Постигнавме нешто што никој не го очекуваше од нас во почетокот на сезоната. Многу сме среќни. Бев многу уверен, бидејќи го знам односот на овие играчи, особено на вакви натпревари. Самодовербата што ја имавме на натпреварот ни помогна да победиме, рече тренерот Анчелоти, по победата на Реал Мадрид на мечот со Ливерпул, со 1-0, во финалето на ЛШ за сезонава, по што шпанскиот гигант има двојно повеќе европски титули од кој било друг клуб

ФУДБАЛ – РЕАЛ МАДРИД ЈА ОСВОИ 14-ТА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

Реал Мадрид ја освои 14-та европска фудбалска титула, откако победи во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во Париз, на мечот со Ливерпул, со 1-0. Годинашниот европски триумф на Реал Мадрид е изграден со драма и со неверојатни пресврти, по што шпанскиот гигант има двојно повеќе европски титули од кој било друг клуб.
Тимот на тренерот Карло Анчелоти ја заокружи сезоната како првак на Европа, по извонредна кампања. Губејќи со 2-0 од Пари сен Жермен вкупно во осминафиналето, Реал Мадрид постигна три гола во период од 17 минути до крајот на вториот дел. Тој, исто така, губеше од ланскиот првак Челси со вкупно 4-3 во завршните фази од нивното четврт-финале пред Родриго да постигне гол во 80-та минута за да изнуди продолженија, а потоа се пласира понатаму со вкупно 5-4, со голот на Карим Бензема во 96. минута. И тогаш следуваше пресвртот на сите пресврти со нивното полуфинале против Манчестер сити, пишува „Би-би-си“. Реал Мадрид губеше од тимот на Пеп Гвардиола со вкупно 5-3 со само една минута до крајот на регуларните 90 минути од реваншот, но потоа Родриго постигна два гола за ново продолжение. Бензема, кој сезонава постигна седум гола во Лигата на шампионите против англиски тимови, потоа со гол од пенал го испрати тимот на Анчелоти во финалето во Париз. И против Ливерпул во финалето, Реал Мадрид претрпи силен притисок од тимот на Јирген Клоп, но победи и покрај тоа што имаше два шута во голот, пишува „Би-би-си“.

– Постигнавме нешто што никој не го очекуваше од нас во почетокот на сезоната, а тоа го направивме благодарение на нашиот квалитет, нашата посветеност, нашата историја, сѐ. Многу сме среќни. Бев многу уверен, бидејќи го знам односот на овие играчи, особено на вакви натпревари. Самодовербата што ја имавме на натпреварот ни помогна да победиме. Тимот беше принуден да се бори поради фактот што никој не веруваше дека можеме да ја освоиме. Направивме добра атмосфера и заслуживме да победиме во ова натпреварување. Имавме тешки моменти, но никогаш не се откажавме. Клучот беше да не им се даде простор на нивните тројца напаѓачи. Победивме, заслужено, против одличната екипа, која не загуби многу натпревари сезонава – рече Анчелоти, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Ливерпул имаше повеќе шанси за гол, еднаш ја погоди и стативата, но шпанскиот првак славеше со голот на Винисиус Жуниор во 59. минута, а голманот Тибо Куртоа беше прогласен за најдобар фудбалер на мечот.

– Проблемот е кога играте против Реал Мадрид и тие играат толку длабоко, нивната закана од контранапад е огромна. Видов многу добри работи, но тоа не беше доволно. Го прифаќаме тоа. Тие постигнаа гол, а ние не, тоа е најлесното објаснување во светот на фудбалот. Сурово е, но секако го почитуваме тоа. Кога голманот е играч на натпреварот, нешто оди наопаку. Куртоа направи три неверојатни одбрани, но би сакал да имам повеќе такви шанси. Во последната третина некои од нафрлувањата што ги направивме кон Куртоа немаа многу смисла – вели за интернет-страницата на УЕФА Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.


ФУДБАЛСКИ КУПОВИ НА УЕФА
Шесте европски трофеи за шест клуба од шест земји

Шесте трофеи во европските клупски натпреварувања, во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА), мажи и жени, годинава ги освоија тимови од шест земји. Така, европски прваци се Реал Мадрид од Шпанија во машка конкуренција и Лион од Франција во женска. Во преостанатите два купа на УЕФА за сениори, Ајнтрахт од Германија е победник на Лигата на Европа, а Рома од Италија на Лигата на конференциите. Во Суперкупот на УЕФА победи Челси од Англија. Во младинската Лига на шампионите за фудбалери, пак, титулата ја освои Бенфика од Португалија. Вкупно во шесте финалиња играа тимови од девет земји (уште од Холандија, Шкотска и од Австрија).


КЛУБОВИ СО НАЈМНОГУ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ

Реал Мадрид 14
Милан 7
Ливерпул 6
Баерн 6
Барселона 5
Ајакс 4


ПОБЕДНИЦИ ВО КЛУПСКИТЕ НАТПРЕВАРИ НА УЕФА СЕЗОНАВА

КУП МАЖИ ЖЕНИ
Лига на шампионите Реал, Шпанија Лион, Франција
Лига Европа Ајнтрахт, Германија –
Лига на конференциите Рома, Италија –
Суперкуп на УЕФА Челси, Англија –
Младинска ЛШ Бенфика, Португалија –