Анчелоти стана првиот тренер со четири титули европски првак. На овие четири трофеи, тој придодава и уште два освоени како фудбалер, а тој од годинава е и првиот тренер што освоил домашна титула во сите пет најсилни домашни европски првенства. Од другите рекорди, од саботата, покрај Роналдо, сега има уште осум петкратни победници на ЛШ

ФУДБАЛ – НОВ ТРЕНЕРСКИ РЕКОРД НА ГОЛЕМИОТ СТРАТЕГ

По финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за годинава беа испишани неколку нови поглавја во историјата на ова натпреварување. Така, со титулата освоена со Реал Мадрид сезонава, Карло Анчелоти стана првиот тренер со четири титули европски првак.
Анчелоти ги освои првите две титули како кормилар на Милан, во 2003 и во 2007 година, а потоа уште две со Реал Мадрид, во 2014 и во 2022 година. На овие четири трофеи, тој придодава и уште два освоени како фудбалер, со Милан, во 1989 и во 1990 година.
– Не можам да верувам дека освоив четири титули во Лигата на шампионите. Беше тежок меч, но на крајот, со сите натпревари што ги одигравме, мислам дека заслуживме да го освоиме ова натпреварување. Ова беше најтешката титула во Лигата на шампионите што некогаш сум ја освоил – вели Анчелоти за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Тој годинава стана и првиот тренер што освоил домашна титула во сите пет најсилни домашни европски првенства, во Италија (со Милан во 2004 година), Англија (со Челси во 2010 година), Франција (со ПСЖ во 2013 година), Германија (со Баерн во 2017 година) и во Шпанија (со Реал Мадрид годинава).
До саботата, Кристијано Роналдо беше единствениот фудбалер во Лигата на шампионите што го освоил турнирот пет пати, но откако неговиот поранешен клуб Реал Мадрид го победи Ливерпул со 1-0 Роналдо сега е еден од деветте петкратни победници на натпреварувањето, пишува ЕСПН.

Герет Бејл, Карим Бензема, Касемиро, Дани Карвахал, Иско, Тони Крос, Марсело и Лука Модриќ го изедначија рекордот на Роналдо, пишува ЕСПН. Бензема, Касемиро, Карвахал, Крос и Модриќ го почнаа саботното финале, а Бејл, Иско и Марсело останаа на клупата за резерви. И покрај тоа што не настапи во финалето, Марсело беше првиот што го крена трофејот по финалето во Париз. Бразилскиот лев бек сезонава беше капитен на Реал Мадрид.
Откако најсилното европско клупско натпреварување се ребрендира во ЛШ, Роналдо освои четири од своите титули во ЛШ со Реал Мадрид, а една има со Манчестер јунајтед, во 2008 година. Крос беше европски шампион со Баерн во 2013 година, пред да освои четири титули со Реал Мадрид. Другите седуммина ги освоија сите пет титули со Реал Мадрид.
Вкупно, заедно со натпреварувањето што претходно се викаше Куп на шампионите (од 1956 година), најмногу титули како фудбалер има Франциско Генто, шест, сите со Реал Мадрид (во 1956, 1957. 1958, 1959, 1960 и во 1966 година).


ЕВРОПСКИТЕ ТРОФЕИ НА АНЧЕЛОТИ

КЛУБ   ГОД. УЛОГА
Милан 1989 фудбалер
Милан 1990 фудбалер
Милан 2003 тренер
Милан 2007 тренер
Реал М. 2014 тренер
Реал М. 2022 тренер


ТРЕНЕРИ СО НАЈМНОГУ КОНТИНЕНТАЛНИ ТИТУЛИ

Карло Анчелоти 4, по две со Милан и со Реал Мадрид
Боб Пајсли 3, сите со Ливерпул
Зинедин Зидан 3, сите со Реал М.