Трансформерс реформи

Ништо драматично во светов не се променило, а тоа да не предизвикало болка, страдање и траума за некого. Така е откога постојат веков и светов. Примери има на секој чекор. Римејк од настани од нашето не така далечно, но и не така блиско минато има колку ни душа сака. Едно чудо градови-држави и држави биле трговски, финансиски, културни и политички центри, а со самото тоа биле и влијателни во своите региони и пошироко. Некои од нив ги задржале моќта и влијанието, други морале да се променат, па дури и да исчезнат. Сето тоа било проследено со одредени трауми за населението во самите држави, но и во опкружувањето.
Повеќе или помалку тоа е така и ден-денес.

Ние сме сведоци на дисолуцијата на СФРЈ. Процесите не се ниту формално, ниту фактички завршени. Сѐ уште не е заокружена работата на многу меѓудржавни комисии, а фактичката состојба на теренот е далеку од средена. Постојат многу проблеми кои имаат потенцијал да го дестабилизираат регионот. Во услови на силен регионален притисок и особено силен меѓународен мониторинг се одвиваат реформи во повеќе области во Македонија. Извештајот на Прибе е четивото на кое најмногу се повикуваат сите релевантни или неколку помалку релевантни политички субјекти кои се или сакаат да создадат впечаток дека се носители на реформите.
Процената за тоа до каде се стасало со реформите ни ја испорача Хојт Ји. Глумиме реформи. Ништо повеќе и ништо помалку.

Дека е тоа така имавме можност да се увериме деновиве, следејќи ја расправата по повод реформите на безбедносниот систем. Имено, фактот што постои согласност помеѓу владејачките политички партии и опозицијата и различно размислување на неколкумина пратеници пред сѐ од владејачката политичка партија, е знак или сигнал дека постојат решенија кои повеќе оставаат впечаток дека постои обид „да се одглуми реформа“ отколку таа навистина да се случи и спроведе. Имено, ако им се остави простор на пратениците да одлучуваат и избираат кој ќе премине од УБК во АНГ, ќе се пренесе шаренилото од „наши и ваши“ и од реформите нема да има ниту „Р“.
Безбедносните служби се под силен притисок на јавноста, заради злоупотребата на нивните оперативно-технички агрегати под влијание на политичките структури. На тој притисок не била имуна ниту една професионална гарнитура претходно, но толку безобразно и вулгарно како последните 10-11 години (како што чувме од „бомбите“) не биле искористувани никогаш.

Дека се работи за недостиг од демократски традиции и особено силен недостиг од политичка култура и реформски капацитет кај политичките субјекти, се гледа според реакцијата на ДУИ при изборот на директор на АР. Еролд Муслиу му припаѓа на професионалниот кадар кој цела своја кариера ја градел во нашите безбедносни служби. Извонреден оперативец кој неколку години наназад (според пишувањата на медиумите м.з.) покажал завидни резултати во организација на оперативни активности во заеднички операции со пријателски служби. Тезата на претставниците на ДУИ дека треба да се почека со неговиот избор, врзувајќи го за кумановските настани, е евтин и безобразен политички спин.

Ако ДУИ сакаше нешто да каже за тоа, имаше време тоа да го соопшти многу или малку порано. Но бидејќи се дел од власта, тие имаа и обврска да сторат многу повеќе во расветлувањето на овој трагичен настан, пред сѐ за безбедносните сили.
За познавачите на состојбите, нивниот гест е еден трапав обид да го опструираат изборот на Еролд Муслиу за директор на АР заради лична нетрпеливост. Етиологијата на таа нетрпеливост влече корени од времето на „познатата диференцијација“ од минатиот век, што би се рекло дека има малку семејна и малку идеолошка мирудија ова ријалити на „башкими п’р интегрим“.

Еролд Муслиу е две-три должни копја над тоа милје, или ако сакате понепрецизно, неколку светлосни години. И последново е моја забелешка, или поточно моја констатација, со потпис.
Дека политичките субјекти нема лесно да се откажат од ресурсите на безбедносните служби покажуваат и написите за цели списоци, роднини, синови, ќерки, сопруги, снаи, зетовци и други видови сродство по права или странична линија. Вработувал секој оној што можел по принципот ти мене, јас тебе. Тоа трае од поодамна. Освен студентите од Факултетот за безбедност, за кои МВР, во еден период, имаше обврска да ги вработи, сѐ друго е вработено со препорака или „со врски“. Ако порано, заради дефицитот на кадри, нешто и можеше да пројде без знаење на министерот, од пред неколку влади наваму сето тоа оди координирано. Главно партиски или според принципот наше дете е. Таа симбиоза постои и многу често се појавува како проблем кога треба да се спроведат реформи. Тоа секогаш, повеќе или помалку, влијаело на квалитетот на промените.

Беше за очекување дека одвојувањето на ОТА од МВР и УБК, како и формирањето на АНГ и Телото за координација ќе детектираат и ќе решат голем дел од кадровските и персонални решенија, кои ги доведоа безбедносните служби во екстремно понижувачки, клиентелистички однос кон политичките гарнитури. Но последниве случувања, како и фактот што многу прашања на кои јавноста побара одговор ниту се решија, ниту отворија, ниту, пак, гледаме некаква логична разврска, зборува за тоа дека клиентелизмот ќе продолжи да биде главен и одлучувачки фактор во функционирањето на овој многу значаен сегмент.
Довербата на јавноста во безбедносните служби е сериозно разнишана. Заради клиентелизмот кон политичките гарнитури тие останаа без сериозни агрегати (алатки) и начинот на нивна употреба е сведен на „впечатливо рестриктивен минимум“. Тоа ќе се одрази на брзината со која безбедносните служби вообичаено се поставуваат за да ги сведат последиците од безбедносните закани на рационален, поднослив минимум.
Нашите безбедносни служби ќе имаат потреба од сериозен менаџмент кој ќе треба да ги убедува политичките гарнитури на поголема законска флексибилност во употребата на оперативните и оперативно-техничките ресурси од една страна и истовремено да им овозможи на истите тие политички гарнитури поголема контрола врз нивната работа. Тој процес е извонредно комплициран и осетлив. Тој бара, пред сѐ, принципиелност, професионалност и доследност. Најмалку што во моментов му треба е да ги повлече роднинските, фамилијарните и партиските опашки од претходните состави. Тоа ќе го стави во состојба на неснослива потчинетост, која понатаму ќе се одрази врз квалитетот на процените од кои многу ќе зависи како нашите институции ќе се постават кон новите безбедносни предизвици и трендови во регионот и пошироко.

Aвторот е аналитичар