во неговата глава и во главите на некои негови приврзаници ова и не е толку голема отстапка затоа што „треба да гледаме напред“ и „не смее да бидеме робови на историјата“. Но реалноста е сосема поинаква… Бугарија ќе се фати за еден ваков документ и ќе го користи како алатка за бугаризација на Македонија, а внатрешниот македонски отпор против ваквите бугарски намери ќе го напне македонското општество до точка на пукање, ќе ги влоши внатрешните меѓуетнички односи и дополнително ќе ги затруе и онака загадените македонско-бугарски односи.
Тоа беше сценариото на Заев пред изборите и сега тој повторно се враќа на ова сценарио и покрај поразот на изборите. Вџашувачки се тука паралелите со референдумот. И тогаш пропаста на референдумот требаше да доведе до повторно отворање на преговорите со Грција и постигнување далеку подобра спогодба за Македонија или, барем, договор дека сме согласни дека не се согласуваме, но не… Заев си продолжи по зацртаното сценарио, влезе во налудничаво гласање во Собранието со насилно купување на осумте пратеници, па некому му „испорача“ како што тој милува да рече „успешно затворање на спорот за името“.

Ете, тоа „успешно затворање“ создаде прва длабока национална поделба во македонското народно ткиво од која Македонците уште долго време нема да излезат. Спогодба со Бугарија, по бугарски терк, се плашам дека може да доведе до далеку поостра поделба со несогледливи последици. Но тоа не му пречи на Зоран Заев, сè додека купил уште еден ден на власт.
Овој текст го пишувам само неколку часа по неуспешната интерпелација на владата на Зоран Заев во Собранието на Македонија. Опозицијата, предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, постигна многу со оваа интерпелација. Прво, го изведе Заев на чистина и покажа дека тој не поднел оставка, односно дека повторно не ја зборувал вистината и манипулирал со македонската јавност. Второ, имаме вистински граѓански набој во отпорот кон власта на СДСМ и на ДУИ. Делегитимирањето на оваа власт е целосно ако се земе предвид етничкото дивеење на ДУИ помеѓу двата круга на изборите, „чизмите од таванот“ на Шкодране Дардишта (таа сè уште не е разрешена од функцијата што значи дека сепак Али Ахмети и ДУИ стојат зад нејзините „чизми од таванот“) и бизарното исчезнување на пратеникот Кастриот Реџепи за да се оневозможи пад на Владата во четвртокот. Но независно од тоа, се покажа дека владата на Заев го изгуби целиот демократски легитимитет за владеење и секој нареден ден негово опстојување на премиерската функција е веќе соголено и брутално политичко насилство. Тој нема легитимитет ни за дневно владеење, а не пак за влез во авантури со какво било договарање со Бугарија на сметка на македонскиот народ. Затоа Зоран Заев е опасен во моментов. Тој е подготвен на уште поголеми отстапки само да си ја зачува кожата уште еден ден.
Како понатаму за опозицијата? Притисокот кон владата на Заев не смее да сопре по ниту една цена и треба јасно и јавно да се говори дека Владата нема легитимитет да владее и дека има уште помалку легитимитет за преговарање со Бугарија. Излезот од секоја политичка криза се изборите, а овој пат опозицијата мора одлично да се подготви за да може повторно да ги спречи изборните манипулации, поткуп, полнење кутии и поигрување со судбините на ранливите слоеви. Зоран Заев нема намера доброволно и со мирни средства да се откаже од власта, но нема да има друг избор доколку биде изборно поразен. Клучот за излез од политичката криза е во итни предвремени парламентарни избори!