Фото: Макфакс

Нашите забелешки не беа разгледани во партијата и затоа му се обраќаме директно на членството преку медиумите, истакна денеска на прес-конференција Изет Меџити, предводник на т.н. огнена група во ДУИ, која го изрази незадоволството од работењето на своите министри во Владата.

-Од Владата бараме одговорност за неефикасното работење. Артан Груби и Бујар Османи ги имаат најслабите резултати во Владата и првпат рејтингот на албанската позиција го надмина рејтингот на ДУИ – рече Меџити.

Во огнената група во Демократската унија за интеграција се пратеникот Изет Меџити, градоначалниците на општините Сарај и Чаир, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и ексфункционерот Муса Џафери.

Во новото претседателство што го предложи Ахмети беа избрани и членовите на ова група, кои неодамна изразија незадоволство од работата на Владата, особено од вицепремиерот Груби.

Од оваа група за потпретседател на ДУИ беше избран Изет Меџити, а Блерим Беџети беше избран за организациски секретар.

Тој рече дека ја поддржуваат ориентацијата на Владата.

-Ова е принципиелна војна внатре во ДУИ. Ова ќе се рефлектира на пошироко ниво. Нема ништо лошо во ова. Цел владин состав потфрлува и треба да се смени со нов кадар – потенцира Меџити, кој е пратеникот и потпретседател на ДУИ.

Тој смета дека ова не оди само на штета на ДУИ, туку и на штета на целата држава.

-Се работи за членството на ДУИ. Ќе ги користиме сите демократски средства, ќе одиме тет-а-тет со членовите да видиме што велат тие – дополни Меџити.

Тој нема дилеми дека Ахмети треба да остане лидер на партијата.

-Треба во владиниот тим и во ДУИ да има нови лица. На две седници на претседателството аргументиравме зошто луѓето потфрлуваат и дека треба да си одат – рече Меџити.