Импресивна селекторска и судиска кариера

90

Кочовски, откако го напушти активното играње, му остана верен на шахот и својата афирмација ја доживеа како селектор и судија. Тој беше селектор на женската, а потоа и на машката сениорска репрезентација, од 1994 до 2005 година. Двапати беше прогласуван за најдобар селектор во Македонија. Како судија беше на три олимпијади

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (233) ИВАН КОЧОВСКИ (2)

Иван Кочовски е интересна личност во македонскиот шах. Тој е човек што буквално може да одговори на секоја функција во сите организациски сегменти. Прво се истакна како активен шахист, кој учествуваше на многу првенства на Македонија и стигна до титулата ФИДЕ-мајстор. Тој настапуваше и на Купот на Југославија во Пула, каде што најголем успех постигна со Фонографика, која во силната конкуренција го делеше од третото до петтото место. Потоа, настапуваше и на многу меѓународни турнири, од кои посебно ќе се памети неговата победа во Гдиња (Полска), каде што беше супериорен и стигна до првиот бал за интернационален мајстор.
Кога се очекуваше да продолжи со нижење нови резултати, решава да ја прекине таа низа и да се откаже од активното играње. Тоа беше изненадување за шаховскиот свет, но афинитетите на Кочовски одеа на друга страна. Тој прекинува, но не заминува. Напротив и натаму е во шахот, овој пат уште поприсутен отколку во минатото.
– Сакав да се посветам на тренерската и на судиската работа. Почувствував дека тука имам големи можности за докажување и затоа набрзина пресеков. Во периодот кога се распаѓаше поранешната држава, шаховската организација ги надмина сите кризи и благодарејќи на ентузијазмот, не само што стоеше на цврсти нозе туку и се надградуваше. Тоа беше време кога бевме примени во ФИДЕ, па така ни беа отворени вратите за самостојни настапи на сите меѓународни приредби. Некако изненадувачки брзо дојде и моментот, кога во 1994 година требаше да учествуваме на првата Олимпијада во Москва. Јас, кој веќе работев како тренер, бев определен за селектор на женската, а Јован Софревски, искусниот ас, за селектор на машката репрезентација. Тоа беше признание за мене што носеше и голема одговорност. Верував во себе и тргнав по патот на неизвесноста – вели Кочовски.

ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО ПОЧЕТОКОТ НА ОЛИМПИЈАДАТА

Во спортот, не само знаење и умешност, некогаш е потребна и среќа. Е таква среќа за охрабрувачки старт како селектор имаше и Иван Кочовски. Нашиот женски тим, кој го сочинуваа Габриела Косковска, Весна Секуловска и Лидија Софревска-Андоновска, успеа да избори реми, играјќи 1,5- 1,5 со репрезентацијата на домаќинот. Ова беше повеќе од сензација и овој резултат зазема централно место во извештаите од Олимпијадата.
– Тоа беше прекрасен, незаборавен момент. По последниот потег целата сала занеме, беше во недоумица, а потоа одекна силен аплауз. Тоа беше најголема награда за нашите девојки, кои успеаја рамноправно да му се спротивстават на големиот фаворит, репрезентацијата на Русија. Убаво се сеќавам на текот на сите партии. Косковска на првата табла имаше целосна контрола над Зајцева и дојде до победа, Секуловска на втората табла беше поразена од Матвеева, а Софревска ремизира со Ковалескаја. Овој успех беше причина името на нашата земја постојано да се споменува уште во почетокот од Олимпијадата, што беше причина сите да бидеме горди и среќни. Покажавме дека и ние сме земја во која шахот има традиција, а не случајно бевме организатори и на Олимпијадата во 1972 година, кога стариот Скопски саем беше арената на големите борби – вели Кочовски.
По Москва, Кочовски станува селектор и на машката репрезентација, со која учествуваше на следните пет олимпијади. Тој селекторуваше сѐ до 2005 година, период во кој нашите шахисти освоија три медала за поединечните настапи на своите табли. Во Ереван, Трајче Недев, иако беше резерва, на четвртата табла собра толку поени колку што му беа потребни за да освои медал. Во генералниот пласман нашата репрезентација беше 33-та.
– Недев беше најпријатното изненадување на собирот во Ереван. Но не можевме да се израдуваме на успехот зашто токму таму, на таа Олимпијада, нашата шаховска легенда Ристо Ничевски, кој беше во улога на известувач коментатор на МТВ, засекогаш ја напушти животната сцена. Тоа беше тежок удар за сите нас таму, а и за цела Македонија. Ниче, навистина, по многу нешта беше посебен во македонскиот шах – се сеќава Кочовски.
Од следните олимпијади многу радост ни донесе онаа во Истанбул, во 2000 година. Таму го изборивме и највисокиот пласман дотогаш, го делевме од осмото до 11-то место, а Драгољуб Јачимовиќ го освои златниот медал на третата табла. Екипно поуспешни бевме на Олимпијадата во Блед, во 2002 година, кога го делевме од седмото до 11-то место, а две години подоцна во Мајорка – Георгиев за успешните настапи на својата табла го освои третиот медал, сребрен. Со оваа Олимпијада дојде и крајот на моето селекторување, ја завршува олимписката приказна Иван Кочовски.
Инаку, како признание за успешното водење на репрезентацијата во 2002 и во 2003 година беше прогласен за најдобар селектор во Македонија. Потоа кариерата на Иван Кочовски продолжува како судија.

