Фото: Игор Бансколиев

По изминати шест месеци откако седна на градоначалничкото место, градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ги претставува најважните капитални проекти што ги реализира во првите шест месеци од водењето на општината. Исто така, тој најавува реализација на уште многу проекти што граѓаните на општината можат да ги очекуваат

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БУТЕЛ, ДАРКО КОСТОВСКИ

Изминаа шест месеци откако седнавте на градоначалничкото место. Што се реализира во овие шест месеци?
– Точно така. Изминаа шест продуктивни месеци со континуирано планирање и димнамична работа во насока на подобрување на перформансите и потенцијалите на локалната администрација со реализација на повеќе од 150 проекти. Во првите два месеца, општината инвестираше 10 милиони денари во образованието и три милиони денари во градинките. Со проектот се набавени 33 интерактивни табли, три целосно опремени нови кабинети по информатика во ООУ „Ацо Шопов“, ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Лиман Каба“, кои за првпат добија информатички кабинети. Во градинките е изградено ново детско игралиште во Бутел 1, опремени се 10 училници со столчиња, масички и шкафчиња, набавени се играчки за клоновите, како и две интерактивни табли специјализирани за претшколска возраст.
Но она што сакам да го истакнам е дека прво што направив на почетокот од мојот мандат, дадов статус на отворена општина за сите граѓани. Досега, преку систем на закажани средби, имам примено 2.000 граѓани во мојата канцеларија, со што се информирав за дел од проблемите на жителите, како и за многу корисни предлози и решенија за кои дадов ветување дека некои од нив во овој мандат ќе бидат реализирани. Во делот на културата реализиравме дваесетина настани и манифестации со кои го промовираме културното наследство и ги издигаме свеста за значењето на вистинските вредностите и културната разноликост во нашата општина.
Мојот главен фокус уште со почетокот на мандатот беше и темелно чистење на општината и акции за почиста животна средина. Имено, целосно се исчистени над 30 депонии на територијата на општината Бутел, поставивме информативни табли на кои се укажува на забраната за фрлање шут и ѓубре на веќе исчистените депонии. Активен е и телефонски број на кој граѓаните на општината Бутел можат да пријават создавање нови депонии или локации. Одлучно и смело се зафативме со ставање ред во урбанистичкиот хаос што ја задушуваше нашата општина во еколошка, социјална и хумана смисла. За само 180 дена, 100 семејства добија решение за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.
Вложувањето во спортот е една од моите суштински определби. За да има развој на спортот, клучни се две компоненти. Прво, постоењето или изградба и одржување на спортската инфраструктура. Второ, поддршката на развојот на спортските таленти, клубовите, меѓународни настапи, поддршка на врвните спортисти и нивно негување и растење. Процесот го почнавме. Изградени се две нови ултрамодерни игралишта за баскет во ООУ „Ацо Шопов“ и во ООУ „Св. Климент Охридски“ со сертифицирана подлога и кошеви од ФИБА, во завршна фаза е изградбата на ново игралиште за фудбал со специјализирана подлога направено по сите меѓународни стандарди, во населеното место Расадник. Континуирано ќе се реконструираат сите спортски игралишта, а онаму каде што е потребно ќе се изградат и нови.

Посебно внимание посветувате и реализирате активности при создавањето нови паркови. Што е досега направено и што допрва ќе се прави?
– Наспроти јасната визија на претходниот градоначалник од општината Бутел да направи бетонизирана општина, ние почнавме со реализација на создавање зелена општина Бутел. Завршен е новиот зелен коридор во населбата Бутел 1, каде што изминатиов период интензивно се работеше на хортикултурно уредување на просторот што со години беше запуштен. Сега овој дел од општината доби нов лик и дополнително зеленило.
Граѓаните на општината Бутел добија и уште еден нов парк со површина од 3.000 квадратни метри во населеното место Расадник. Наскоро за многу брзо започнуваат уште два нови паркови во Радишани, едниот спроти старскиот дом, а другиот на улицата 8. Во наредниот период од мојот мандат ќе бидат изградени два големи паркови, едниот на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош од левата страна гледа спрема населба Радишани. Овој парк ќе биде втор по големина во градот Скопје. Вториот ќе биде во населбата Радишани на третиот влез, спрема Коњичкиот клуб. Ова е јасна порака до сите бутелчани дека ние се грижиме за зеленилото во општината.

Бутел е една од најголемите општини, која има и големи инфраструктурни проблеми, особено кога во прашање се улиците. Дали жителите можат да очекуваат санирање и асфалтирање на сите постојни улични мрежи?
– Најавувам голема градежна експанзија во Бутел. Во овие 180 дена ми беше потребно да ги увидам ситуациите на терен, да се запознаам со проблемите на граѓаните, да ги консолидирам ресурсите и да изготвам детален план за реализација и решавање на овие инфраструктурни проблеми, кои со децении ги мачат граѓаните. Станува збор за изградба и реконструкција на 30 улици во општината Бутел. Целата вредност, која општината ја издвои за овој голем проект, е над 20 милиони денари. Оваа градежна експанзија ќе се одвива етапно низ неколку фази во период од една година. Во првата фаза ќе бидат опфатени над 15 улици. Исто така, во соработка со Град Скопје започнуваме со реконструкција на улицата Бутелска и со реконструкција на улицата Скоевска во должина до 1.800 метри.

Она што жителите го посочуваат како најголем проблем е недостигот од детски игралишта, лулашки и реквизити за забава на најмалите. Какви се плановите во тој поглед?
– Во овие шест месеци успеавме да изградиме две нови игралишта за деца, првото во ООУ „Живко Брајковски“ и второто во градинката во Бутел. Поставивме модерни и безбедни реквизити за детска игра, а паралелно го санираме и просторот околу игралиштата, со цел да им обезбедиме и на нивните родители удобно и пристојно место за релаксација додека нивните дечиња уживаат во играта. Истовремено, вршиме скрининг во состојбата на сите детски игралишта во општината, со цел да интервенираме онаму каде што има потреба, а онаму каде што постои можност и да изградиме нови детски катчиња. Според идните проекти, секое маало во општината Бутел ќе добие свое детско катче за забава на најмладите. Со ова посакуваме да им донесеме насмевка на сите деца, како и да се постават темелите за развој на здрави навики во секоја личност.

На кои проекти ќе се фокусирате во следниот период?
– Покрај големата градежна експанзија во локалната инфраструктурна мрежа, фокус ќе ставиме и на решавање на проблемите со подземната инфраструктурна мрежа, односно канализациска и водоводна мрежа во одредени населени места. Она што со гордост можам да го најавам е решавање на децениските проблеми во општината Бутел – изградба на нова детска градинка „Св. Климент Охридски“, изградба на корито и трим-патека на реката Серава во Радишани, како и трим-патека и на некои други места. Проектирање и, се надевам, оваа година целосна реконструкција на улицата Радишанска.
Во партнерство со граѓаните ќе менуваме фасади и покриви на станбените единици во нашата општина, веќе направивме стратегија како да се изведе тоа. Ќе има голема поддршка за спортот, помош за спортските клубови и стипендии за најуспешните спортисти. Во тек се и подготовките за стипендии за најуспешните ученици во основните училишта за оваа година.
Планирана е изградба на фототермални централи на покривните конструкции на неколку јавни објекти, кои ќе заштедат електрична енергија и ќе имаат позитивен ефект врз животната средина и квалитетот на животот на граѓаните.
Тековните проекти и најавите за нови покажуваат дека сме посветени и продолжуваме да ја градиме општината по патот на развојот.