Фото: Принт-скрин

Книгата „Грчката граѓанска војна во австралискиот печат 1946-1948“ на почесниот македонски конзул и долгогодишен активист во македонската заедница во Австралија, Зоран Ќосески, дава увид во следењето на грчката граѓанска војна, што претставува еден од најтрагичните настани во поновата историја на македонскиот народ, во австралиската јавност. Во продолжение пренесуваме извадоци од книгата.

Се проценува дека во денешна Австралија живеат повеќе од 100.000 Австралијци од македонско етничко потекло, иако постојат и други податоци во македонската заедница, според кои се надминува бројката од 200.000. Голем дел од овие жители пристигнаа во еден масовен егзодус, по граѓанската војна во Грција (1946-1949), кога илјадници етнички Македонци беа прислени да ги напуштат своите родни огништа и да ја бараат својата судбина во прекуокеанските земји. Што тогаш читаа и што знаеја Австралијците за грчката граѓанска војна, претставуваше предизвик за мене. Одговорот го побарав во државната библиотека во Перт една од најстарите и најубавите во Западна Австралија.

Со само влегување во библиотеката нестрпливо влегував во просторија со микрофилмуван материјал и со таков ентузијазам ги поминав сите снимени страници, се додека дојдов до бројките од 1946 година, кога започна една од најголемите и најтрагичните мигови на македонскиот народ во неговата понова историја.

Познато е дека граѓанската војна во Грција имаше имаше голем одглас во јавноста во Европа и Америка, но и одгласот во Австралија бил мошне голем, за што придонесе бројните специјални дописници на европските весници од самото војно боиште во Беломорскиот дел на Македонија, а што е најважно сите овие вести во Австралија ги пренесувала новинската агенција „Ројтерс“.

Првите вести за почетокот на Граѓанската војна

Во 1945 и 1946 речиси сите австралиски весници објавуваат главно кратки вести за немирите во Грција. Еден од најинтересните написи што го објави весникот „Вест Аустралијан“, го појаснува целото македонско прашање, е позајмен од британските весници на 22 септември, под наслов Федерален систем и во него пишува дека „Во изминатите 30 години Македонија секогаш била главно сопирништво помеѓу српските и бугарските националисти, но сега Македонија има статус на држава и сопствениот народ се признава како посебна нација”.

„Оваа нова политика е доказ за конструктивниот обид за решавање на на македонското прашање кое досега донесло три војни на балканот и продолжено угнетување на македонскиот народ”, пишува весникот. Во истиот напис се подвлекува дека во новата југословенска федерација, Словенија и Македонија се посебни нации со свои различни јазици и дека Македонците, по 30 години угнетување од страна на Белград и Софија, се премногу чувствителни на било какво мешање однадвор против нивниот етнос и дека развојот на македонската нација на Балканот е во полн ек.

Еден од водечките австралиски весници „Сиднеј морнинг хералд“ кој се печати во Сиднеј, во најавата за ситуацијата во Грција пишува дека во ноември 1946, грчката војска се мобилизира поради постојните битки во Македонија и дека гувернерот за Северна Грција (читај: Македонија), со министерот за одбрана, М. Драгоумис допатувале во Северна Грција за од прва рака да ја разгледале ситуацијата со започнатите партизански активности, бидејќи телеграфската комуникација со Македонија била саботирана од страна на партизаните.

Во истиот весник се јавува и за грчкиот меморандум испратен до Обединетите нации во Њујорк, во кој грчката Влада ги обвинува Југославија, Албанија и Бугарија за 33 инциденти кој се случиле на грчката граница помеѓу 9 и 19 септември 1946. Од сите страни ситуацијата заслужува сериозно разгледување, бидејќи вооружени чети на автономистите со помош на Е.Л.А.С (Народно-ослободителна Армија на Грција) се со цел да ја зацврстат цела грчка Македонија вклучително и Солун како независна и самостојна македонска држава.

„Вест Аустралијан“ на 21 ноември 1946 известува дека герилците /партизаните по тешки борби со грчката војска, ослободиле повеќе од 100 села во областа Гревана и прогласиле „слободна зона”. „Фактот дека востанички весници се печатат во оваа зона и дека се собирале даноци од населението е доволен доказ со каква намера биле овие востаници”, пишува весникот.

Изгледа токму тоа ја плашеше тогашната грчка влада и во Солун допатува што поскоро грчкиот премиер М. Цалдарис и пред илјадници народ изјавил дека дошол на македонското население да му ги пренесе поздравите од кралот, кој иако бил надовор од земјата, никогаш не си ја заборавил саканата Македонија.

– Ние мора интензивно да работиме против оние анархисти бидејќи токму тие сакаат да ја искориста приликата за да се добилижат на Егејското Море – рекол премиерот Цалдарис.

