фото: ЕПА

Редакциски коментар

  • Повод: Изјавата на претседателот на Европскиот совет (ЕС) во обраќањето кон граѓаните на Македонија дека е време да се направи следниот чекор напред, за заедно да изградиме заедничка европска иднина
  • Пораката на Антонио Кошта отвори прашање што Македонија го поставува со децении: Дали ЕУ конечно ќе покаже дека правдата е посилна од уцените?

По повод 9 Мај, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, преку видеопорака им се обрати на македонските граѓани со зборови што одекнаа многу посилно од вообичаен дипломатски поздрав.

– Ви се обраќам денес како идни членови на Европската Унија – порача Кошта, додавајќи дека на Денот на Европа се слави заедничкиот европски проект – проект роден од идејата дека единството е посилно од поделбите, а соработката посилна од конфликтите.

Тој потсети дека европските држави, по ужасите на Втората светска војна, избрале иднина заснована врз мир, слобода и просперитет. Но токму една реченица од неговото обраќање ја отвори суштината на македонското европско прашање: „Време е да се направи следниот чекор напред. Заедно ќе изградиме заедничка европска иднина“.

Ова не е обична дипломатска фраза. Не е протоколарна формулација. Не е уште една во низата внимателно избалансирани пораки од Брисел. Ова е изјава дадена лично и политички од човек во својство на извршување на една од највисоките функции во Европската Унија.

Токму затоа тежината на оваа порака е историска.

Зашто, ако навистина е „време за следниот чекор“, тогаш тоа подразбира дека и самата Европска Унија конечно ја согледува вистината што Македонија ја повторува со години – дека политиката на бескрајни условувања, ултиматуми и билатерални блокади одамна излезе надвор од рамките на европските вредности и надвор од Копенхашките критериуми.

Македонија не стоеше во место. Македонија чекореше. И тоа не еден чекор. Направивме стотици и илјадници чекори на патот кон Европа, верувајќи дека се движиме по патека поплочена со искрени европски намери.

На таа патека се откажавме од знамето. Го сменивме името. Прифативме болни компромиси. Отстапивме делови од сопственото историско и национално ткиво.

Гледавме како македонското прашање станува предмет на преговарања, условувања и негирања.

И сето тоа го правевме со верба дека жртвите имаат смисла. Дека зад хоризонтот навистина постои европска иднина во која достоинството ќе биде заштитено, а не постојано ставано на маса за нови политички трговии.

Но што доби Македонија? Нови услови. Нови вета. Нови понижувања. И нови барања што немаат никаква врска со европското законодавство, демократијата или реформите.

Наместо Европа на вредности, Македонија со години се соочува со Европа на двојни стандарди.

Наместо принципи, добива политика на сила. Наместо еднаквост, се испорачува доминација на националните (хегемонистички) агенди на поединечни земји-членки на ЕУ!

Токму затоа пораката на Кошта отвора суштинско прашање: Дали сега Брисел е конечно подготвен да го направи својот чекор напред? Така нам ни звучи!

Зашто Македонија одамна го направи својот. Сега е ред на Европската Унија. Ред е Брисел да покаже дека европскиот проект не е заложник на историски ревизионизам, националистички условувања и блокади што доаѓаат од одделни земји-членки.

Ред е Европа да покаже дека не смее да толерира политички однесувања што негираат јазик, идентитет, историја и културна посебност на еден народ.

Зашто тоа не е европска вредност. Тоа не е демократија. И тоа опасно се доближува до политики што Европа историски требаше засекогаш да ги остави зад себе.

Македонските граѓани не бараат привилегии. Не бараат скратен пат. Не бараат членство без критериуми. Бараат само Европа да биде Европа.

Бараат истите правила да важат за сите. Бараат процесот на интеграција да се темели врз реформи, право и демократски стандарди, а не врз историски диктати и национални уцени.

Доколку Европската Унија навистина верува во сопствените принципи, тогаш моментот за исчекор е сега. Не утре. Не по нова рунда условувања. Не по уште едно понижување. Туку сега.

Затоа што секое ново одложување не ја поткопува само довербата на Македонија кон ЕУ. Ја поткопува и самата идеја за Европа.

Ако Европа дозволи една земја-кандидат да биде блокирана поради јазикот, историјата и идентитетот, тогаш прашањето повеќе не е што не е во ред со Македонија.

Прашањето е што се случува со Европа. Затоа, зборовите на Антонио Кошта денес звучат како тест за европската совест. Доколку навистина мисли дека е време за „следниот чекор напред“, тогаш Европската Унија мора конечно да покаже дека правдата е посилна од политичките уцени, а вредностите поважни од хегемонизмот.

Македонија веќе покажа дека верува во Европа. Сега Европа треба да покаже дека верува во самата себе. И дека заедничкиот европски дом навистина е дом на еднакви народи, а не простор каде што малите мора бескрајно да се откажуваат од себе за да бидат прифатени. Зашто ако Европа сака иднина со Македонија, тогаш е време таа иднина конечно да започне.

Р.Н.М.