ОЛИМПИЕЦ И КАКО СУДИЈА

Ретко кој судија од Македонија, во кој и да е спорт, може да се пофали со толку арбитражи на најголемите светски приредби, како Иван Кочовски, кој е носител на меѓународна Б-лиценца. Можеби, што се однесува до судењето, чекор до него или пак нешто пред него се ракометните тандеми М. Начевски – Д. Начевски, во минатото, и Николовски – Начевски, во сегашноста. Интересно за Кочовски е што по освојувањето на титулата ФИДЕ-мајстор и победата на турнирот во Гдиња во 1988 година, шаховските експерти му прогнозираа убава иднина. Но тој и во моментите на постигнувањето на најдобрите резултати се колебаше дали да продолжи со активно играње или да се определи на тренерскиот, а потоа и на судискиот позив.
– Откако завршив со улогата на тренер и селектор, нешто во мене како да ми говореше оти улогата на судија ќе ме задржи во шахот, а ќе ми донесе и нови задоволства. Инаку, судењето ме привлекуваше уште кога бев активен играч. Затоа решив да ја испробам среќата во овој сегмент од шахот. Да бидам искрен, во ниту еден момент не се поколебав што направив нова „рокада“. Напротив, тргнав со сиот елан да се докажам и во оваа област. Меѓутоа, како некогаш кога почнав да играм, и тука требаше да се почне од почеток. Но за разлика од тогашниот старт, кој беше буквално почетнички, како судија имав олеснителна околност што долги години пред тоа убаво го имав почувствувано шаховскиот амбиент и тоа искуство го искористив кога зачекорив на судиската сцена. Многу ми помогна и фактот што како млад бев демонстратор на партиите дури и меѓу светските асови (Средбата на солидарноста), па, така, знаев како да се однесувам. Едноставно ја чувствував потребата на секој шахист, знаев брзо да реагирам зашто во текот на играта има шахисти на кои им пречат многу работи. На еден не му чини светлото, на друг шетањето на публиката покрај таблите, на трет вревата во салата итн. Така, сега како судија требаше нечујно, без бука, смирено да ги решам сите тие нешта. Мора да кажам дека во тоа бев успешен и се справував со сѐ што се појавуваше како проблем – вели Кочовски.
Кочовски брзо напредуваше како судија и веќе откако ја доби Б-лиценцата стана почитуван меѓународен судија. Така, во својата судиска биографија запиша три олимпијади, во Тромсо во 2014 година, во Баку во 2016-та и во Батуми во 2018 година.
– Повторно, овој пат како судија, го почувствував духот на олимпизмот и се вратив во времето кога на овие врвни собири ја водев нашата репрезентација. Верувам дека и во иднина ќе имам шанса да бидам олимпиец, а само да кажам дека последно судење на голем шаховски настан ми беше Купот на европските шампиони во Охрид, во 2021 година. Задоволството ми беше уште поголемо што тука настапи и повеќекратниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен – вели Кочовски.
За сите овие шаховски ангажмани Иван Кочовски е носители на државната награда „8 Септември“. Ова беа само извадоци од кариерата на една од највпечатливите македонски шаховски личности. Инаку, за да се опише целосно неговата кариера ќе треба да се напишат уште многу, многу зборови и реченици.