Во истиот весник, на 7 јануари 1947, се наведува податок позајмен од британските весници од незнаен новинар, и меѓу другото пишува дека во Грција, како и во другите балкански држави, политичкиот живот е ограничен со меѓународни прописи и дека во последните девет месеци во Македонија и Тракија, движењето на Македонците се засилува, бидејќи како што вели самиот автор, претходно тој лично ги прошетал Македонија и Тракија и бил убеден дека силите на движењето биле 4.000 партизани. Во јануари 1947 силите броеле над 7 000 партизани и причините за ова значајно зголемување на бројноста на партизаните на ЕЛАС, била во негативната реакција на народот против репресивните мерки што ги презела Владата, затоа што се сомневала дека населението во Македонија им помагало на едниците на ЕЛАС и дека во селото Вапсори блиску до Костур, како што пишува весникот, „во почетокот на ноември минатата година се ооформил комитет во состав од три членови на СНОФ (Словенски Народно ослободителен Фронт) и три членови на грчката Комунистичка партија”. Во своите партизански акции СНОФ е со барање за автономна Македонија, што предизвика и големи внатрешни расправии и проблеми во самата грчка Комунистичка партија во која има и противници за било какво македонско автономно движење, пишува незнаениот британски автор.

Област Слободна Македонија

На 25 јули 1947 во сите австралиски весници се пишува за областа „Слободна Македонија”. Единиците на ЕЛАС се подготвуваат за ослободување на територија од Коница до Метсово и Северно до Гревена, Костур и Лерин. Комунистичкиот весник Ризоспастис според весникот Тхе Wест Аустралиан, јавува дека седиштето на новата влада во оваа област требало да било во близина на Скопје, од каде т.н Слободна Влада би можела да избега ако се појави потреба. Во тој момент се користела и новата радио станица наречена „Слободно македонско движење”, пишува истиот весник.
Како една од од најударните надворешно-политички вести, грчката граѓанска војна се појавува и во весникот „Дејли њуз“ кој објавува напис под наслов Востаничка Влада. Написот вели дека Комисијата на ОН заминала од Солун за Коница за да ја разгледа ситуацијата и дали би дошло до признавање на новата револуционерна Влада на генералот Маркос. По патувањето на самите боишта, Комисијата на О.Н на чело со полковникот Константинос Влахос им препорачува на ОН дека не треба да се признае Владата на Маркос, бидејќи тоа било движење насочено против една демократска влада на земја која е членка на ОН и признавањето би претставувало опасност за меѓународниот мир и поредок.

Американска помош

„Вест Аустралијан“ пишува дека на 14 август 1947, САД ја спровела резолуцијата донесена во Советот за Безбедност на ОН дека ќе и помогне на грчката влада од претстојна опасност. Првите американски бродови полни со оружје и друга воена помош за грчката војска веќе пристигнале во Солун. Истиот ден, веднаш по прес-конференцијата на директорот на Американската мисија за распоредување на оваа помош, се собрале дури осумина уредници на тогашните весници кој се издавале во Солун во тоа време, и сите биле едногласни дека мешањето од, како што велат тие, „словенските држави на север”, била главната причина за тогашната состојба во Грција. Како и дека истите тие држави им давале помош и засолништво преку границата на повеќе од 15 000 востаници и дека со новата американска помош, истите ќе биле имобилизирани во наредните три месеци, заклучува весникот.

Понатаму, „Вест Аустралијан“ се повикува на изјавите на тогашните грчки весници што се издаваа во Солун, кои заклучувале дека ако не било ова востание, тие ќе ја направеле Македонија – „Мала Калифорнија” без англо-американска помош и дека тоа се покажало во дело, кога по доселуувањето на 1.500.000 грчки бегалци од Мала Азија во 1922, тие за само три месеци живееле многу добро во Македонија. На 5 јануари 1948 сиднејскиот весник „Сиднеј морнинг хералд“ јавува дека американската морнарица испратила незнаен број маринци и војни бродови во Медитеранот како доказ за американската помош на грчката Влада, против тогашните востаници кој беа наречени комунистички.

Каде сте Македончиња

Во пролетта 1948, австралиските весници почнуваат да јавуваат за децата-бегалци и на 4 март 1948 весникот „Сиднеј морнинг хералд“, под наслов „Востаниците ги земаат децата“ пишува дека грчката Влада протестирала до Балканската комисија при ОН, поради насилното грабнување на 7.000 деца од 59 села во возраст од 3 до 14 години кои биле испратени во социјалистичките земји. Истиот весник на 12 март 1948 пишува: „Грчкото востаничко радио јавува дека многу грчки родители си ги предале своите деца затоа што сакале да ги спасат од очекуваната смрт и повеќе да се концентрираат на напорите во војната”.

Со силни обвиненија дека насилно биле грабнати малите деца, грчката Влада оди дури и во ОН, тврдејќи дека Романија, Бугарија, Чекословачка, Полска, Унгарија и Албанија биле виновни за вакво грабнување, пишува австралискиот печат во март 1948. Обединетите Нации одговорија со испраќање на своја комисија за да ги разгледа овие сериозни обвиненија од грчката Влада, пишува весникот. Според „Сиднеј морнинг хералд“, Комисијата на ОН била составена од британски, француски и бразилски делегати и во еден друг напис се подвлекува дека го посетила селото Лефки (Костурско) веднаш до албанската граница и дека ова село, како и многубројните други села во околината, е населено од припадници на (словенско) односно македонско говорно подрачје, чија лојалност кон Грчката држава била доведена во прашање.

Заклучок

Македонскиот народ во својата долговековна историја поминал низ многу тешки и сурови времиња и ги надживеал безбројните царства и окупатори, но покрај Балканските војни од 1912-1913, Граѓанската војна во Грција претставува една од најтрагичните епохи во поновата историја за нас Македонците.