Најголемата образовна музичко-уметничка институција во државата ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, која брои околу илјада и седумстотини ученици во основното и средното училиште, вклучувајќи ги сите оддели (класична музика, балет и фолклор), со грандиозен концерт во големата сала на Македонската филхармонија го прослави својот патрон, оддавајќи почит кон 50-годишнината од неговата смрт.

Илија Николовски – Луј, човек кој е родум од Прилеп, образован во Белград и Софија, цели 27 години бил раководител на овој центар, а од 1979 година е патрон на оваа институција.

На концентот настапија балетските и фолклорни ансамбли на училиштето , хоровите и симфонискиот оркестар на училиштето. Детскиот хор „Пиколо” раководен од маестра Весна Димчевска со свечената химна на Македонија го отвори чествувањето по што следеа балетски групи од основниот и средниот оддел, камерни состави (квартетот Луј, и квартет виолончела), мешаниот хор на училиштето раководен од маестро Бехар Весели, дувачкиот оркестар со изведба на делото „Салвос” од македонската композиторка Бете Илин која го подготви и диригираше делото, традицискиот оддел играч-пејач со изведба на народната песна „Ни прела гора, нит ткала” и симфонискиот оркестар на училиштето раководен од маестро Ле Фи Фи со изведба на делото „Tанцот на сабјите” од А. Хачатуријан, и „Tешкото” од Г. Смокварски со придружба на фолклорен ансамбл, кореографски обликувано.

Целото чествување програмски го осмисли и координира директорката на институцијата проф. м-р Даница Стојанова – пијанистка, која веќе втора година по ред пишува нова историја со ваквиот концепт кој ги вклучува сите ансамбли на училиштето, носејќи го на сцена потенцијалот на голем број млади уметници.

Салата на филхармонија беше претесна за публиката која громогласно аплаудираше после изведбата на „Oда на радоста” од Л.В.Бетовен, со што се испрати порака до сите присутни и оние надвор од салата дека мора да застанеме на страната на мирот, толеранцијата и љубовта, славејќи ги преку најубавата уметност-музиката.