Фото: Игор Бансколиев

И пред аферата со меѓусебни обвинувања на суспендираната обвинителка Рускоска и директорот во оставка на Финансиската полиција, Муареми, македонската јавност остана (најблаго кажано) зачудена од спогодбите, кои наликуваа на трговски зделки што ги постигна Обвинителството за организиран криминал и корупција со главните обвинети во клучните предмети преземени од СЈО. Суспензијата на доскорешната шефица на ООКК, Вилма Рускоска, по жалба на директорот на Финансиска полиција за незаконски претрес во неговата институција, повторно ги стави под лупа капацитетите на Обвинителството да го открива патот до правдата низ лавиринтите на политичката моќ и влијанија

Обвинителски трилер-заплети,
кулминации и перипетии

Каков би бил среќниот крај на добро разработено сценарио во правно-криминалистичкиот жанр? Соодветниот одговор со кој сигурно би поминале на секој квиз за општа култура, па дури и на приемен испит на правен факултет, или на високообразовна институција од сценско-драмско-литературен карактер, е едноставен: среќен крај е кога победува правдата!
Предизвикот на Македонија за постигнување на точката во својот демократски развој и градење правосуден систем во кој нема да има сомнежи за правдата, се чини како постојано да влегува во нови заплети, кои ја заматуваат визијата за правната држава.

Проф. Ана Павловска-Данева: Несоодветен начин за спроведување на идејата „Нема правда, нема мир“

Актуелниот случај на суспензија на до неодамна шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, како и дисциплинска постапка за три обвинителки од истата институција, на што претходеше (и беше причина за суспензијата) судирот во јавноста со в.д. директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, во македонската јавност доби димензија на продолжение на аферите што доведоа до неславен крај на некогаш славното и неприкосновено специјално јавно обвинителство. Истовремено, заплетот на оваа афера ја активираше погласно, хроничната загриженост во македонското општество дали воопшто постои (политичка) волја и правно-принципиелен капацитет за справување со организираниот криминал и високата корупција.
Професорката на Правниот факултет при УКИМ, Ана Павловска-Данева, смета дека новите настани што се случуваат околу Обвинителството, откако по суспензијата на шефицата на ОЈО за организиран криминал со него ќе раководи обвинителката Лиле Стефанова, е несоодветен начин за спроведување на идејата „Нема правда, нема мир“.
– Формирано специјално јавно обвинителство чија шефица е осудена за корупција, а Обвинителството укинато. Обвинителство за организиран криминал привремено го раководи обвинителка од растуреното и укинато СЈО зашто нејзината нова шефица од организиран криминал е суспендирана поради грешки во постапка против висок владин функционер. Малку несоодветен начин за спроведување на идејата „Нема правда, мема мир – напиша професорката Данева.
Регистрирањето карактеристични настани низ „хрониката на обвинителската практика во Македонија“, од независноста до денес, потсетува дека причината за создавање и практично реализирање на идејата за специјални обвинителски институции (како некогашното СЈО и сегашното Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во рамките на Основното јавно обвинителство) потекна од општествените состојби кога „уставно предвидениот, редовен обвинителски систем не преземаше активности и не отвораше постапки“ за што законски мораше да презема. На пример, за основите на сомневање, односно индициите што ги изнесуваше и јавно обвинуваше тогашната опозиција (пред седум години) за незаконското владеење на власта во тој период… Всушност и препознатливот слоган на граѓанските протести под името Шарена револуција, од тоа време беа: „Нема правда, нема мир“. Подоцнежниот тек на настаните, и по промената на власта, покажа граѓанско-разочарувачка неспособност на новоформираната институција СЈО, за обезбедување докази за извршени кривични дела. СЈО сега е расформирано, а неговите предмети ги презема Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. И пред аферата со меѓусебни обвинувања на суспендираната обвинителка Рускоска и директорот во оставка на Финансиската полиција, Муареми, македонската јавност остана (најблаго кажано) зачудена од спогодбите, кои наликуваа на трговски зделки што ги постигна Обвинителството за организиран криминал и корупција со главните обвинети во клучните предмети преземени од СЈО. Суспензијата на доскорешната шефица на ООКК, Вилма Рускоска, по жалба на директорот на Финансиска полиција за незаконски претрес во неговата институција, повторно ги стави под лупа капацитетите на Обвинителството да го трасира патот до правдата низ лавиринтите на политичката моќ и влијанија.

Сотир Костов: Поширок и потесен контекст на судир на интереси и моќ

– Во случајов, со суспензијата на обвинителката Рускоска и обвинувањата на релацијата Обвинителство – Финансиска полиција, станува збор за поширок и потесен контекст на судир на интереси и моќ. Поширокиот контекст е пресметка меѓу обвинителско-политичко-полициски елити и структури. Не можејќи да се справат со организираниот криминал и корупција, од причина што и самите се директни учесници во таквите незаконски дејства, едни на други си подметнуваат. Врвната несоработка меѓу Обвинителството и Финансиската полиција се претвори во борба на обвинителските суети и пресметка на постигнување одредени амбиции, позиции и интереси на актерите инволвирани во аферата, секако, на штета на кредибилитетот на институциите што ги водеа или сѐ уште ги водат. Наместо да соработуваат во интерес на справување со високата корупција и организираниот криминал, тие меѓусебно, вербално и со обвинувања се пресметуваат во јавноста – вели поранешниот јавен обвинител Сотир Костов.
Според информациите за случајот, презентирани во јавноста, Костов цени дека разрешената обвинителка Рускоска била во право, но поради процедурални пропусти во истрагата била жртвувана, односно суспендирана од јавниот обвинител Јовевски. Од обвинителската практика, Костов посочува дека кога се бара налог за претрес, највисоко ниво на потребни предуслови се јасни индиции за кривично дело и можност за прикривање докази, додека понатаму собраните докази, аргументи и факти се за пред судот. Исто така, поранешниот јавен обвинител смета дека ваквите пресметки меѓу институциите за гонење на организираниот криминал и висока корупција воопшто не придонесуваат за зголемување на довербата на јавноста во правосудните органи на државата, која според последните анкети е 8 отсто.
– Кога сега би се спровела анкета за довербата во правосудството, верувам дека не би била ни 8 отсто, туку би била поблиску до нулата, особено е девалвирана институцијата на јавнообвинителската професија и институцијата за гонење на финансискиот криминал – смета Сотир Костов.