Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инспекторите се постојано на терен и претежно ги опоменуваат граѓаните, но може да се случи и прекршителите на законот да бидат санкционирани. Во согласност со законот, казната за прекршок во чиј опис е несоодветното приготвување зимница од страна на граѓанин изнесува 50 евра во денарска противвредност

ТРАДИЦИОНАЛНА ЗИМНИЦА, ТРАДИЦИОНАЛНИ ПРЕДИЗВИЦИ

На прагот на есента, голем дел од семејствата на големо се подготвуваат за приготвување зимница. Некои веќе ги направија зимниците, а дел брзаат што поскоро да ги приготват додека времето е убаво. Па така, мирисот на свежо печени пиперки за ајвар (куртовска капија) или т.н. ајварки, на големо се шири низ некои населби. Она што изминатите години може да се забележи е намалување на правењето зимница дома, но факт е дека многумина сѐ уште уживаат во вкусот на домашно приготвената зимница.

ВО ЗАБАБОТЕНИТЕ ЌУМБИЊА СЕ ГОРАТ И ГУМИ

Мирисот на „забаботени“ ќумбиња, печени пиперки, модри патлиџани, ајвар и други јадења препознатливи за нашето поднебје, деновиве може да се почувствува низ населбите во Скопје. Иако оваа традиционална дисциплина полека изумира, пред сѐ поради големата понуда на ајвар и други традиционални зимници во маркетите, сепак голем дел од граѓаните не се откажуваат од македонскиот кавијар.
И сето тоа е убаво, додека при неговото приготвување, граѓаните ги почитуваат правилата што треба да ги почитуваат во согласност со прописите и законот, бидејќи еден од главните проблеми за Скопје е несоодветното фрлање на отпадоците што остануваат по приготвувањето на зимницата. Но од годинава е забележана уште една несекојдневна појава: наместо дрва, во ќумбињата за печење пиперки се ставаат гуми, пластики и друг несоодветен материјал, со користење повисоки ќунци за чадот и миризбата да не се почувствува веднаш до ќумбето, туку, колку што може подалеку…
Голем е бројот на граѓани што реагираат дека нивните соседи што приготвуваат зимници несоодветно го фрлаат ѓубрето од зимницата.
– Ај што мојот сосед ќумбето го става близу мојата куќа и чадот цело време ми е во двор и ми влегува во куќата, најлошо е кога ќе ги излупат пиперките, лушпите и семките со црево си ги чистат од дворот, исфрлајќи ги надвор на улицата. Дел од ѓубрето го фрлаат во атмосферската канализација, со што ја затнуваат и така секоја година. Живеам во населба каде што има претежно куќи со дворови, па затоа и имаме голем проблем. Некои од соседите претеруваат со неодговорното однесување. Горат и гуми и разни штици во ќумбињата, со што директно нѐ трујат, а миризбата навистина е неподнослива. Со оглед на тоа што секоја година се расправаме за оваа тема, незгодно ми е да пријавам, бидејќи ќе знае дека јас сум таа што пријавила и ќе настане уште поголем проблем – вели Дивна Димитровска, жителка на скопската населба Чаир.

СЕКОЈА ГОДИНА ИСТО: ОД ВОДОВОДНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ИЗЛЕГУВААТ
СО МОЛБИ И АПЕЛИ

Водоводното претпријатие, со години мака мачи со несовесните граѓани, кои органскиот отпад од зимниците го исфрлаат во атмосферската канализација. Велат дека со тоа предизвикуваат проблем во целата канализациска мрежа, ризикуваат да ја затнат, па при поројни дождови таа нема да биде функционална и нема да ја собира надојдената вода.
– Канализациската и атмосферската канализација не се место каде што се фрла каков било отпад, освен оној за кој се наменети. Затоа апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и отпадоците да ги фрлаат на соодветно место – информираа во една пригода од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Градските власти за овој проблем постојано информираат дека граѓаните што не се однесуваат соодветно го прекршуваат Законот за јавна чистота.
Инспекторите се постојано на терен и претежно ги опоменуваат граѓаните, но може да се случи и да бидат санкционирани прекршителите на законот. Во согласност со законот, казната за овој прекршок изнесува 50 евра во денарска противвредност.