Со партнерите од Ново Брдо – Косово во истоименото населено место беше презентиран проектот што е од големо значење за двете општини, а се однесува на изградба на колектор и станицата за третман на отпадните води во населеното место Орман, во скопската општина Ѓорче Петров.
Ова е најзначајна инфраструктурна инвестиција финансирана од овој прекуграничен проект, со кој се воведува комплетно нова услуга за жителите од ова населено место.
Станува збор за капитален проект, чие позитивно влијание е од регионална важност и значење.
– Во селото Орман истовремено се работат проекти што имаат цел урбанизирање на средината и конечно создавање услови за квалитетно секојдневие. Новата примарна и секундарна фекална канализациска мрежа во ова населено место во пакет со новиот колектор за прифаќање отпадни води се чекор напред во осовременување на постојните услови за живеење на моите сограѓани – изјави градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Според него, преку партнерски пристап и заемно вложување се решаваат регионални предизвици. Слично како во општината Ѓорче Петров, во Ново Брдо се воведува нова услуга за организирано собирање и управување со цврст отпад преку набавка на опрема.
Проектот е финансиран од програмата за прекугранична соработка ИПА II 2017 и 2018 на Европската Унија преку Европската комисија, а кофинансиран од министерствата за локална самоуправа на Република Македонија и буџет на Општина Ново Брдо.